Македонија
Петрушевски: Вистинската основа за поднесената интерпелацијата на Стоилковиќ е јавното обелоденување на криминалите сторени од ДУИ
На собраниска седница за интерпелации се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој зеде збор во врска со интерпелацијата за Иван Стоилковиќ и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија не ја поддржува интерпелацијата поднесена од страна на ДУИ.
„Дозволете ми да го соопштам ставот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија која што нема ја да поддржи оваа интерпелација од неколку причини. Најпрвин затоа што се работи за лов на евтини политички поени од страна на ДУИ врз основа на меѓуетнички прашања, а она што е посериозно е што обидот за политизација на меѓуетничките прашања во време кога Македонија се соочува со многу предизвици на патот кон Европската унија е непотребен и пред се е штетен за стабилноста на државата што пак е во директна колизија со интересите на нашите стратешки партнери“, рече Петрушевски.
Пратеникот исто така истакна дека основите поднесени за оваа интерпелација се во надлежност на безбедносните структури, а не на министерот Стоилковиќ, и исто така објасни дека основата за поднесувањето на оваа интерпелацијата од страна на ДУИ е јавното откривање на криминалите сторени од страна на ДУИ.
„Исто така морам да истакнам дека наведените основи во интерпелацијата се во исклучива надлежност на безбедносните структури и во никаква надлежност на министерот Стоилковиќ и она што е добро е тоа што имаше соодветна реакција на МВР и се разјаснети сите околности особено морам да го истакнам инцидентот во Куманово каде што апсолутно не се работеше за никаков меѓуетнички инцидент туку напротив немаше никаква етничка основа. Но да бидеме реални вистинската основа за интерпелацијата е тоа што министерот Стоилковиќ ги откри јавно криминалите во работењето во Министерството за односи меѓу заедниците додека било раководено од ДУИ, наместо на ваков начин да се обедува ДУИ да го брани Артан Груби најдобро ќе биде веднаш да си ја повлече оваа неоснована интерпелација“, објасни Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче со честитка до Милановиќ: Неговата победа е потврда дека граѓаните на Хрватска ги препознаваат и поддржуват социјалдемократските вредности
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче упати честитка до Зоран Милановиќ за неговата убедлива победа во вториот круг од претседателските избори во Хрватска.
„Неговата победа е потврда дека граѓаните на Хрватска ги препознаваат и поддржуват социјалдемократските вредности. Сигурен сум дека Зоран ќе продолжи да ја води Хрватска во правилна насока обезбедувајќи напредок, стабилност и развој за своите граѓани.
Ти посакувам успешен мандат, Зоране, и се надевам на успешна соработка меѓу нашите две партии и зајакнување на односите меѓу нашите две пријателски земји“, се наведува во честитката на Филипче.
Македонија
Повеќе од половина метар снег на Попова Шапка и Маврово, минусни температури во речиси цела држава
Утрово најстудено било на Попова Шапка каде што се измерени -10 степени целзиусови, -8 било во Маврови Анови и Крушево, -5 во Берово, -4 во Крива Паланка, Битола, Прилеп, Охрид и Претор, -3 во Тетово, Дебар и Виница, -2 во Скопје-Зајчев Рид, Куманово и Штип, -1 во Велес, Кавадарци, Скопје-Петровец, Струмица, Демир Капија, 0 во Гевгелија.
Висината на снежната покривка во 7 часот утрово била 64 сантиметри Попова Шапка, 57 во Маврови Анови, 36 во Крушево 34 во Дебар, 32 во Штип, 31 во Демир Капија, 30 во Тетово, 27 во Берово, 20 во Прилеп, 17 во Охрид, 15 во Струмица и Претор, 11 во Крива Паланка, 10 во Скопје-Петровец, 6 во Куманово.
Времето во текот на ноќта и изутринава
Облачно со повремени врнежи од снег. Дуваше слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Утринава снег врне во Крива Паланка, Тетово, Штип, Берово, Куманово и Дебар.
Времето денеска
Претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3 степени.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 2 степени.
Македонија
Врнежи од снег низ целата држава, забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат. Врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава.
Од 05:45 часот тешките товарни возила поради врнежи од снег превентивно ќе се пренасочуваат од автопат А1 кај клучка Демир Капија до Смоквица по регионалниот патен правец (стариот пат) Р1102.
Активни забрани за тешките товарни возила:
· Гостивар – Маврово – Дебар
· Гостивар – Стража – Кичево
· Пресека
· Плетвар
· Ѓавато
· Струга – г.п. Ќафасан
· Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
· Струмица – Берово
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.