Македонија
Петровска: Решавањето на отворените прашања на Балканот клучно за заедничката безбедност
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во рамките на учеството на „2BS – To Be Secure“ форумот, во Будва, Црна Гора, говореше на панелот насловен „НАТО подготвено за иднината, спремно, силно и одлучно“.
Во фокусот на дискусиите беше улогата на НАТО во современите безбедносни случувања и целта да се спротивстави на предизвиците и да докаже дека е способно да одбие, одврати и брани.
„На последниот Самит во Мадрид, што беше многу важен во ова критично време, НАТО порача – дека секој сантиметар од својата територија е важен и второ, дека ги зајакнуваме нашите капацитети за да одвратиме и да се одбраниме“, рече Петровска.
Министерката Петровска на панелот на кој учествуваа и министрите за одбрана на Црна Гора, Рашко Коњевиќ, и на Босна и Херцеговина, Сифет Поџиќ говореше за начините како може да се дојде до решение за сите отворени прашања на Балканот. Заклучокот од дискусијата е дека единствената гаранција за европска и просперитетна иднина на граѓаните на Западниот Балкан е дијалог и соработка.
„Кога на 24 февруари оваа година започна инвазијата, луѓето во мојата земја прашуваа дали сме безбедни, на што одговорив – да, безбедни сме затоа што сме земја членка на НАТО. Добро познатиот преспански договор го разреши спорот кој траеше повеќе од 20 години, помеѓу Грција и Северна Македонија. Потпишувањето на преспанскиот договор се покажа дека е најголемиот влог во безбедноста на нашата земја. Мојата порака е дека во одредено време политичките лидери мора да донесат сериозни политички одлуки што ќе значат инвестиција во иднината на земјите“, рече Петровска.
Министрите за одбрана на панелот разговараа и за актуелните предизвици со кои се соочува трансатлантската заедница, регионалните безбедносни предизвици со посебен акцент на последиците од руската воена агресија врз Украина, зголемување на отпорноста на демократиите, како и приоритетите за дејствување во трансатлантските односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здравковски: Буџетот за 2025 година ќе донесе многу посветла иднина, за разлика од оној на претходната власт
На денешната собраниска седница за Буџетот за 2025 година, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски зборуваше за значењето на буџетот за иднината на Република Македонија, кој ќе ја одреди и трасата по која ќе се движи државата, односно што се е испланирано и испроектирано во него, како би придонело за подобрување на стандардот на граѓаните.
Здравковски дискутираше за факти и направи компарација како било во времето на владеењето на СДС и дека тие ништо не направиле во однос на капиталните инвестиции и функционирањето на државата, дека сето ветено за време на нивното владеење било само на хартија, а ништо на дело и во пракса, за разлика од сегашната власт која работи посветено и транспарентно.
„Ќе дискутирам за факти, ќе започнам со она што досега го критикувавме, а тоа е златното правило, сите буџети досега се темелеа на златно правило каде што капиталните инвестиции биле повеќе од дефицитот меѓутоа видовме со годините наназад дека ниту еднаш не се оствари теоретски, имаме уште еден податок како граѓаните живееле изминативе години, за десет години владеење во времето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 во просек македонскиот стандард се приближувал до европскиот стандард со 1%, а во овие седум години кога владееја СДС се приближува со 0,24%“, рече Здравковски.
Тој исто така наведе и дека буџетот за 2025 година предвидува многу позитивни промени, поубава иднина и подобар живот за сите во државата, она што не чека во иднина односно наредната година е една многу посветла иднина според сите проекции на релевантни фактори.
„Станува збор за ММФ кои предвидуваат раст од 3,6%, станува збор за Светска банка кои предвидуваат 2,5% раст, министерството за финансии 3,7% раст, кој што ќе овозможи подобра иднина и подобар живот на сите граѓани, имаме предвидено средства за сервисирање, на се она што треба да го покрие државата, за разлика од досега кога видовме дека има долгови по сите основи, во овој буџет имаме предвидено континуиран раст дополнително на платите и на она кое што значи приходи и подобар стандард на граѓаните“, вели Здравковски.
Македонија
Тошковски и Јанев со полициските аташеа: Продолжуваме со интензивна соработка во сите области
Денеска во Владата на РСМ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со директорот на БЈБ при МВР, Александар Јанев организираа пригоден коктел за полициските аташеа во составот на странските дипломатско-конзуларни претставништва застапени во нашата земја.
Во своето пригодно обраќање министерот Тошковски, забалагодарувајќи се на досегашната соработка, особено во поглед на низата заеднички проекти во разни области, вредните донации во средства наменети за македонската полиција, како и многуте меѓународни обуки и тренинзи, изрази уверување дека таквото партнерство ќе продолжи и во иднина пред се во името на заедничките вредности и цели.
Воедно честитајќи ги претстојните Божиќни и Новогодишни празници на полициските аташеа нагласи дека – „во Новата година продолжуваме со интензивната полициска соработка во сите области бидејќи сме дел од едно семејство и се соочуваме со слични предизвици и проблеми а се во насока на решавање и обезбедување на глобалната безбедност“.
Македонија
Срамно, oткако Мицкоски си ги зголеми платите во Влада, вели дека нема да се покачуваат, реагираат од СДСМ
Oткако си ја покачи неговата функционерска плата, заедно со платите на министрите кои после еден месец се пожалија дека не смее да им се намали платата, сега Мицкоски кажува приказни, реагираат од СДСМ.
„Нема да се зголемат платите на функционерите откако се зголемија платите на функционерите – вака звучи Мицкоски кој до пред неколку месеци ветуваше нешто друго дека како власт ДПМНЕ ќе ги намали платите на функционерите.
Тоа ветување Мицкоски не го исполни“, се истакнува во реакцијата на опозициската партија.
Според СДСМ, додека Владата на Мицкоски не прифаќа ниту еден амандман за поголеми плати за работниците, за полицајците, за пожарникарите, одбива да ја зголеми минималната плата, во исто време ги зголемува парите за мебел и нови возила за функционерите.
„Според Мицкоски сите треба да работат за минимум, но функционерите од власта и министрите да имаат огромни плати, да уживаат во нивните примања и да патуваат со бизнис класи на грбот на граѓаните. Ваков арогантен однос кон граѓаните досега не покажала ниту влада како оваа на Мицкоски и ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ во пишаниот допис.