Македонија
Пендаровски на виртуелна сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк

Претседателот Стево Пендаровски ќе учествува на 75. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што почнува денеска, 15 септември 2020 година. Поради пандемијата на Ковид-19, оваа година сесијата се одвива виртуелно, без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
В петок, 18 септември 2020 година, претседателот Пендаровски преку видеопорака ќе се обрати на состанокот на високо ниво – SDG Moment 2020, на кој е предвидено да биде разгледан напредокот на реализацијата на целите за одржлив развој на Обединетите нации на глобално и на регионално ниво, во контекст на пандемијата на Ковид-19. Предвидено е на состанокот да се вклучат 20 шефови на држави и влади. Претседателот Пендаровски заедно со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, е еден од двајцата шефови на држави и официјален претставник на источноевропската група, кој ќе земе учество на овој висок состанок.
В понеделник, 21 септември 2020 година, претседателот Пендаровски ќе се обрати на посебен настан на високо ниво по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите нации, што ќе се одржи на тема „Иднината што ја сакаме, Обединетите нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“.
Претседателот Пендаровски, в среда, 23 септември 2020 година, преку видеопорака ќе се обрати на генералната дебата во рамките на 75. Генерално собрание на Обединетите нации. Видеопораката ќе биде емитувана во салата на Генералното собрание на ОН, каде што ќе бидат присутни претставници на секоја од земјите членки. Темата на 75. сесија на Генералното собрание на ОН е „Иднината што ја сакаме, Обединетите нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот – соочување со Ковид-19 преку ефективна мултилатерална акција“.
В четврток, 1 октомври 2020 година, претседателот Пендаровски ќе се обрати на состанокот на високо ниво по повод 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жените, што ќе се одржи на тема „Забрзување на реализацијата на родовата еднаквост и еманципирањето на сите жени и девојки“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бектеши објави кои маркети се затворени оти не ги намалиле цените

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
„Не верувам дека не се објавени ланците на супермаркети кои го прекршиле законот. Им дадовме одреден рок да се усогласат мерките. Во скопскиот регион се „Веро“ и „Вива Фреш“. Осум до десет ланци супермаркети имаат маркети во секој град. И вие медиумите треба да ги објавите маркетите кои го прекршиле ова, но сигурно ургираат кај вас затоа што се рекламираат. Јас немам проблем да ги кажам. Граѓаните да бидат спокојни, овие мерки ќе бидат спроведени во целост“ рече Бектеши. по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
Македонија
Вицепремиерката Грковска во работна посета на Словенија

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска до 27 септември 2023 година ќе биде во работна посета на Република Словенија.
Во рамки на оваа посета таа ќе оствари средби со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, со министерката за правда на Република Словенија, Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.
Исто така, вицепремиерката Грковска вечерва ќе присуствува на приемот организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на амбасадата во Љубљана, која беше првото дипломатско претставништво отворено по прогласувањето на независноста на нашата држава.
Македонија
Петровска до командантот на Националната гарда на Вермонт: Македонија е ваш сојузник на кој можете да се потпрете

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Министерството го пречека командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт со кого разговараше за три-децениското партнерство помеѓу Армијата и Националната гарда и начините за нејзино уште поголемо интензивирање во иднина.
На прес-конференцијата со генералот Најт, министерката истакна дека Северна Македонија е сојузник на кој Вермонт може да се потпре и дека преку партнерството и двете вооружени сили станаа еден тим способен да одговори на сите предизвици.
„Нема посилен и појасен приказ за нашето заедништво од тоа што го покажаа нашите припадници во наменските сили Феникс во Авганистан во 2010 година, кога функционираа како едно, една Армија. Нема поголем доказ за нашата блискост од континуираните вежби и обуки од кои придобивка имаат и Армијата и Националната гарда на Вермонт. Нема поголем израз на волја за да продолжиме на овој пат кон уште поголема интероперабилност, од нашите постојани контакти и средби на највисоко ниво од кои произлегуваат одлични идеи кои ги реализираме во целост“ рече Петровска.
Министерката Петровска се осврна и на големиот број заеднички вежби чиј интензитет ќе се зголеми во иднина.
„Зад нас се неколку големи вежби кои беа навистина успешни, а веќе сме во фаза на планирање на следните заеднички вежби, кои ќе бидат уште поголеми и позначајни за нашиот заеднички развој. Северна Македонија е подготвена со задоволство позитивно да одговори на интересот за заеднички активности со партнерските земји на Вермонт, Австрија и Сенегал, со што нашето пријателство ќе се прошири и продлабочи“, подвлече министерката.