Македонија
Поддршката на надарените ученици е важен услов за напредок на државата, вели министерот за образование

Вистина е дека сé може да се одложи, ама грижата за талентот не може. Кога велам грижа, мислам и на онаа институционалната, но секако мислам и на онаа од семејството, од поширокото опкружување и општеството, а најважна е личната волја за надградба, самодовербата и истрајноста на надареното или талентираното дете. Затоа што, верувам дека сите ние сме биле сведоци на ситуации во кои луѓето кои ги поседуваат, ги игнорираат своите таленти и наместо насочување кон тоа што најдобро го знаат, одбираат да се фокусираат на нешто сосема друго.
Ова го кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот вебинар посветен на грижата кон надарените и талентираните деца, организиран од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на кој учествуваа повеќе претставници на академската и научната фела и експерти во областа на образованието.
Шаќири рече дека државата има механизам со кој ги поддржува талентираните ученици, но и дека постои простор за надополнување со нови мерки со цел грижата кон овие деца да биде покомплетна и поефективна.
Посочи на можноста за талентираните ученици да прескокнат најмногу до две одделенија за време на нивното образование, како и за можностите за организирање на дополнителна групна или индивидуална настава со посебна програма која ја изготвува советот на наставници. Информираше и дека талентираните ученици добиваат разни форми на финансиска поддршка.
„Ќе потсетам дека секоја година доделуваме стипендии за талентирани ученици по природни науки, талентирани ученици во области на уметноста и за талентирани спортисти од средните училишта. Оние кои ќе освојат прво место на државен натпревар, прво второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки, или на некоја од меѓународните научни олимпијади исто така добиваат соодветни парични награди, а воедно се поддржува и нивното учество со покривање на трошоците за котизација и патување“, рече Шаќири.
Потсети и дека од учебната 2020/2021 година отворена е Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката, како и дека Фондот за иновации заедно со УНИЦЕФ креираат програми кои ги вклучуваат талентираните ученици и обезбедуваат поддршка кои ги поттикнуваат да ја развиваат својата креативност.
„Кога говорам за развој на креативноста, сакам да информирам дека како министерство и Влада правиме и системска реформа на основното образование, каде со нови наставни програми, нови учебници и целосно нов пристап на наставниците во наставата го поттикнуваме креативниот потенцијал на учениците. Дополнително, со воведување на повеќе изборни предмети во основните училишта се дава шанса секој да го одбере тоа што му е предмет на интерес, а не нешто кое би му се наметнало. Така се овозможува рана идентификација на афинитети, предиспозиции и талент за одредена работа или во одредена област. Така и навремено започнува следењето на детето и се дава потребната поддршка за да напредува“, додаде Шаќири.
Министерот се заблагодари на организаторите за идејата за овој вебинар, истакнувајќи дека потребни се уште повеќе вакви активности за како што рече, да ја подигнеме свеста за надарените и талентираните деца и заеднички да го надополниме и унапредиме механизмот за нивно идентификување и континуирана поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес утрово регистриран во тетовско

Земјотрес од 3,6 степени утрово го стресе тетовскиот регион, а истиот беше почуствуван и во Скопје.
Според податоците земјотресот се случил околу 9 часот и 11 минути утрово, а епицентарот е на 8 километри од Тетово односно 32 километри од Скопје.
Потресот особено се почуствувал во местата Желино, Боговиње. Земјотресот се почуствувал и во Скопје.
Македонија
Одбележување на Платиниумскиот јубилеј – 70 години служба на Нејзиното Величество Кралицата Елизабета Втора

Оваа година одбележуваме 70 години служба на Нејзиното Величество Кралицата Елизабета Втора. Кралицата владее подолго од кој било друг монарх во британската историја, и стана многу сакана и почитувана личност низ целиот свет. Таа е и најистакнатиот дипломат во Обединетото Кралство, кој ги зацврстуваше старите односи и градеше нови врски.
Како дел од прославата, Британската амбасада Скопје беше домаќин на прославата во градината на Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски за да ги прославиме врските на пријателство, разбирање и почит помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј одржа говор, поздравувајќи ги претседателот, премиерот и заменик-претседателот на собранието, како и гостите и пријателите на Обединетото Кралство и Северна Македонија.
„ Долгогодишните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија продолжија да ги зајакнуваат и ги одразуваат нашите заеднички вредности и цели, како и соработката меѓу нашите институции, нашите парламенти, нашата војска и нашиот народ“ рече Галовеј.
Македонија
Собранието е повторно отворено за посети со физичко присуство

Од денес, па секој петок во неделата, заинтересираните ќе имаат можност да ја разгледаат зградата на Собранието и да слушнат повеќе за улогата и функциите на законодавната власт. Дополнително, заинтересираните граѓани ќе може да се пријавуваат и во другите денови на неделата, од вторник до четврток на терминот од 9 до 10 часот.
Посетите се спроведуваат од страна на обучени водичи и се бесплатни за сите посетители. Времетраењето на организираната обиколка е еден час, а термините за посета се секој час од 9:00 до 15:00 часот.
Заинтересираните граѓани за посета на Собранието, можат да се пријават најдоцна пет работни дена пред посетата, преку софтверот за пријавување на следниот линк https://poseti.sobranie.mk/.
За сите прашања и дополнителни информации може да се обратите до Одделението за едукација и комуникација во Парламентарниот институт, на телефонскиот број 02/3182 227 или преку електронска пошта: [email protected]