Македонија
(Видео) Пендаровски: Не познавам ниту еден од власта и опозицијата кој е подготвен да тргува со идентитетот

Во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам ова прашање да го тргнеме од дневнополитичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа, рече претседателот Стево Пендаровски, во годишното обраќање пред пратениците.
Тој рече дека неговиот став е дека не треба да се одржуваат лидерски средби за спорот со Бугарија, а исто така, не гледа ниту потреба да се свика посебна седница на Парламентот за ова прашање.
„Во однос на лидерската средба, сакам да кажам дека иако минатата и оваа година, на барање на политичките партии, под мое раководство беа одржани повеќе такви средби, мојот став е дека таквиот вонинституционален формат на средби, во принцип, треба да го напуштаме, затоа што лидерските средби се, во суштина, замена за институциите кога тие немаат полн легалитет и легитимитет, што кај нас не е случај. А, во врска со свикување посебна седница на парламентот, иако тоа е надлежност на овој дом, се разбира во тоа немам намера да се мешам, исто така не гледам потреба за такво нешто, затоа што ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик. За мене е несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик“, рече Пендаровски.
Длабоко сум убеден, додаде тој, дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944 година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава.
„Во однос на ставовите по ова прашање на најголемите политички партии, имам кажано и порано, денес ќе повторам: тие имаат потполно идентичен став по однос на нашиот идентитет и се разликуваат само во однос на методологијата како до дојдеме до целта. Ви зборувам од моето лично искуство: во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневнополитичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа“, рече претседателот.
Пендаровски, исто така, кажа дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите.
„Минатата година во едно мое интервју реков дека ако цената за да влеземе во Европската Унија е да се откажеме од идентитетот и јазикот, тогаш нема жив Македонец кој ќе се согласи со таквиот услов. За тој став бев критикуван од некои кругови кои велеа дека е погрешен и дека ние треба да направиме сè и без оглед на цената да влеземе во Унијата. И тогаш и денес сум убеден дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите. За таквиот предлог дури нема потреба да се распишува референдум – затоа што резултатот ќе биде однапред познат. Ние не преговаравме 25 години со Хеленската Република само за додавка во името, туку, пред сè за меѓународна потврда од целиот свет, преку Организацијата на oбединети nации, за тоа кои сме и што сме. На крајот, направивме компромис само затоа што и во грчкиот парламент и во Обединетите nации беше ратификувано и потврдено дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт и во опозиција, сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за сочувување и промовирање на македонскиот идентитет.
„За жал, кај еден дел од етничките Македонци долги години наназад постои сомнеж: дали политичарите – Албанци ја поддржуваат нашата борба за поширока меѓународна афирмација? Одговорно тврдам, бидејќи сум сведок на овие процеси повеќе од 20 години, уште кога во 1990-тите преговаравме со Грција, дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт и во опозиција, сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет. Таквиот став ни помагаше да бидеме посилни на сите средби со странските емисари затоа што знаевме дека зад себе имавме усогласена државна позиција. Впрочем, поинаку и не може да биде затоа што Северна Македонија е заедничка куќа за сите нас во која нема поделба на потстанари и газди“, изјави Пендаровски.
Тој кажа дека и покрај бугарското вето, Северна Македонија ќе продолжи кон Европската Унија.
Според него, ЕУ е далеку од совршена, националните интереси често ја парализираат, атрактивноста на нејзиниот модел и претпристапните фондови не се нивото на кое беа пред 15 или 20 години, но сè уште е незаменлив инструмент за демократизирање, а со нејзините вредности инспирација за милиони луѓе во светот.
Притоа, рече Пендаровски, нема да прифатиме никаква резервна варијанта, а ќе учествуваме во сите регионални и континентални иницијативи само ако тие се комплементарни и не претставуваат замена за членството во Унијата.
„Алтернативата на овој европски пат е да вегетираме со низок животен стандард наместо да го живееме животот, да ја губиме енергијата во историски спорови, да се гушиме во национализми, да отвориме простор за авторитарни тенденции, и да ги броиме младите кои заминуваат. Знам дека огромен број од нашите граѓани не би сакале да видат ваков развој на настаните“, кажа Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гинеколошката ординација на д-р Асани била нерегистрирана, доби забрана за работа

