Македонија
Пациентите на Онкологија останаа без биолошката терапија, СДСМ повика итно да бидат преземени мерки

Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаа без биолошката терапија.
По тој повод се огласи опозицискиот СДСМ, од каде што велат дека недостигот од лекови, како atezolizumab, bevacizumab, palbociclib, ribociclib и други, претставува алармантен проблем. Станува збор за лекови што буквално значат живот за пациентите со метастатски канцери.
„Дали оваа Влада, која ги троши народните пари на мебел, автомобили и луксуз, има барем малку одговорност кон граѓаните чие здравје и живот се загрозени? Наместо да обезбеди навремено финансирање и планирање на набавките, Владата дозволува недостиг на есенцијални лекови и оставени пациенти на милост и немилост“, велат од СДСМ.
Партијата побара итно преземање мерки за обезбедување на потребната терапија за сите пациенти oбвинувајќи ја власта дека состојбата е последица на системски хаос и лошо менаџирање со здравството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во Австралија: Македонската дијспора има важен придонес во општествениот и културниот живот

Во рамки на работната посета на Австралија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средби со спикерот на Парламентот на Нов Јужен Велс, Грег Пајпер, заменик-спикерката Сонија Хорнери и пратеникот Нејтан Хагарти.
На средбите се разговараше за одличните билатерални односи помеѓу двете земји, можностите за нивно продлабочување, како и значењето на парламентарната демократија и институционалната соработка. Министерот Муцунски ја поздрави иницијативата што овозможува македонскиот јазик да биде дел од образовниот систем и изрази поддршка за негово натамошно унапредување.
Посебен акцент беше ставен и на значајната улога на македонската дијаспора како клучна врска помеѓу двете пријателски земји. Двете страни се согласија дека македонската заедница во Австралија има важен придонес во општествениот и културниот живот, а нејзината посветеност во зачувувањето на националниот идентитет претставува пример за успешна интеграција и меѓусебно почитување.
Македонија
Од денес нема пречки за операции во хируршките сали во Клинички центар, официјално е пуштена во употреба новата компресорска станица

По десетдневно тестирање, министерот за здравство Арбен Таравари денес извести дека официјално е пуштена во употреба новата компресорска станица за хируршките сали во Клиничкиот центар. Хируршките сали беа затворени во мај минатата година, откога се појави силна смрдеа во дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух.
„Денес посебна чест ми е да најавам дека компресорската станица веќе функционира. Имаме три нови компресори, комплетно нова инсталација За среќа тука е и стариот компресор кој ќе стои какао бекап за евентуално да не ни се повтори ваков проблем. Решаваме проблеми кои ги наследивме. Со новата компресорска станица се покриени сите 18 хируршки сали на Хирургија, исто така салите во ОРЛ и Офталмологија и максилофацијална хирургија. Комплетниот систем е тестиран 10 дена, се функционира како што треба и од денес веќе и официјално се користи“, рече денес министерот Таравари.
Станицата е подготвена на неа да се приклучат и други клиники доколку за тоа има потреба. Таравари вели дека за тоа е потреба само нова инсталација за поврзување.
Хируршките сали на Клиничкиот центар беа затворени на 22 мај лани поради смрдеата што се рашири од дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух. Министерот за здравство во тогашната техничка влада, Илир Демири, извести дека примероци од гасот веднаш биле испратени на анализа во Германија, која треба да покаже зошто има лоша миризба. На анализата се чекаше речиси три месеци, а во меѓувреме беше избрана новата Влада. Сегашниот министер за здравство, Таравари, извести дека анализата покажала дека во системот за кислород и компримиран воздух во Клиничкиот центар имало мала концентрација формалдехид. Пациентите и вработените се жалеа на силна смрдеа, печење во очите, носот и грлото, симптоми идентични на оние предизвикани по изложување на формалдехид.
Хируршките сали летово функционираа со намален капацитет, а работеа со надворешни компресори. Потешките операции се правеа во ГОБ „8 Септември“ и поранешната градска болница „Свет. Наум Охридски“.
Македонија
Таравари: Немам информација од Токсикологија за труење со парацетамол поради предизвик

Министерот за здравство, Арбен Таравари нема информации од Клиниката за токсикологија за труење на млади пациенти поради опасниот предизвик со парацетамол на „Тик-ток“.
Таравари одговарајќи на новинарско прашање рече дека првпат слуша за тоа, а и самиот не ја користи платформата „Тик-ток“.
Претходно, докторот Нико Беќаровски, предупреди на опасниот предизвик кој почнал од почетокот на оваа година, а се однесува на внесување на големи дози парацетамол. Тој вели дека колку и да звучи чудно, труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови.
„Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. 20-40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување. Секоја година 30-50 отсто од акутните трансплантации на црниот дроб во САД и Европа се прават поради труења со овој лек! Затоа, контролирајте ги вашите деца пред да ни се случи нова трагедија“, се вели во објавата на докторот.
Додава дека ако сепак се случи труење, а не се поминати 2-4 часа, треба да се интервенира со 10 таблети медицински јаглен и АЦЦ (2 кесички) и итно да се побара лекарска помош. Секундите некогаш значат спасен или изгубен млад живот.