Македонија
Откажани сите прегледи на Клиника за 7 мај, пациентите да се упатуваат во „8 септември“ и „Св. Наум Охридски“
Поради посетата на папата Франциск на 7 мај, вторник, Министерството за здравство апелира до сите граѓани да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември” (Воена болница), за сите здравствени потреби, како и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, поранешна Градска болница, за сите потреби поврзани со дигестивна хирургија, трауматологија, ортопедски болести, реанимација и интензивно лекување, урологија и неврохирургија. Овие здравствени установи ќе бидат со полн капацитет и полна мобилност тој ден, со цел да одговорат на потребите на граѓаните.
Од Министерството соопштија дека Клиничкиот центар останува отворен, што значи дека сите граѓани со итни потреби до кои нема да стигне апелот за користење на болниците „8 септември“ и „Св. Наум Охридски“ и кои сепак ќе се упатат кон Клинички, ќе бидат прифатени и ќе добијат интервенција.
Исто така, граѓаните можат да се упатат кон Клиничкиот центар и за сите услуги на Клиниката за детски болести и на Клиниката за гинекологија и акушерствo.
Поради посебниот режим на сообраќај, приватните возила нема да имаат пристап до паркинзите на Клинички центар, и кон него ќе се пропуштаат само возилата на Итната медицинска помош.
Забраната за пристапување со приватни возила во кругот на Клинички центар, ќе почне на 6 мај во 18 часот и ќе трае 24 часа, поточно до 18 часот на 7 мај.
Министерството за здравство информира дека поради посебните протоколи поврзани со посетата на Папата, сите редовни прегледи на клиниките во Клиничкиот центар кои граѓаните ги имаат закажано за 7 мај во рамките на „Мој Термин“, ќе бидат презакажани во најбрз можен рок, во деновите почнувајќи од 08 мај.
„Министерството за здравство ги замолува пациентите за разбирање и ги известува дека ќе ги задолжи Универзитетските Клиники да ги информираат пациентите за најбрз можен термин за одложениот преглед, односно хируршка интервенција“, велат од Министерството.
Од таму уверуваат дека за време на посетата на папата Франциск, пациентите од целата држава непречено ќе ги добијат сите потребни здравствени интервенции и со посебен план на министерството, соодветно ќе се одговори на сите итни медицински потреби на граѓаните.
„Притоа, Клиничкиот центар во Скопје ќе биде прилагоден на посебните меѓународни стандарди кои се применуваат во сите земји кои ги посетува Папата, со цел најпрофесионално и најбрзо да се одговори на евентуални медицински потреби на високата делегација предводена од Папата. Паралелно, Министерството за здравство изработи посебен план со кој ќе им овозможи непречена здравствена заштита на сите граѓани кои ќе имаат потреба“, велат од МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.
Македонија
Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи
Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските избори освои само 8.103 гласа, односно 0,90 %. Тоа е помалку од бројот на собрани потписи за претседателската кандидатура зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски во неговата општина освои 2.143 гласа, а во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Тој вчеравечер призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Силјановска-Давкова. Додаде дека не е задоволен од изборниот резултат.
Поразот на Јакимовски вчера беше главна тема на социјалните мрежи.
Стевчо Јакимовски ни комшиите не го гласале. Пошо да го гласаа ќе тепаше у прв круг.
— Ракун (@HumoroidM) April 24, 2024
Стевчо има повеќе квадрати во една општина свои отколку гласови
— БУГАРСКИ ПАСОШ🇲🇰 (@NemamBgPasos) April 24, 2024
Стевчо им се заблагодари на сите коишто гласаа за него… поединечно
— Dimano (@dimanovski) April 24, 2024
И доктортот Нико Беќаровски за него објави хумористичен статус.
„Стефчо Јакимовски собра повеќе потписи од гласови“, напиша тој на „Фејсбук“.
Стевчо Јакимовски во првиот круг заврши последен по бројот на гласови на претседателските избори.
Македонија
Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро
На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.
Тој соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, а беше познат и како крал на местенките во фудбалот.
Соработуваше со големи музички ѕвезди, како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгоевиќ, „Бјело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и многубројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.