Македонија
Отворен нов дневен центар за стари лица во Чашка
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска присуствуваше на отворањето на дневниот центар за стари и возрасни лица во село Извор, Чашка.
„Со отворање вакви дневни центри работиме на јакнење на социјалните услуги и за постарите лица. Ова се луѓе кои се грижеле за нас и го граделе нашето општество. Сега е наш ред да се грижиме за нив и да им овозможиме достоинствен и исполнет живот. Токму тоа го правиме со отворање на дневните центри, коишто нудат еден заеднички простор за дружба и рекреација за повозрасните лица“, изјави Царовска.

МТСП го отвори дневниот центар за стари и возрасни лица во соработка со Општина Чашка. За таа цел општината отстапи на користење сопствени простории, а Министерството целосно го реконструираше просторот и набави комплетна опрема со вкупна инвестиција од 900 илјади денари. Во дневниот центар ќе биде обезбеден и топол оброк за социјално загрозените лица од Народна кујна Велес.
Дневниот центар е наменет за унапредување на квалитетот на живот и развивање на меѓусебната социјализација на повозрасните граѓани. МТСП продолжува да работи во насока на обезбедување подобри услови за повозрасните, како и помош на ранливите категории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ се распаѓа на сите нивоа, уште еден член ја напушти партијата
По пратеникот во Собранието Миле Цеков, уште еден член на ЗНАМ го напушта владејачкото мнозинство, овој пат советничката Мирјана Стеваноска на ЗНАМ во Советот на општина Прилеп, велат од СДСМ.
„Оваа група, создадена од Максим Димитриевски, а финансирана од Мицкоски и ВМРО-ОКГ со единствена цел растурање на СДСМ, прво ја предаде својата матична партија, а потоа и своите гласачи со влегувањето во тендер коалицијата со најголемиот непријател на Македонија – криминалната организација ВМРО-ОКГ. Како што самиот пратеник Цеков јавно кажа дека ЗНАМ ги изневери своите избирачи и дека не исполнил ништо од предизборните ветувања, сега тоа го гледаат и останатите членови“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека веруваат дека постојат уште луѓе во ЗНАМ кои биле измамени и кои не биле водени од личен интерес, туку од интересот на граѓаните на Македонија.
„На нив им порачуваме: не останувајте како соучесници и соработници во најголемото предавство на земјата заедно со криминалната група. ЗНАМ се распаѓа. Останува само празна школка која ВМРО-ОКГ ја користи за своја пропаганда и напади врз СДСМ. Затоа повеќе не постојат во истражувањата, останаа само статистичка грешка. Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“, велат од СДСМ.
Македонија
Сељатин Бељули е именуван за државен секретар на МЖСПП
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари средба со новоименуваниот државен секретар Сељатин Бељули, при што му посака успешна работа во Министерството.
Бељули има повеќедецениско искуство во државната администрација. Во текот на својата кариера ја извршувал функцијата директор на Агенцијата за вработување, како и државен секретар во Министерството за образование и наука. Тој е дипломиран педагог на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Министерот Хоџа истакна дека искуството и професионалноста на Бељули ќе придонесат за ефикасно функционирање на институцијата и успешно реализирање на приоритетите на Министерството.
Македонија
Поднесено обвинение за обезбедувачот на Мицкоски кој ја давеше сопругата
Обвинителството поднесе обвинение за телесна повреда против обезбедувачот на премиерот, Христијан Мицкоски, кој ја нападна својата сопруга.
Според наводите во обвинителниот предлог, обвинетиот, по претходна вербална расправија во семејниот дом, физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја по лицето и главата пред нивната малолетна ќерка, по што ја фатил за вратот и започнал да ја дави. Со дејствијата на обвинетиот, на оштетената ѝ биле нанесени телесни повреди и предизвикана психичка вознемиреност.
Оштетената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил нејзиниот мобилен телефон. Заедно со ќерката побарале помош кај сосетка, која ги примила во својот дом.
Со обвинителниот предлог е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да стане недостапен на органите на прогонот, како и поради постоење реални околности дека може да го повтори делото. При тоа е земено предвид дека обвинетиот живее во заеднички семеен дом со оштетената и нивната малолетна ќерка, пред чии очи било извршено насилството.
