Македонија
Поведена постапка за насилство кон новинарската екипа на „Алсат“
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои сомнение дека сторило кривично дело насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 53-годишник, на 21 август, во Старата скопска чаршија, најпрвин упатил закани и навреди, а потоа и физички нападнал новинарска екипа на телевизијата „Алсат-М“. Со тупаници го удрил снимателот по главата и телото, а кај двете новинарки предизвикал чувство на вознемиреност и страв. Во насока на целосно расчистување и документирање на настанот, по наредба на јавен обвинител, обезбедени се снимки од видеонадзор од околните објекти.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено одземање на патната исправа на осомниченото лице, како и забрана за остварување контакти со сведоците и со оштетениот“, посочија од Основното јавно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Вал: заедничка цел зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска беше домаќин на работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, Килиан Вал.
Меџити и Вал разговараа за можностите за соработка во континуирано партнерство со цел унапредување на приоритетните реформи во согласност со заложбите на ОБСЕ.
Двајцата соговорници се согласија дека имаат за цел зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата, родовата еднаквост и зајакнувањето на младите, додека промовирањето на транспарентноста, човековите права и одржливиот развој за доброто на сите граѓани остануваат заедничка цел.
Меџити повтори дека е максимално посветен на напредокот на интеграциската агенда на земјата кон зачленување во Европската унија, како единствено решение и со масовна поддршка од граѓаните.
Македонија
(Видео) Во Прилеп утре Ден на жалост, по трагичната несреќа во која загинаа три медицински лица
Во Прилеп, утрешниот ден се прогласува за Ден на жалост поради трагично загинатите медицински лица, кои утрово ги загубија животите во тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат Прилеп-Битола.
Одлуката беше донесена од страна на Советот на Општина Прилеп на вонредна седница.
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчевски во своето обраќање рече: „Како градоначалник, како лекар, но пред се како човек утрово со тага ја примив веста за прераната смрт на нашите сограѓани, на еден прекрасен тим на специјалисти и медицински кадар. Еден тим кој животот го посвети во давање на помош и спасување на животи. Дури и на тој пат одеа да спасат животи. Прилеп и Македонија губат врвни луѓе, посветени на својата професија“, нагласи тој.
Несреќата се случила утрово при судир на автомобил во кое биле медицинските лица и товарен камион.
Македонија
Ковачки: Работите во судството се катастрофално лоши, потребни се оставки во судски совет, генерален ремонт и реизбор
„Работите во судството ни се лоши, катастрофално лоши и тоа е оценка на сите од надвор и од внатре“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Тој посочи дека поради нула ажурност на судовите резултатите се катастрофални.
„Резултатите се катастрофални со ажурност нула на судовите. Од одредени судови се праќаат по други, од едни апелациони подрачја во други се праќаат на испомош затоа што нема судии“, вели Ковачки.
Правдата генерално во Република Македонија, според него ја нема, судство, обвинителство, како што вели, „таа спрега е скапана и тука ние не може да направиме исчекор без генерален ремонт. Мора да имаме генерален ремонт и реизбор“, потенцираше Ковачки.
Тој е дециден дека сите во судскиот совет треба да си дадат оставки.
„Судски совет како што сега е поставен треба да си дадат оставки затоа што доведоа до тие 2% доверба“, укажа Ковачки.