Македонија
Петровска: Напуштената фабрика за бакар „Купрум“ да се трансформира во младински центар

Кандидатката за градоначалничка на Скопје, Ана Петровска, заедно со Хајди Секвенц, советничката во Виена од австриските зелени, беше на изложба на мурали во „Купрум“, напуштена фабрика за бакар. Петровска испрати порака дека напуштените индустриски објекти, стоваришта, културни домови, училишта, месни заедници, мора да се ревитализираат и пренаменат во јавни простори со многу зеленило и нови паркови.
„Во сегашноста објектите на историското еколошко жариште – фабриката за производство на бакар ‘Купрум’ во населбата Хром, пропаѓаат бидејќи не се решени имотно-правните односи. Земјиштето и објектите се делумно во државна, делумно во приватна сопственост, а некои влегуваат во стечајната маса на поранешната фабрика. Овој простор како да ги повикува младите и уметниците да создаваат зелени иновации и уметност“, се наведува во соопштението.
Како што се наведува, шетајќи покрај прекрасните мурали насликани на ѕидовите, Хајди Секвенц одушевено коментирала: „Овој простор има специфичен карактер, објектите не смее да се срушат и на нивно место да се градат станбени згради“.
„Град Скопје и Општина Ѓорче Петров мора овој простор да го трансформираат во младински центар. Да се формираат зелени стартапи, занаетчиски работилници, меѓу другото, и за поправка на домашни апарати и мебел. На просторот може да се организираат изложби, концерти и други културни настани. Напуштените индустриски објекти, стоваришта, културни домови, училишта, месни заедници, мора да се ревитализираат и пренаменат во јавни простори со многу зеленило и нови паркови. Само така Скопје ќе биде зелен и хуман град“, порача Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Облачно и студено време со температура до 6 степени

Времето денес ќе биде променливо облачно и студено, во северните планински делови со провејување на слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец кој вдолж Повардарието ќе засилува. Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 1, а максималната ќе достигне од 1 до 6 степени.
Во Скопје променливо облачно со умерен до повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 5 степени, јави УХМР.
Од понеделник ќе преовладува студено и променливо облачно, повремено ветровито време. Засилен северен ветер ќе дува во вторник и ќе има краткотрајни врнежи претежно од снег, а од четврток врнежите од снег ќе бидат повремено и со умерен интензитет
Македонија
Намалена видливост поради магла на Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла 50-60 метри има на Попова Шапка, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За влез во Влада Алијанса нека ги спречи автобусите со млади од Тетово и Гостивар кои ја напуштаат Македонија, побара Мицкоски

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара Алијанса за Албанците да покаже програма за да може да се разбере нивната желба за влез во Владата. Нагласи дека програма за влез во Влада со реформи за подобар живот на граѓаните не слушнал од ниту една политичка партија ниту пак од политичарите од Алијанса за Албанците.
„Во ред, еве го смениле мислењето, не сакаат повеќе да бидат опозиција, сакаат да бидат власт. Не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Ќе ги разберам до крај ако видам платформа со која ќе ги спречат автобусите од Гостивар и од Тетово на млади луѓе да ја напуштаат Македонија и да кажат ние со оваа политика ќе ги спречиме тие луѓе. Ќе ги повикаме да се вратат назад“, рече Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците, како политичка партија со многу лекари, Мицкоски вели дека очекувал да понуди платформа во здравството со која ќе понудат услуги кои пациентите ги заслужуваат.
„Не нудат програма, а велат ќе влеземе во Влада. Се поставува прашањето за што ако не за фактот да им се придружат на овие кои го крадат македонскиот народ. Еве нека ми каже некој со кој друг аргумент тие може да го оправдаат нивниот влез во Владата ако не е ова. Не гледам програма“, рече лидерот Мицкоски.
Тој и денес повика час поскоро да се организираат предвремени парламентарни избори оти во спротивно вели дека ќе се зголеми бројот на автобуси кои ја напуштаат Македонија.