Македонија
Повеќе од 900 жени годинава жртви на семејно насилство: „Оваа бројка е повик за итна акција“
Сега е време да се обединиме и да ја промениме приказната, да ставиме крај на насилството врз жените и девојките. Оваа порака одекна вчера за време на официјалното отворање на годинешната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, одржано на Економскиот факултет во Скопје.
Националната кампања е заеднички организирана од сите агенции на Обединетите нации во земјата, делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и многубројни институционални и граѓански партнери потврдувајќи широка и обединета посветеност за превенција и одговор на насилството врз жените и девојките.
Кампањата особено го истакнува распространетиот ефект на родово базираното насилство во сите сфери од животот, вклучувајќи ги и зголемените ризици со кои се соочуваат бегалките, присилно раселените и жените и девојките без државјанство. Таа нагласува четири форми на насилство, кои често остануваат недоволно препознаени: економско насилство, родово базирано насилство преку технологија, психолошка злоупотреба и насилство врз жените во политиката. Иако често занемарени, овие скриени форми имаат долготрајни последици врз автономијата, менталното здравје, економската сигурност и општественото учество на жените и девојките.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, истакна дека насилството не смее да се игнорира: „За жал, бројките покажуваат дека во 2025 година, од вкупно 1.260 регистрирани жртви, дури 932 се жени жртви на семејно насилство. Оваа бројка треба да биде повик за акција за сите нас – да преземеме конкретни мерки за намалување на насилството. Решавањето на овој проблем мора да биде темелно, решително и енергично. Институциите мора да дејствуваат поактивно во согласност со постојното законодавство, кое им дава јасен мандат за спроведување мерки и механизми за заштита“, додаде тој.
Годинешната кампања ќе се одвива со мотото „Промени ја приказната. Стави крај на насилството“ и повикува на порано препознавање на предупредувачките знаци, посилни превентивни мерки, подобрени институционални одговори и поголема одговорност за сторителите. Таа ја нагласува потребата од целосна имплементација на националното законодавство, вклучувајќи ги одредбите од Кривичниот законик за психолошко и економско насилство, Законот за превенција и заштита од родово базираното насилство, како и усогласување со стандардите на Истанбулската конвенција. Кампањата исто така ги истакнува важноста на економското зајакнување и поддршката за реинтеграција на преживеаните.
Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, нагласи дека за Европската Унија родовата еднаквост не е само основна вредност – таа е столб на нашата демократска визија:
„Доказите покажуваат дека кога родовата нееднаквост опстојува, насилството се зголемува. Вечерва сме тука – во солидарност со преживеаните. Во поддршка на оние што работат за нивна заштита. И со решителност да дадеме сè од себе, како институции и како поединци, за да спречиме насилство“, рече Рокас.
Партнерите ја истакнаа потребата од посилна вклученост на мажи и момчиња, родители, младински мрежи, наставници и локални заедници, чија улога е суштинска за прекинување на циклусите на насилство. Кампањата нагласува дека насилството има многу лица и дека економската контрола, дигиталната злоупотреба и психолошката манипулација се исто толку штетни како и физичкото насилство оставајќи невидливи, но длабоки траги.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, исто така истакна дека насилството може да се спречи: „Но, превенцијата бара храброст – од институциите да дејствуваат, а од заедниците да проговорат, да ги оспорат штетните норми и да одбијат молк. Ставањето крај на насилството е заедничка одговорност и мора да ја спроведеме со доследност, сочувство и посветеност“, рече тој.
Оваа кампања ги повикува општеството во целина, институциите, заедниците и поединците да заземат јасен став против сите форми на родово базирано насилство. Таа бара култура на превенција заснована на почит, еднаквост и нулта толеранција кон злоупотреба. Крајната цел е да се обезбеди секоја жена и секоја девојка во Северна Македонија, вклучувајќи ги бегалките и жените без државјанство, да може да живее без насилство, да ги остварува своите права и да се чувствува безбедно во својот дом, на работното место, во училиштето, во заедницата и во јавниот живот.
Меѓу многуте активности, кампањата вклучува иновативни изведби на социјален театар во неколку градови во земјата осмислени да понудат искуствено учење преку интерактивни претстави за разни форми на родово базирано насилство.
Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Рита Колумбија, заклучи дека имаме знаење и алатки за ставање крај на родово базираното насилство: „Сега треба да ги обединиме нашите напори, да застанеме рамо до рамо и да ги исполниме ветувањата што сме ги дале. Заедно ја имаме моќта да изградиме иднина во која секоја жена и секоја девојка е слободна од страв и од штета. Ставањето крај на насилството врз жените не е само морална обврска – тоа е фундаментален темел за мирот, развојот и просперитетот на нацијата“, рече таа.
