Македонија
Пендаровски: Се надевам дека за време на хрватското претседателство, државата ќе добие датум за преговори

Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со европратениците Андреас Шидер, Илхан Кјучук и Марион Валсман, копретседавачи со дијалогот „Жан Моне“, којшто денеска и утре ќе се одржи во Собранието на Република Северна Македонија. На средбата присуствуваше и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Самуел Жбогар.
Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, тој посочил дека се надева дека за време на хрватското претседателство ќе биде одреден датум за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ.
Пендаровски на средбата истакнал дека нашата држава високо ја цени постојаната принципиелна поддршка од Европскиот парламент и посветеноста во однос на процесот на проширување.
„На средбата беа разменети мислења и информации за политичката состојба во државата, за тековниот реформски процес во контекст на интеграцијата во Европската Унија, како и за актуелните политички состојби во Унијата. На средбата заеднички беше констатирана важноста од позитивен исход на разговорите во рамките на дијалогот ‘Жан Моне’ , помеѓу лидерите на парламентарните партии во државата“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Пендаровски пред европратениците, исто така, истакнал дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република Северна Македонија и го повтори очекувањето дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена на состанокот на Европскиот совет во март 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тупанчески: Мора да бидеме внимателни со ветингот, дали тој ќе биде парцијален или ќе се однесува на сите функционери

Министерот за правда Никола Тупанчески смета дека мора многу да се внимава за процесот на ветинг.
Како пример ја посочи Албанија, која практично, по спроведувањето на ветингот остана без судии и јавни обвинители ,, 80% од апелационото подрачје не го поминаа тој филтер. Од 9 судии во Уставен суд, 6 судии не го поминаа, вклучувајќи го и претседателот на Уставниот суд. Веќе две години ,Албанија укажува дека нема доволен број судии”, рече Тупанчески на првиот панел во рамките на годишната конференција ,, Годинa на нови можности”.
Според Тупанчески , при проверка на судиите и јавните обвинители треба да се земат предвид 4 критериуми: интегритет, квалификации, поврзаноста со организиран криминал и имотната состојба.
,,Во нашата држава подолго време се заговара процесот на ветинг, но пред да стигнеме до него, потребно е да одговориме на неколку прашања: Дали ветингот ќе биде парцијален и дали ќе се однесува на судството и обвинителството или пак на сите избрани и именувани функционери. Дали ветингот ќе биде направен со постојните капацитети што ги имаме затоа што во моментот нашата држава располага со капацитети кои би можеле да се позанимаваат со оваа проблематика и третиот сегмент е , дали би го правеле со постојната регулатива или со нова која исклучително ќе ја третира оваа материја. Се согласувам дека треба да има филтрација, проверка, но она што треба да го одговориме е начинот на кој тоа ќе го направиме” рече Тупанчески.
Македонија
Средба на министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Спасовски и Демерџиев

Денеска, во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во Скопје, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, оствари работна средба со министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев.
Двајцата министри ја потенцираа одличната соработка меѓу полициите на Република Северна Македонија и Република Бугарија, што е еднакво важно како за министерства за внатрешни работи на двете земји така и за двете држави, но и за регионот. Министрите Спасовски и Демерџиев ја потврдија посветеноста на унапредувањето и продлабочувањето на билатералната и оперативната соработка во насока на зајакната регионална соработка како еден од главните приоритети, особено во делот на сузбивање на организираниот криминал, трговијата со луѓе, недозволената трговија со дрога, шверцувањето мигранти и справувањето со илегалната миграција. Во насока на добрата соработка меѓу двете полиции беа посочени и заедничките вежби на специјалните единици на двете земји, кои минатата година беа во Софија и во Охрид.
Особено е важно, потенцираа двајцата министри, одржувањето редовни директни контакти, со цел да си помогнеме едни на други, а во насока на решавање какви било безбедносни предизвици.
„Оваа средба ја реализираме на неколку дена пред чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари во услови на зголемени тензии и разни најави за евентуално нарушување на јавниот ред и мир. Сакам да потенцирам, да упатам јасна порака дека македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и дека апсолутно нема да дозволиме никаков инцидент, односно ќе имаме чествување како што му прилега на нашиот великан Гоце Делчев“, рече министерот Спасовски.
Министерот Демерџиев потенцира дека бугарското Министерство за внатрешни работи ќе ги преземе сите мерки за да се избегнат провокации на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев. „Работиме превентивно за да нема проблеми. Ќе направиме сè што е неопходно од бугарска страна за чествувањето да помине како што треба. Да не дозволиме поединци да палат оган таму каде што го нема. Исто така, очекувам целосно расчистување на нападот врз Пендиков и виновниците да бидат казнети. Само со адекватни казни ќе спречиме слични случаи во иднина“, рече министерот Демерџиев.
Македонија
Тупанчески: АКМИС и кејс менаџмент-системот се двете алатки што ќе помогнат во детектирање на лошите состојби во правосудниот систем

Министерот за правда, Никола Тупанчески, говорејќи за распределбата на предметите во судовите и јавните обвинителства, посочи дека од 1 јануари 2023 година задолжително се применустемот за ува сиправување со предмети во обвинителствата.
„Праксата за доделување судски предмети, како што беше во минатото, на рака, повеќе не постои. Во судовите предметите се распределуваат и прераспределуваат преку АКМИС-системот. Тоа е законска обврска, а начинот на распределба се уредува со судскиот деловник“, рече Тупанчески во своето обраќање на панелот 1 во рамките на годишната конференција „Година на нови можности“.
АКМИС-системот и Case management system-от се, всушност, двете алатки што ќе помогнат во детектирање на лошите состојби и истовремено подобрување на ефикасноста на судството и на Јавното обвинителство. Од 2020 година постои посебен Закон за управување со движењето на предметите во судовите.
„Со АКМИС-системот и со Case management system-от практично и со оваа законодавна алатка ќе придонесеме точно да се знае во која фаза од постапката кој предмет се наоѓа. Ако се земат предвид последните случувања во нашата држава, многу е важен фактот предметот да се следи од иницијалната фаза во која насока се наоѓа и движи и која е причината за сторнирање, односно одолжување на судските спорови. Овие два система заедно со законското решение ќе овозможат подобрување на ефикасноста и ефективноста на правосудниот систем“, порача Тупанчески.