Македонија
Под истрага четири лица, меѓу кои татко и ќерка за Трубарево – непрописно ги складирале батериите и тонерите, што ги загадија почвата и воздухот
Скопското Обвинителство отвори истрага против четири лица и една фирма поради загрозување на животната средина. Се сомничи дека во фирмата непрописно се складирале електронски отпад, батерии, акумулатори и тонери на парцела во Трубарево, со што предизвикале сериозно загадување на почвата и на воздухот и опасност за здравјето на луѓето.
Главен осомничен е човек, кој, иако формално не бил управител, реално го водел работењето на фирмата. Заедно со ќерка си – формална управителка – и уште двајца соработници, организирал собирање, складирање и обработка на отпадот спротивно на законот.
„Тој и ќерката како соизвршители што постапиле спротивно на Законот за управување со отпадот и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и на воздухот, односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопшти Обвинителството.
Третиот осомничен е раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање работен однос, сепак презел дејства со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички го обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември депонираниот отпад се запали, а пожарот бргу се прошири и не можеше да се стави под контрола. Обвинителството потсетува дека согореле огромни количини електронски отпад и објекти на подружницата за рециклирање, а во воздухот се ослободиле токсични гасови, чад и пепел. Мерењата на Армијата и н аИнспекторатот за животна средина потврдија висока загаденост.
Поради тежината на делото, Обвинителството побара притвор за првиот осомничен, а за другите тројца куќен притвор. Се проверува и одговорноста на други лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага: Заев, Николовски, Груби, Филипче, Бајрами, Дончев и Рашковски посочени како пример за неказнивост
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема да толерира незаконско постапување и девијантно однесување на поединци за кои постојат сомнежи дека ги прекршиле законските регулативи. Од партијата порачуваат дека Законот мора да важи еднакво за сите и дека секој фатен во корупција или криминал треба да понесе соодветна одговорност.
Во реакцијата се наведува дека државата не смее да се враќа во „мрачните времиња“, како што ги нарекуваат периодите кога, според нив, лица со основано сомнение или пресуди за криминал – меѓу кои ги посочуваат Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев и Рашковски – слободно се движеле без одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат надлежните институции целосно да го истражат случајот и да постапат до крај согласно законските прописи.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.

