Македонија
Поднесено обвинение за анестезиологот за смртта на родилката во „Санте плус“

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против лекарот анестезиолог за смртта на родилката во болницата „Санте плус“. Тој е обвинет за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.
„Обвинетиот на 18 јануари 2018 година, како лекар специјалист анестезиолог, при укажување лекарска помош, применил очигледно неподобен начин на лекување и со тоа предизвикал смрт кај родилката Дебора Ќерими – Џамбази, како и тешко нарушување на здравјето на нејзиното новороденче“, соопштија од Обвинителството.
Спротивно на Законот за здравствена заштита, обвинетиот вработен на Универзитетската клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување склучил договор за дело со приватна здравствена установа, со кој се обврзал да ги извршува работите на работно место доктор анестезиолог во периодот од 16.01-28.01.2018 година. Притоа, тој го склучил договорот без да го поседува потребното работно искуство во специјалноста над две години и без да постои договор меѓу клиниката во која работел и приватната болница.
Во исто време, приватната здравствена установа била надвор од мрежата и согласно Законот за здравствена заштита немала право да ангажира здравствени работници за вршење дополнителна дејност. На овој начин тој се приклучил на оперативниот тим во кој биле двајца лекари специјалисти гинеколози кои на 18.01.2018 година вршеле хируршки зафат царски рез врз сега починатата родилка.
„Обвинетиотапочнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводникот, што предизвикало недостиг на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од тие причини, кај родилката настапил смртен исход, а кај нејзиното новороденче биле предизвикани трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Од таму соопштија и дека има основ и за прекршочна одговорност, па така, обвинителството во јануари оваа година до Министерството за здравство поднело иницијатива за покренување прекршочна постапка против две правни лица, против одговорните лица во тие две правни лица, како и против двајца други доктори. Иницијативата за прекршочна одговорност е поведена заради констатирани прекршоци од Законот за здравствена заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Битиќи: Странските инвеститори си заминуваат, Владата со хартија гаси пожар

„Доколку ги тргнеме слоевите на сложениот правен вокабулар и бирократскиот јазик на измените и дополнувањата на Законот за технолошки индустриски развојни зони, останува едноставна реалност – ова е „пожарна мерка“ за негативните трендови кои ја погодуваат индустријата и странските инвестиции, со хартија ќе се гаси пожар“, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи во дискусија по однос на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони.
Битиќи посочи дека овие измени и дополнувања не со случуваат во вакуум, туку во момент кога голема странска компанија најави напуштање на една од зоните, а неколку други најавија намалување на бројот на вработени.
„Очигледно власта не знае и нема механизам како да одговори на овој предизвик. Затоа пред нас се измени и дополнувања со кои празниот простор во зоните ќе се пополнува со компании што се најблиску до нив. Не може да зборуваме за спроведување на политика што води кон економски раст, може да зборуваме само за административно решение наменето за привидно одржување на нивото на инвестициите зоните“, рече Битиќи и потсети дека бројот на вработените во индустријата во декември 2024 година е намален за 4,7% во споредба со истиот месец претходната година. Истовремено, индустриското производство е во пад од 1,4%, а извозот, кој во најголем дел се должи на странските компании во зоните, се намалил за речиси 88 милиони евра во декември споредено со месец претходно.
Според него, ова не се мали флуктуации – ова се алармантни показатели дека активностите во зоните се намалуваат, дека странските инвеститори го губат интересот и дека Владата нема одговор на кризата што веќе е во полн замав.
„Во обид да се прикаже привиден раст на активноста во индустриските зони, предлагачите на овој закон воведуваат можност за „релокација во зона“, што е механизам за пополнување на испразнет простор. Наместо привлекување нов капитал и одржливи инвестиции, компаниите што се наоѓаат до 50 километри оддалечени од ТИРЗ ќе можат да се преселат во зоните“, рече Битиќи, притоа дополнувајќи дека ограничувањето на растојанието од 50 километри како критериум за релокација е целосно произволно и во отсуство на економска логика.
Битиќи нагласи дека нема студија, нема анализа, нема објаснување зошто токму 50 километри се сметаат за оптимална граница, притоа прашувајќи дали ова значи дека компанија што е на 51 километар не може да се пресели, но онаа што е на 49 километри може? Или пак дали ова растојание е утврдено врз основа на нечии политички интереси?
„Имаме нелогичност која зборува за тоа дека ова решение е арбитрарно и изнудено“, рече Битиќи.
Македонија
Борисов: Зборовите на Мицкоски се апсолутна провокација

Зборовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски се апсолутна провокација и на истите не треба да им се обрнува внимание.
Ова го изјави лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов во врска со изјавата на Мицкоски во Собранието дека не гледа причина за вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, јави БГНЕС.
Борисов истакна дека бугарското МНР одговорило соодветно на провокацијата, според медиумот.
Македонија
Потпишан е Меморандум за соработка меѓу РСМ НУ МНТ и ИУ ЕУРОПА ПРИМА

На денешната средба меѓу директорот на Македонски народен театар, Никола Кимовски, и Ректорот на факултетот на ИУ ЕУРОПА ПРИМА – Скопје, проф. д-р Александар Трајковски, во просториите на МНТ, се потпиша Меморандум за соработка меѓу двете институции.
Во согласност со изразената желба на двете институции за развивање партнерски односи, дефинирање на конкретни програмски активности, како и подобра соработка во областа на културата, се овозможува учеството на студентите од Универзитетот (како дел од нивната практична работа), за време на студиите во тековните проекти во МНТ.
Користење на просторниот капацитет на МНТ за подготовка и одржување на магистерски и дипломски испити, следење на претставите од тековниот репертоар на МНТ, од страна на студентите на Универзитетот, без финансиска надомест, како и користење на просторните и технички ресурси на Универзитетот за потребите на МНТ.
Двете институции со овој Меморандум, поставуваат основа за долготрајно партнерство и го препознаваат значењето на размена, едукација и промоција на младите таленти, како основа за понатамошен развој на културата и уметноста во државата.
Согласно Меморандумот за соработка, на 6 февруари со почеток во 19:00 часот, на малата сцена, се одигра претставата „Еволуцијата на распадот“ по „Отело“ на В. Шекспир во класа по актерска игра и театарска режија на проф. Дејан Пројковски. Режисер на претставата е Дамјан Димовски, а како композитор се потпишува Дарко Спировски.
Во „Еволуцијата на распадот“ играат: Илин Јовановски – Јаго, Тодор Стојковски – Касио, Бранко Михајлоски – Отело, Ѓорѓе Нешковиќ – Родриго, Леонида Гулевска – Дездемона и Илина Чонкова – Емилија.
ПР