Македонија
Петрушевски: По дебаклот на изборите, СДС не знае кај тера, парите од заемот ќе се инвестираат кај граѓаните и во македонската економија
Очигледно е дека после дебаклот на последните избори, СДСМ тотално го загуби правецот на делување и тоа се гледа во последните нивни политики, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски од собранискита говорници каде што се дискутира за законското решение за заемот од 500 милиони евра од унгарската влада.
Петрушевски истакна дека е срамота за еден поранешен вицепремиер за економски прашања, обраќајќи му се на пратеникот Фатмир Битиќи, да излегува на говорница и да критикува за некакво задолжување, најпрвин од причина што во негово време, неговата влада го дуплира јавниот долг на Република Македонија од 4,7 милијарди евра на 8,9 милијарди евра.
„Срамота е затоа што ова задолжување од 500 милиони евра е предвидено во буџетот кој што предложи и го донесе претходното мнозинство. 500 милиони евра стојат како финансирање во нивниот буџет. Да се зборува за тајност за едно задолжување кое беше најавено уште во предизборниот период, за едно задолжување за кое што се дебатира со месеци е смешно“, рече Петрушевски.
Меѓутоа, додаде тој, тоа е така затоа што свесни се дека ова задолжување е далеку поевтино од сите нивни претхотни задолжувања, затоа што владата на овој поранешен вицепремиер само од јануари до јуни 2024 година, за само шест месеци направиле вкупни трошоци за камати во буџетот од 182 милиони евра, а во истиот период во 2023 година биле 108 милиони евра, а во 2022 биле 83 милиони евра.
„И да биде парадоксот поголем, го критикува задолжувањето без да спомене ниту една бројка. Па, зошто почитуван поранешен вицепремиере не кажете дека се работи за задолжување со каматна стапка од 3,25%, далеку најевтина каматна стапка за било какво можно задолжување? Зошто не ги кажете поволностите кои што се однесуваат на три годишен грејс период и 15 години рок на отплата? Очигледно затоа што не ви оди во прилог. Уште еднаш, повикот за општините е објавен, со коморите е договорено, парите ќе се инвестираат кај граѓаните и во македонската економија“, рече Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со дожд и грмежи, температурите во опаѓање
Времето утре ќе биде променливо облачно, а претежно во западните делови од земјата ќе има повремен дожд. Локално се очекуваат услови за краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи.
Во западните делови ќе дува западен ветер, додека долж Повардарието ќе преовладува северен ветер, кој на места повремено ќе засилува. Минималната температура ќе се движи од 5 до 11 степени, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно, а во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9 степени, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Според прогнозата, и во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во попладневните часови на места ќе има услови за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а температурите ќе бидат во постепено опаѓање.
Македонија
Ученикот кој беше прободен во училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели Стефковски
Ученикот кој вчера беше прободен во основно училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Нападот го извршил поранешен ученик, а повредениот е ученик во деветто одделение.
„Со жалење и сериозна вознемиреност ја примив информацијата за немилиот настан кој се случил во училиште во Ченто, каде што еден поранешен ученик кој минатата година го завршил своето образование во ова училиште, дошол и повредил ученик од деветто одделение. Во разговор со членови на семејството на повредениот ученик информиран сум дека детето е во добра здравствена состојба и се наоѓа на болничко лекување“, објави Стефковски.
Лицето кое го извршило нападот е уапсено. Според информации во јавноста, нападот се случил во основното училиште „25 Мај“. Од МВР известија дека 15 годишник вчера со остар предмет влегол во училиштето и повредил ученик.
Стефковски го осуди нападот и вели дека насилството не може да се оправда со ништо.
„Општина Гази Баба, останува во постојана координација со надлежните институции кои превземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, вели градоначалникот.
Македонија
Во завршна фаза е изградбата на боксерската сала во Битола
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изврши увид на изградбата, односно завршницата на еден капитален објект за Битола.
Центарот за спорт и спортски активности е еден од шеснаесетте проекти финансирани од Владата на Македонија преку Министерството за спорт со вкупна вредност од над 43 милиони денари.
Надвор во завршна фаза е довршувањето на фасадата на објектот, а во внатрешноста на објектот се довршува подот.
Објектот е на два ката со површина од околу 930 метри квадратни. Има сала за тренинг со боксерски ринг и фитнес справи. Објектот има и соблекувални машки и женски со сопствени тоалети и бањи и тоалет за лица со посебни потреби. На источната страна се просториите за спортско качувачки клуб идентични како на боксерскиот клуб, со сала за тренинг и соблекувални.
Околината на објектот ќе биде партерно уредена и ќе има паркинг.
„Ова ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери. Битола има своја боксерска историја, а во сегашноста и свои шампиони, кои ќе добијат современи и модерни услови за нивните предизвици“, велат од Општината.
