Македонија
Пендаровски: Остануваме посветени на европската агенда и очекуваме брз почеток на преговорите

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ана Лирман, државна министерка за Европа во германското Министерство за надворешни работи.
Честитајќи ѝ за преземањето на функцијата, Пендаровски оцени дека посетата на министерката Лирман набргу по нејзиното именување, ја демонстрира јасната посветеност на германските власти за аспирациите на државите од Западен Балкан за членство во Европската Унија. Пендаровски се заблагодари што проширувањето на Европската Унија и на Западен Балкан се меѓу клучните приоритети на новата влада на канцеларот Олаф Шолц.
Претседателот истакна дека Република Северна Македонија останува посветена на европската агенда и го реафимира очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Во таа насока Пендаровски посочи на подготвеноста на нашата држава за продолжување на дијалогот со Република Бугарија во духот на добрососедските односи, со цел надминување на блокадата во однос на европските интеграции.
Во контекст на билатералните односи, Пендаровски оцени дека Германија е клучен политички и економски партнер на земјава и еден од најзначајните трговски партнери во годините наназад. Претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошно јакнење на пријателството и партнерството меѓу двете држави вклучувајќи го сојузништвото во НАТО, како и очекување за натамошно зголемување на трговската размена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски ќе ja предводи владината делегација во Ватикан и Рим, најавена е и средба со Петков

Премиерот Димитар Ковачевски придружуван од ќерката Тамара Ковачевска на 23 и 24 мај ќе предводи делегација на Република Северна Македонија во Италија и Ватикан во официјална и работна посета во рамките на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски програмата на посетата на Светата Столица ќе ја започне на 23 мај со тет-а-тет средба со неговата светост папата Франциско.
„Програмата во Ватикан потоа продолжува со аудиенцијата кај папата Франциско на која заедно со премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на премиерот, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква“, се наведува во соопштението.
Премиерот потоа, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе имаат средба со државниот секретар на Светата Столица, Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите, Пол Ричард Галагер.
„Програмата во чест на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, на 23 мај, делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија“, се додава во соопштението.
Од владината прес-служба додаваат дека како дел од работната посета, на 23 мај Ковачевски ќе се сретне и со премиерот на Бугарија, Кирил Петков.
На 24 мај официјалниот дел од програмата започнува со оддавање почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил на кој ќе присуствува целата делегација на Република Северна Македонија, предводена од премиерот.
Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.
Македонија
Министерство за одбрана: Ja поздравувамe одлуката на синдикатот за професионални војници да отстапи од штрајкот

Министерството за одбрана ја поздравува одлуката на Независниот синдикат да се повлече од штрајкот најавен за денеска, откако вчера министерката за одбрана Славјанка Петровска и сите 4 синдикати во одбраната меѓу кои и Независниот синдикат на професионални војници, постигнаа согласност за дополнителни измени на Законот во прилог на војниците, информираат од оваа институција.
„Новите измени за кои вчера со заедничко соопштение и согласност со сите синдикати, ја известивме јавноста предвидуваат предлози кои значајно ќе ги подобрат правата на нашите припадници, како што се усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, правото на остварување на пензија ќе биде со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста, а ќе се изврши и нова пресметка за активниот воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж“, е посочено во писменото известување.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1000 евра за секоја година помината во Армијата, од МО велат дека новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
До предлагањето на измените на Законот на барање на Синдикатите, Министерството за одбрана се обврза да ја провери можноста правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството, и да утврди дали условите за пензионирање на припадниците на Армијата може за важат за војниците распоредени по навршувањето на 45 години во други институции, појаснуваат од ресорното министерство.
„Дополнително, министерката Петровска, нагласи дека во рамките на реформата на Системот за управување со кризи и за Законот за критична инфраструктура ќе ја разгледа можноста професионалните војници со навршени 45 години да бидат преземени од тие институции доколку во системските решенија се отвори таква можност.
Истовремено, министерката Петровска презеде обврска да разговара со колегите на владината седница во среда, со цел да се надминат предизвиците околу трансферот на професионалните војници во другите институции. Дијалогот продолжува и понатаму со сите синдикати од областа на одбраната“, информираат од Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Шутаров: Арсовска незаконски постави Генерален секретар, Велковски да си поднесе оставка

Покрај неработата како главна одлика во првите 6 месеци на новата градска администрација на ВМРО-ДПМНЕ, сведоци сме и на непочитување на законските пропис и норми. Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ незаконски го именуваат за Секретар на Градот Скопје, Ѓоко Велковски кој што истовремено е и член на Советот на Општина Чаир, непосредно избран од страна на граѓаните на последните Локални Избори, посочи на денешната прес-конференција, Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје.
Тоа значи, како што рече Шутаров, дека Велковски зема и две плати, една од 50.000 денари како секретар и уште една од околу 18.000 денари како Советник.
„Ова не е само неетички, туку е и спротивно на чл.44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси , каде во ставот 2 се вели: Функцијата претседател на државата, претседател на Владата, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието, Владата или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга ! Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупција да постапи за непочитување на законите, прописите и правилата за неспоивост на функции“, истакна Шутаров.
Повика, како што рече, секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски да си даде оставка од позицијата секретар на Град Скопје, да не ја чека Државната комисија за спречување корупција.