Македонија
„О2 Иницијатива“ бара Сиљановска да не го потпише указот за измените на Законот за урбанистичко планирање
Собранието на пленарна седница со 64 гласа „за“ и 11 „против“ ги донесе измените на Законот за урбанистичко планирање, во скратена постапка, предложени од министерот за транспорт Александар Николоски.
Од „Иницијативата О2“ гласно реагираа против продолжување на можноста деталните урбанистички планови да се прават по стариот закон, со застарени податоци и во нетранспарентна процедура.
„Бараме согласно вашите законски надлежности како Претседател на РСМ да не го потпишувате указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, кој е донесен по скратена постапка на 13.08.2024 и го вратите законот на повторно разгледување во Собранието со задолжително спроведување на јавна расправа на која ќе присуствува стручната јавност и граѓанските организации. Овој закон е донесен по скратена постапка, иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите. Донесен е без јавна расправа, без консултации со стручната јавност, без објавување на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР) со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово донесување, без задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации. Ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации“, се наведува во барањето на „О2 Иницијатива“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димовски-Рокас: во фокусот предизвиците во забрзување на процесот на отворање на преговорите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски оствари средба со новоакредитираниот амбасадор на Делегацијата на Европската Унија, Михалис Рокас.
Честитајќи му на амбасадорот за новата должност, Димовски му се заблагодари на амбасадорот Рокас за континуираната поддршка на делегацијата на ЕУ на нашиот евроинтегративен процес.
Основните точки во отворениот и плоден разговор беа ставени на активностите на Владата во следниот период и предизвиците во забрзување на процесот на отворање на преговорите, владеењето на правото со враќање на довербата кај граѓаните во правосудниот систем, премостување на отворените прашања и интензивирање на економскиот раст, дополнително со предвидената финансиска поддршка од страна на Европската Унија.
Истовремено, се сподели ставот за новите можности за уште подлабока соработка со делегацијата на ЕУ.
Македонија
Уставниот суд поведе постапка за Правило на АРМ со кое се забранува вршење на верски обреди
Уставниот суд поведе постапка за Параграф 4 алинеја 1 од Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија бр.02-295/1 од 16.07.2012 година. (Оспорена содржина: „Во воените објекти се забранува вршење на верски обреди”.)
Судот во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека оспорениот акт не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 1,3 и 11 од Уставот, односно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, како и на членовите 3,8 и 20 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група.
Според Уставниот суд, со донесувањето на ваква одредба началникот на Генералштабот на АРМ ги пречекорил своите законски овластувања и се ставил во улога на Законодавец, бидејќи таква содржина не може да биде уредена со подзаконски акт.
Уставниот суд по направената анализа оцени дека уредувањето на условите под кои може да се оствари правото на слободно вршење на верски обреди во рамки на вооружените сили претставува исклучиво „materia legis”, oдносно законска материја и во никој случај не може да се регулира со Правило.
Согласно ова, Уставниот суд цени дека оспорената одредба може да се доведе под сомнеж за неговата уставност и законитост.
Македонија
Гаши на средба со група нерезидентни амбасадори со седиште во Софија: разговарано за економската размена и искуствата на дел од земјите аспиранти за ЕУ
Претседателот на Собранието Африм Гаши оствари средба со група нерезидентни амбасадори за нашата земја, со седиште во Софија, кои се во посета на Скопје.
На средбата присуствуваа нерезидентните амбасадори на Мароко, Египет, Кувајт, Монголија, Грузија, Молдавија, Индија, Пакистан и Куба, кои изразија поддршка за нашите институции и волја за продлабочување на односите и за јакнење на соработката со Република Северна Македонија, меѓу другото, и на ниво на парламенти.
Гаши, поздравувајќи ги амбасадорите, истакна дека Северна Македонија вложува многу во унапредувањето на меѓународната соработка, и тоа не
само со земјите од регионот и со членките на Европската Унија, туку и пошироко.
Тој рече дека очекува почести средби во иднина и возвратни посети на билатерално ниво, како можност за динамизирање на соработката меѓу со овие држави со кои споделуваме многу заеднички вредности.
На средбата се разговараше за можностите за поголема економска размена, како и за размена на искуства со дел од земјите аспиранти за членство во ЕУ, како Грузија и Молдавија.
Во тој контекст, Гаши ги запозна амбасадорите со чекорите што ги презема Северна Македонија во насока на исполнување на стратешката цел за евроинтеграција.
Беа разменети мислења и околу можностите за продлабочување на парламентарната соработка на билатерално ниво, при што беше истакнато дека парламентите се местата каде што се продлабочува дијалогот, во интерес на граѓаните.
На средбата присуствуваа и пратеници од Собранието на РСМ, кои се претседатли на пратеничките групи за соработка кои ги покриваат овие земји.