Македонија
Петок, 24 јуни, Late Night Shopping во „Скопје сити мол“, големи попусти и супер забава

Веќе десет години најомилен дел од јуни се неверојатните попусти во омилениот трговски центар, кои кулминираат со најдобриот ден за попуст во кој продавниците во Скопје Сити Мол работат до полноќ – Late Night Shopping во Скопје Сити Мол. Оваа година за посетителите и љубителите на шопингот подготвивме извонредни попусти, но и одлична забава за вистинско шопинг уживање и доживување.
На 24 јуни вратите на Скопје Сити Мол се отвораат во 10 часот наутро за да ги примат “шопингхоличарите“, но и оние кои го чекаат попустот за да го купат омиленото парче и забавата може да почне. Единствено со Скопје Сити Мол има сѐ што сакате со ексклузивни попусти, па искористете го Late Night Shopping да го купите омиленото парче облека, обувки, асесоари, накит, козметика, подгответе се за плажа со нов костим за капење, нов куфер или купете нешто за домот.
Притоа во вечерните часови подгответе се за забава – огнено шоу на главниот влез, посетете го модниот корнер и фотографирајте се за да учествувате во натпреварот за најдобро облечен посетител, посетете го шанкот со коктели и супер музика, уживате во ДиЏеј сетот во внатрешноста на Скопје Сити Мол, сликнете се на фотобутот со пријателите и посетете го Late Matinee и уживајте со македонските евергрини со Агни Авшар на летната тераса.
„Овој Late Night Shopping, сакаме да им приредиме целосно уживање и вистинско доживување на сите посетители и вистински рај за сите кои уживаат во попусти, шопинг, но и за сте кои сакаат да се забавуваат – имаме ДиЏеј во трговскиот центар и шанк со коктели, огнено шоу, македонски евергрини на летната тераса кај игралиштето, забавен фотобут, натпревар за најдобро облечен посетител, и се разбира неверојатни попусти во омилените брендови. Приредуваме вистинско шопинг доживување за нашите посетители, ден и ноќ кои ќе ги паметат не само по добриот шопинг, туку и по извонредната забава и целосното искуство. Ве чекаме на 24 јуни се до полноќ.“ – од Скопје Сити Мол ги покануваат посетителите.
Видот на попустите и промоциите ги дефинира секој бренд поединечно, попустите се однесуваат за 24ти јуни, денот на Late Night Shopping во Скопје Сити Мол, но најголем дел од брендовите им нудат можност на оние кои не можат да дојдат тој ден попусти и преку целиот викенд. Следете ги профилите на социјалните мрежи на Скопје Сити Мол за детални информации.
Попустите се објавуваат во четврток.
Се гледаме на Late Night Shopping во Скопје Сити Мол
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството бара притвор за мажот кој пукаше кај Скендербег и две лица кои фрлиле молотов коктел и камења кон Собранието

Обвинителството предложи притвор за три лица осомничени за инциденти за време на протестите во Скопје.
Како што информираат од ЈОРМ, мажот кој со пиштол пукаше кај плоштадот Скендербег, се симничи дека сторил кривично дело – предизвикување општа опасност. За оружјето, како што велат од Обвинителството, поседувал дозвола.
„Осомничениот, на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендер Бег“, со општо опасно средство – пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на јавен собир, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух“, наведуваат од Обвинителството.
За две други лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело – учество во толпа.
Првиот од нив, на возраст од 18 години, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што подготвил „молотов коктел“ во стаклено шише кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието.
Скопјанец нa возраст од 22 години, пак, за време на протестите пред Собранието на 6 јули, исто така учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.
Оценувајќи дека постои опасност тројцата осомничени да се дадат во бегство и можност да го повторат делото што им се става на товар, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлози за определување притвор.
Македонија
МВР: Извршен е службен разговор со лицето што држеше пиштол кај „Скендербег“, оружјето е на вештачење

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, во полициската станица извршија службен разговор со С. Р. (34) од Скопје, кој беше идентификуван од страна на полицијата како лице што за време на инцидентот во близина на споменикот „Скендербег“ држел пиштол во раката, но не го употребил, соопшти МВР.
Пиштолот ќе биде предаден за вештачење, а за случајот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.
Македонија
МВР: Kривична пријава против лицето што фрлаше со „молотови коктели“

Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против Ј. С. (18) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, казниво според член 385 од Кривичниот законик.
„Имено, на 5.7.2022 година, околу 21 часот, за време на одржување јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, Ј. С. почнал да подготвува ‘молотови коктели’ и да фрла со нив кон полициските службеници и објектот на Собранието на РСМ.
По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници, Ј. С. е лишен од слобода, обезбедени се сите докази против него во координација со ОЈО Скопје и лицето е изнесено пред судија на претходна постапка“, информираат од МВР.