Македонија
Побарана подготвителна постапка кон дете за предизвикување пожар во Расадник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје поднесе барање за поведување подготвителна постапка кон дете во судир со законот, кое презело дејства што со закон се предвидени како кривично дело – предизвикување општа опасност по член 288 став 1 од Кривичниот законик.
На 3 септември, во попладневните часови, детето на возраст од 14 години, заедно со уште две деца во ризик, кои не наполниле 14 години и од тие причини не се кривично одговорни, палеле петарди и прскалки на земјена патека во месноста Расадник, Кисела Вода. Како последица на тоа бил инициран пожар, кој бргу се проширил на околната сува трева поради ветерот и зафатил површина од речиси 3 хектари – дрвја, сандаци со пчели и неколку бандери за пренос на електрична енергија. Со пожарот била предизвикана значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери, соопшти Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Радев: Преговорите помеѓу Бугарија и Северна Македонија завршија пред две години
Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по Договорот за добрососедство и соработка, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев, кој смета дека нема потреба од посредништво во дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија.
Со овие зборови тој одговори на прашање за изјавата на премиерот на Христијан Мицковски, дека е подготвен за преговори со бугарскиот претседател.
Радев посочи дека секогаш бил отворен за дијалог, но мора да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
„Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по договорот за добрососедство и соработка“, рече Радев, пренесува „Новини.бг“.
Според него, доколку се зборува за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија и врз основа на преговарачката рамка за Северна Македонија усвоена во исто време.
„Дијалогот е таму, а се работи за условите што мора да ги исполни Северна Македонија, за да можат да почнат преговорите за членство на земјата во ЕУ“, додаде.
Радев истакна дека Бугарија може и треба да помогне во овој процес, за Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите и самоуверено да го тргне својот европски пат.
Македонија
Уште еден земјотрес почувствуван во Македонија
Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала вечерва е регистриран во близина на граничните премини помеѓу Македонија, Косово и Србија.
Според информациите на ЕМСЦ земјотресот се случил на длабочина од 10 километри, на 9 километри од Врање.
Граѓаните веднаш се огласија на социјалните мрежи и, како што велат, ова е четврти земјотрес од синоќа.
„Добро удри! Немаше нишање, повторно вертикално“, сведочи граѓан на Врање кој го почувствувал потресот, пренесува „Б92“.
„Силно, но кратко“, се дел од коментарите на корисниците на EМСЦ.
Земјотресот бил почувствуван во делови од Македонија, Србија, Косово и Бугарија.
Претходно утрово, земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала ја погоди јужна Србија, а беше почувствуван и во Македонија и во Бугарија.
Македонија
Огромни гужви на грчко-македонската граница: „Се чека и до три часа“, се жалат граѓани
Колони возила има попладнево на граничниот премин Еврзони од грчка страна, додека голем број македонски граѓани се враќаат од продолжениот празничен викенд кој го поминаа на туристичките места во Грција.
Според информациите од АМСМ, за влез во земјава се чека повеќе од еден час.
Граѓани пак, сведочат дека чекаат и до три часа.
„Колони има до патарина“, се жалат македонските туристи.
Гужви има и на велешката патарина, а колона возила стои во место и на влезот на Гостивар од „Стража“.
Според последните информации, на Табановце времето за чекање веќе е намалено откако претходно денес и таму беше забележано зголемено движење.
(Фото: архива)