Македонија
(Видео) Пендаровски ќе ги потпише законите за „Бехтел и Енка“, 60-часовна работна недела нема во указите што ги добил

Претседателот Стево Пендаровски ќе ги потпише предложените измени на законите за олеснување на проектот за „Бехтел и Енка“, кои Собранието ги изгласа во петокот. Тој образложи дека по неговите јавни изјави оти нема да потпише 60-часовна работна недела затоа што е неуставна, во указот што стигнал кај него таков предлог немало.
Претседателот извести дека ќе ги потпише сите пет измени на законите, односно измени на Законот за работните односи, на Законот за експропријацијата, на Законот за урбанистичкото планирање, на Законот за градењето и на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.
„Во однос на Законот за именувањето и дополнувањето на Законот за работните односи, сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд, која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Изминативе месеци дадов изјави дека нема да потпишам указ за прогласување закон што содржи одредба која претходно е оспорена од Уставниот суд и во таа насока новиот закон не ја содржи формулацијата 60-часовна работна недела. Изминативе денови направив низа консултации со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии од Уставниот суд и со советниците во мојот кабинет. Донесов одлука да го потпишам указот за донесување на овој закон и на другите 4 закони“, рече претседателот Пендаровски.
„Уставен суд рече дека целиот закон е во ред освен членот 12 каде што пишуваше 60 часовна работна недела. Таму има една одредба која можам да ја цитирам која ми помогна, членот 171 во својот став 2 зборува за тоа колку може да трае прекувремената работа, значи да трае најмногу 8 часа во текот на една недела, најмногу 190 часа годишно и тука влегуваме со тоа образложение дека ова може да биде противуставен член или одредба. Вели освен за работи кои имаат специфичен процес на работа. И сега да преведам, овдека зборуваме за патишта, знаете дека градежната сезона трае 3 до 6 месеци максимум, така што на ниво на квартал или година, мое уверување е дека нема да се пробијат законските саати“, објасни претседателот Пендаровски.
Тој остави можност оние кои не се задоволни од неговата одлука повторно да поднесат иницијатива до Уставниот суд за чија одлука не мора да се чека со години.
„За оние кои тоа не го знаат, Уставниот суд некој ќе рече ќе одлучува долго време, години и години може да поминат и работата ќе заврши. Не, Уставниот суд во својата работа, има и таканаречена времена мерка. Може да каже до конечна одлука на Уставниот суд стопираме се, така што тоа се опциите“, рече претседателот Пендаровски.
Собранието ги изгласа петте закони за „Бехтел и Енка“ откога тие вторпат беа предложени. При првиот обид, кога измените на законите беа предложени од пратеници, заглавија во собраниска процедура, а опозицијата недвосмислено рече дека ќе ги блокира.
За да ја заобиколи блокадата, Владата ги предложи измените на петте закони со европско знаменце и покрај забелешките од амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, дека знаменцето е злоупотребено оти не се работи за усогласување со европското законодавство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Џафери поднесе Предлог Деловник за работа на Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го поднесе во редовна собраниска процедура Предлог Деловникот за работа на Собранието, кој што е производ на повеќегодишна посветена работа на учесниците во процесот на Дијалогот Жан Моне кој што е заеднички процес на Европскиот Парламент со Собранието.
Во Предлог Деловникот е предвидено одредбите да почнат да се применуваат од наредниот пратенички состав што всушност придонесе многу во донесувањето на непристрасни решенија со консензус и за пратениците од власта и за пратениците во опозиција.
Предлогот е веќе доставен до пратениците во писмена и во електронска форма а ќе биде предложен за прво читање како дополнение на дневниот ред на 127. пленарната седница закажана за 3 октомври 2023 година.
Македонија
Doctor Sauer ZOO Fest во Скопје ЗОО

Оваа сабота, со почеток од 12 часот, Скопје ЗОО прославува 97 години од постоењето како најстара зоолошка градина на Балканот.
„На Doctor Sauer ZOO Fest ве очекуваат жонглери, акробати, едукативна работилница и слатки задоволства – подароци за најмалите посетители. Се гледаме во 12 на Халки-бината во Скопје ЗОО“.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје поради велосипедската трка

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре (сабота), со почеток од 15 часот, поради одржување на велосипедската трка „Куп на град Скопје 2023“, ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим на подрачјето на град Скопје.
Трасата на движење ќе почне на улицата Димитрије Чуповски кај Порта „Македонија“, право по улицата 11 Октомври кон зградата на Собранието до крстосницата со улицата Филип Втори Македонски, па лево по улицата Филип Втори Македонски до влезот на Градскиот трговски центар, потоа се поминува под Градскиот трговски центар и се доаѓа до Порта „Македонија“, каде што се продолжува право по улицата Димитрие Чуповски сè до крстосницата со улицата Даме Груев кај ТЦ „Палома Бјанка“ и назад по улицата Димитрие Чуповски сè до стартно/целната позиција.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, при што сообраќајот ќе се пренасочува на околните сообраќајници. MВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива трката.