Врз основа на наодите од вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), во врска со случајот за директорот на струшката болница, д-р Мухамед Асани, кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, е во постојна комуникација со инспекторатот за сите преземени активности. ДСЗИ ги презема сите мерки во рамки на законските надлежност за постапување со конкретниот случај.
„ДСЗИ во ординацијата која се наоѓа во домот на д-р Асани, веќе изврши вонреден инспекциски надзор со полициска асистенција, како што налагаат правилата за надзор во објект каде нема обележано дека постои приватна здравствена устанува. При надзорот е констатирано комплетно опремена гинеколошка ординација, нерегистрирана, односно за којашто нема никаков документ, како што се потребните дозволи за работа и за основање на фирма.
Во меѓувреме, до ДСЗИ се пристигнати четири нотарски заверени изјави од пациентки, кои потврдуваат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред 8 години. Во текот на вчерашниот ден ДСЗИ на д-р Мухамед Асани му издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност во ординацијата која се наоѓа во неговиот дом“, се наведува во извештајот.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопшти дека ќе постапи согласно надлежностите и ќе ги извести сите надлежни институции за констатираната состојба во ординацијата сместена во домот на д-р Асани.
Македонија
Уранија Пировска: Со новата концепција младите луѓе ќе се описменат за човековите права

За Хелсиншкиот комитет за човекови права, новата концепција за основно образование има пристап којшто ја поттикнува меѓуетничката интеракција и овозможува преку образованието да се пополнува празнината што постои меѓу младите луѓе од различните етнички заедници.
„Хелсиншкиот комитет е фокусиран на работата со младите луѓе, нивното описменување кога станува збор за човековите права, за што секоја година организираме школи за човекови права. Она што секогаш ни произлегува како заклучок е дека во нашето општество, во самото образование, фали еден пристап којшто ќе овозможи меѓуетничка интеракција. Во оваа концепција тоа е многу видливо. И многу е важно што пристапот во развивање на меѓуетничката интеракција е многу сличен на оној пристап што ние со години наназад го препорачуваме“, изјави Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Таа беше една од учесничките на денешната дебата за новата концепција за основно образование, со граѓанските организации. Рече дека доколку низ образовниот процес се поттикнува младите луѓе да се запознаваат, да ги запознаваат карактеристиките на другите етнички заедници, не само што ќе се намали празнината што постои меѓу младите луѓе од различните етнички заедници туку и ќе се намали процентот на насилство.
„Податоците од нашите веб-платформи, едната за говор на омраза, другата за кривични дела од омраза, покажуваат дека најголемиот процент и како сторители и како жртви се младите луѓе. Сметаме дека тоа се должи најмногу на тоа што младите луѓе не знаат за различните од себе, не знаат за нивната култура, за нивната историја, за нивните карактеристики. Сметам дека оваа концепција ќе ја пополни оваа празнина“, изјави Пировска.
Многу е важен приодот на оваа концепција кога станува збор за учењето кај младите луѓе затоа што им се остава простор да ги развиваат своите интереси.
„Наставниците ќе бидат фокусирани да ги развиваат афилијациите на младите луѓе, ќе им се остава простор за критичко размислување, нешто што е многу важно, и секако оние воннаставни активности коишто се предвидени, учеството во различни проектни активности, е многу важно“, рече Пировска.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поддржува концепцијата, ќе ја следи нејзината имплементација и во целиот процес ќе дава забелешки и сугестии, соопшти Министерство за образование и наука.
Македонија
Јовановски: Конечно преку образованието треба да се срушат бариерите за вклучување на лицата со попреченост

Претставници од Здруженијата на лицата со попреченост кои денес учествуваа на консултативниот состанок во врска со образовната концепција дадоа целосна поддршка на реформите.
„Со овие реформи за првпат се дава фокус на инклузивноста, недискриминацијата и еднаквоста, затоа даваме целосна поддршка. Конечно треба да се сруши парадигмата за лицата со попреченост дека се неспособни и тоа посебно во раната возраст, а тоа ќе се направи преку реформите во образованието”, рече Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност – Националниот сојуз со лица со телесен инвалидитет.
Јовановски вели дека образованието е единствен пат за стекнување вештини кои ќе им овозможат егзистенција на лицата со попреченост и на нивните семејства.
„За жал, лицата со попреченост се неконкурентни за пазарот на трудот затоа што се неквалификувани. За таа цел сметаме дека реформите се неопходни затоа што со нив ќе се отстранат бариерите физичката непристапност на објектите, а учениците добиваат поддршка”, рече Јовановски.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот