Македонија
Пивтијада по 15. пат на плоштадот во Автокоманда

Утре 19.01.2025 година (недела) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 15та година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.
Истовремено ќе уживаат во македонската песна со настапот на Јордан Митев, Ефто Пупиноски и Даниела Темелковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Ѓорѓиевски: „Генералката во Кисела Вода“ продолжува, денес се чисти трим патеката

Генералното чистење на територијата на општина Кисела Вода продолжува со силна динамика. Откако минатата недела започнаа интензивни активности за чистење на улиците, тротоарите и јавните површини, досега се опфатени повеќе населби и населени места, а до крајот на акцијата ќе бидат опфатени сите 15 месни и урбани заедници во општината. Денеска се чисти во 11 Октомври бараки и на трим патеката, која претставува важен простор за рекреација и е омилено место на граѓаните кои редовно ја користат за спорт и прошетки, известува општината.
Ангажираните екипи темелно ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини, користејќи ги и новите метларки, кои неодамна беа набавени како одговор на барањата на граѓаните за почиста животна средина. Освен рачно и машинско метење, се перат и плочниците во парковите, се кастрат суви гранки и се отстранува насобраниот комунален отпад. За жал, екипите мора да интервенираат и на несоодветно оставениот шут и кабаст отпад, кој не смеел да заврши на јавните површини, се наведува во соопштението на општината.
„Хигиената во урбаните средини е основа за квалитетен живот. Грижата за чиста и здрава околина е заедничка одговорност, а ние како локална самоуправа правиме сè што е во наша моќ за да одржуваме чиста општина. Денес се работи на трим патеката, како едно од најфреквентните места за рекреација, и на која вложуваме посебно внимание на хигиената бидејќи голем број на граѓани ја користат секојдневно. Покрај оваа акција за генерално чистење, сакам да најавам дека од овој викенд започнуваме и нова акција за подигнување на кабаст отпад, која за првпат ќе се спроведува на тримесечно ниво. Деталите за оваа акција ќе бидат објавени утре“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Муцунски на средба со австралискиот пратеник Колман: Отворање нови можности за соработка во области од заемен интерес

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со австралискиот пратеник и министер за надворешни работи во сенка, Дејвид Колман, кој е голем пријател и поддржувач на македонската заедница во Австралија.
На средбата се разговараше за актуелните политички случувања, можноста за негова посета на Република Северна Македонија, како и за понатамошните текови во надворешната политика на Австралија. Посебен акцент беше ставен на значајната улога на македонската заедница како силен мост на пријателство помеѓу двете земји.
Двете страни изразија подготвеност за продолжување на дијалогот и заедничка работа на иницијативи, што ќе придонесат за продлабочување на билатералните односи и отворање нови можности за соработка во области од заемен интерес.
Македонија
Национален младински совет ќе реализира сесии за кариерно советување во секое средно училиште

„Национален младински совет на Македонија од месец февруари спроведува сесии за кариерно советување во сите средни училишта на национално ниво. Оваа програма се спроведува со одобрение од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, а со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.
„Досега во февруари се имплементираа сесии за кариерно советување во 16 училишта од Велес, Берово, Кичево, Куманово, Богданци, Гевгелија, Струмица, Прилеп и Тетово а се опфатија околу 500 средношколци. Интересот е навистина голем па за оние млади кои што нема да може да се опфатат преку дирекните сесии ќе се изработи дигитален кариерен планер, кој ќе служи како ресурс за сите идни генерации“, велат од Национален младински совет и додаваат:
„Преку овој дигитален планер ќе се опфатат дополнителни 10 000 средношколци на кои ќе им се понудат ресурси и знаења за кариерно планирање и кариерен развој“