За време на вчерашниот настан беше претставено и новото издание на НАВИГАТОР, едукативна онлајн-игра создадена за подигнување на свеста за човековите права. За разлика од минатата година, ова издание воведува значајни надградби, кои го збогатуваат процесот на учење и ги зајакнуваат интерактивните елементи. Новитет е воведувањето на „Портокаловата планета“, посветена на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Другите планети продолжуваат да обработуваат теми од разни области поврзани со човековите права, сега со проширена содржина и подобрен систем на игра, кој нуди подинамично и поинтересно корисничко искуство.
„Навигатор“ е резултат на заедничкиот ангажман на „Јуроп хаус“, семејството на Обединетите нации во Северна Македонија, здружението за изработка на игри „Галактик омнивор“, Македонското здружение на младите правници, а се реализира со поддршка од Министерството за образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коњановски даде отчет за првите 100 дена: фокусот е на инфраструктурата, образованието, спортот, културата и енергетска транзиција
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат, истакнувајќи дека фокусот е на инфраструктура, образование, спорт, култура и енергетска транзиција.
Во овој период беше отворена новата градинка „Пчеличка“ со капацитет за 76 деца, адаптирана од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“. Во рамките на инфраструктурните проекти, се асфалтираа делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а се изведуваат и три нови игралишта во месноста Областа.
Коњановски истакна дека во 2026 година се планирани 53 реконструкции на улици и локални патишта и изградба на шест нови паркинг простори на повеќе локации во градот. Во спортската инфраструктура се вклучени подготовки за мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.
Во образованието се продолжува со реконструкција на училишни спортски сали, изградба на нови игралишта и објекти за учениците, додека за заштита на животната средина се преземаат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации и за системи за водоснабдување.
Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е приоритет, со промоција на националниот портал за електронски услуги „Е-услуги“, а општината активно се вклучува во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и на јавни објекти.
Во рамките на културата и спортот, Битола беше домаќин на натпревари на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, а се реализираа проекти за ракомет, бокс и други спортски активности. Општината организираше и јавни трибини, поддршка за волонтери, активности за лица со попреченост и старо население.
Коњановски истакна дека Битола го поттикнува туризмот преку проекти како физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалникот посочи дека секој проект ќе биде следен со транспарентно информирање до граѓаните, со цел локалната самоуправа да остане сервис на жителите.
„Не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Критиките не не обесхрабруваат, туку нè мотивираат да продолжиме со нашата мисија“, изјави Коњановски.
Македонија
Работниците немаат за леб а владата мисли да купува авион за Мицкоски, велат од СДСМ
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски. За туристички патувања, како она во Давос велат од СДСМ.
„Очигледно затоа одбива да им ги покачи платите на работниците. Одбива да се откаже од лукзуот и вели нема пари за минимална плата од 600 евра.
За покачување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се доволни 200 милиони евра, а за авион уште стотици милиони евра повеќе не се доволни.
Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати и сака да купува авион од стотици милиони евра, за туристички патувања“.
Ученикот, додаваат од опозициската партија, сака да го надмине учителот во луксузирање врз грбот на народот.
„И Томовски запнал за авион од стотици милиони евра, како да се надева на процент од набавката за семејната фирма?
Малку да не им се 161 тендер досега?
Сè е бизнис во ВМРО“.
Македонија
Герасимовски: Финасиска поддршка за спортски проекти во Центар, заедно градиме здрави навики
Општина Центар објави Јавен повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите заинтересирани да аплицираат за поддршка на спортските активности и афирмација на младите спортисти.
„Спортот е основа за здрав живот на сите генерации, но најмногу за правилен развој на нашата младина. Фокусот го ставаме токму на тоа, на поддршка и градење на тимскиот дух кај младите и нивното физичко и ментално здравје“, рече Герасимовски.
Проектите што ќе конкурираат, според соопштеното, треба да содржат најмалку три од следниве услови: да имаат стручни кадри, добро формулирани цели и очекувани ефекти, план за вклученост на заедницата и активности за стимулирање и афирмација на младите потенцијални спортисти-поединци во општината.
Право на учество имаат спортисти-поединци, спортски клубови, здруженија и институции со седиште во Општина Центар кои исполнуваат законски и административни критериуми.
Рокот за поднесување на пријавите е десет дена од објавувањето на повикот. Пријавите може да се достават преку пошта или лично во Архивата на Општина Центар

