Македонија
Охрид му ја врати на српското собрание оградата од вила „Билјана“

Oградата од вилата „Билјана“ во Охрид денеска му е вратена на српското собрание, по повеќе од шест децении.
На примопредавањето учествуваа охридскиот градоначалник, Константин Георгиевски, и претседателот на парламентот во Србија, Ивица Дачиќ.
Станува збор за зачуван дел од железната ограда што бил пред парламентот од 1936 до 1956 година. Завршил во вила „Билјана“, која во времето на Југославија била изградена како резиденцијален објект на Јосип Броз Тито.
Дачиќ се заблагодари за брзата реакција од Македонија и оцени дека во последно време се направени чекори што покажуваат дека нашите односи треба да бидат братски и пријателски.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, истакна дека станува збор за гест на пријателство и поврзување помеѓу двата народа и унапредување на соработката.
Градоначалникот најави и дека српските туристи ќе бидат ослободени од плаќање паркинг во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Повикувам на мирно и достоинствено чествување на Гоце Делчев

При денешната посета на општина Карбинци, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на 4 февруари и дека истиот ќе биде настан од виск ризик и дали членови се повикувани во полициска станица на информативни разговори, истакна дека има такви информации за такви информативни разговори и ги повика граѓаните во Македонија да не подлегнуваат на провокации, и мирно чесно и достоинствено да го чествуваат великанот Гоце Делчев.
„Имам информации за такви информативни разговори и јас ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните во Македонија да не подлегнуваат на провокациите кои што секојдневно се присутни и кои што имаат само една цел и тие одат во полза само на една структура а тоа е на владата на ДУИ поддржана од СДСМ и на нашиот источен сосед. Ниту една провокација на која што ќе потпадне било кој граѓанин не оди во полза на македонскиот народ и на Македонија како држава затоа ги повикувам ние сме мирен честит, достоинствен народ, библиски народ ќе потсетам, народ кој што знае да тагува, народ кој што знае да празнува но и народ кој што знае да се отчести да даде почест на луѓето, кој што ги почитува еден е таков великанот Делчев, и јас ги повикувам сите на тој ден достоинствено да се поклониме во Црквата „Св. Спас“ во Скопје, за да можеме да покажеме дека на овој народ местото му е онаму каде што одамна треба да му биде а тоа е во Европа. А не да се враќаме наназад и да не дозволиме оние корумпирани полициски структури кои што имаат обид да го разединат македонскиот народ да успеат, ние треба да ги поразиме со едно достоинствено чествување на денот, и затоа ги повикувам сите оние кои што тој ден ќе се одлучат достоинствено да го чествувааат денот“, нагласи Мицкоски.
На прашањето дали се сепак повикани членови на партијата на информативни разговори, Мицкоски нагласи дека има таква информација, но не сака да создава паника бидејќи навикнати се пет години да живеат под политички терор на владата на СДСМ и ДУИ.
„Па имам такви информации но сега за сега не би сакал и не треба да создаваме паника, ние сме навикнати пет години живееме под политички терор на владата на СДСМ и ДУИ, навикнати сме, едноставно отпорни сме на сето тоа, повикувани се и ќе бидат повикувани, се до моментот додека оваа влада не замине, потоа тие кои што ја злоупотребуваат таа позиција ќе треба да дадат одговори на многу прашања, и тогаш треба да бидат силни како што се сега силни, знаете кога ќе сте во институциите имате чувство дека, ако малку помалку имате животно искуство дека сте семоќни, но доаѓа денот кога ќе треба да дадете одговори на многу прашања и потоа нема бегање, нема плачење, нема лелекање, нема кукање, ќе треба да се дадат одговори, а тој ден доаѓа. Месеци се во прашање кога ќе дојде денот кога многумина во оваа држава тоа што го правеа во овие 5 години ќе треба да дадат одговор“, истакна Мицкоски.
Во однос на прашањето дали на 4 февруари очекува било каква случка која што би ја нарушиле безбедносната состојба во државата, Мицкоски истакна дека било каква случка која што би ја нарушила безбедноста би била само на грев на владата и на МВР, бидејќи ако МВР ги слуша сите овие апели кои што ги упатува, добро се организира и не сака да дојде до таква случка, нема да дојде.
„Било каква случка која што би ја нарушила, ќе биде само на грев на владата и на МВР, бидејќи ако МВР ги слуша сите овие апели кои што ние ги упатуваме и добро се организира и не сака да дојде до таква случка, верувајте нема да дојде. Но доколку сака Спасовски и луѓето околу него да дојде до таква случка, ќе дојде. Така што единствен виновник ќе бидат тие“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Каевски: Наместо проекти и решенија, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги задолжуваат општините

Масовна партизација, поскапи услуги за граѓаните и задолжување на општините, тоа е учинокот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски за првите 16 месеци власт, истакна на денешната прес-конференција Дарко Каевски, портпарол на СДСМ и пратеник.
Наместо проекти и решенија за развој, градоначалниците и советничките групи од ВМРО-ДПМНЕ, вели Каевски, ги задолжуваат општините, кои важат за едни од најбогатите и финансиски најстабилни.
„Градоначалникот на Гази Баба со обврзница од пет милиони евра ја задолжи Општината, без притоа да биде наведено на кој рок ќе биде издадена обврзницата, без да биде наведено колкава е каматната стапка. Тој пример го следи и градоначалникот на општина Бутел, кој ќе издаде обврзница во вредност од два милиона евра или неверојатни 55 отсто од годишниот буџет на Општината. Претходно, постапка за издавање обврзница издаде и Општина Аеродром, предводена од Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, а обид за издавање имаше и Општина Штип“, рече Каевски.
Според него, освен што овие обврзници се издаваат во период кога каматните стапки се значително високи, заедничко за сите обврзници е што тие ќе може да бидат откупени од кој било приватен субјект.
Со тоа, оценува Каевски, се создава опасност обврзниците да бидат купени од големи градежни компании и крупниот бизнис и потоа да може да влијаат врз работата на градоначалниците при носењето урбанистички планови или одредени тендерски постапки.
Појаснува дека ваквото масовно задолжување лично го најави шпицниот градоначалник Мицкоски.
„16 месеци изминаа, а градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо. Потрошија милиони за партиски вработувања, за набавка на скапи мобилни телефони и компјутери, се искараа за провизии и тендери, а интересите на граѓаните се целосно игнорирани. Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната и најнеуспешна локална власт досега“, посочи Каевски.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Наместо поддршка на Ахмети и Груби, Тупанчески да воспостави европски вредности

„Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’, редовен професор, е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите што ги споделува Европската Унија“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање за коментар за извештајот на „Транспаренси интернешнл“.
Мицкоски додаде дека уште еднаш власта покажува политичка незрелост.
„Уште еднаш оваа Влада покажува политичка незрелост и со тие позиции што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал, за жал“, рече тој.
Нагласи дека единствена светла точка во државата се општините, каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините во кои имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да може граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт, која практично е раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ“, истакна Мицкоски.
„Така што, јас би апелирал до мојот колега, наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија“, укажа Мицкоски.