Македонија
Пожарите не стивнуваат, гори на 13 места во државава

Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 48 пожари на отворен простор, од кои во моментов 13 се активни, 8 се под контрола и 27 се изгаснати, соопштија утрово од ЦУК.
Како што соопштуваат, активни пожари има на следниве локации: Општина Македонски Брод, Јасен – викенд населба Белица (борова шума), Општина Ресен и Општина Охрид: Галичица, на исток во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа (нискостеблеста вегетација и букова шума), Општина Долнени, с.Дебреште, крак кон с.Зрзе, како и крак кон с.Крапа, Општина Македонски Брод (нискостеблеста деградирана шума, сува трева), Општина Новаци: с.Полог – Брник –Рапеш (ниска вегетација, деградирана шума), Општина Кичево , с.Цер, планина Лубен, проширен е кон селата Брезово и Зашле, Општина Демир Хисар (нискостеблеста деградирана шума, сува трева и ниска вегетација), Општина Кичево, с.Патеец – с.Козичино, проширен кон с.Дупјани (борова и букова шума), Општина Пласница: с.Пласница – с.Латово, Македонски Брод (нискостеблеста вегетација), Општина Македонски Брод, с.Девич м.в.Вртешка (мешана шума), Општина Дебар: с.Гари на планина Стогово (мешана шума), Општина Чашка: с.Мокрени (нискостеблеста дабова шума), Општина Маврово -Ростуше 1: с.Врбен (мешана шума), Општина Маврово – Ростуше, врв Кораб (нискостеблеста вегетација) –префрлен од Р.Албанија, Општина Долнени, с.Небрегово (3 ТППЕ) (нискостеблеста шума) –префрлен од Општина Чашка од планина Мукус.
Под контрола се пожарите во Општина Валандово: с.Казандол, м.в. Чештово (нискостеблеста шума, прнар, сува трева), Општина Македонска Каменица: с.Цера – повторно се разгорел на еден крак, Општина Македонски Брод: с.Грешница (мешана шума), Општина Демир Хисар: Илинска-Плакенска Планина, кај селата Вирово и Слоештица (ниска вегетација), Општина Делчево: Депонија Делчево (депонија), Општина Чашка 1: с.Папрадиште и с.Ореше (мешана шума), Општина Чашка 2: Планина Мукос кон с.Дреновци, Општина Прилеп (мешана шума), Општина Василево: м.в.Карбино (ЗИК Слобода) према с.Владевци (нискостеблеста шума, стрништа, сува трева, грмушки).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран

Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран, извести АМСМ.
Од 16 часот, на регионалниот пат Р-1101 Битола – Прилеп, кај клучката за село Тополчани, поради сообраќајна незгода, сообраќајот за товарни моторни возила е во прекин, а патничките возила се пропуштаат наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Средба Мисајловски – лорд Коукер: Не поврзуваат заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса

Денешната работна посета на министерот за одбрана Владо Мисајловски на Обединетото Кралство беше заокружена со средбата со лорд Вернон Коукер, државен министер (министер за домот на лордовите) во Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.
Министерот Мисајловски и лордот Коукер разменија мислења за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји, како и безбедносната состојба во регионот, Европа и светот при што беше потврдено дека одбранбените односи помеѓу двете земји почиваат на заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса која ќе остане гарант за безбедноста на евроатлантската област.
Една од најзначајните теми за време на средбата беше и Договорот за одбранбена соработка, кој е во финална фаза на усогласување. Обединетото Кралство останува посветено на развој на македонските одбранбени капацитети, потврди лордот Коукер – особено во однос на исполнувањето на НАТО Целите на способности, но и сајбер –одбраната, воената едукација и јазичните курсеви.
Македонската Армија и вооружените сили на Обединетото Кралство континуирано се обучуваат и развиваат заедно. Во 2023 и 2024 година македонски војници беа дел од вежбата „Cambrian Patrol“ во Велс, а припадници на британските вооружени сили во повеќе наврати учествуваа во големи меѓународни вежби реализирани на полигонот „Криволак.“ Дополнително, повеќемина македонски офицери имаат дипломирано на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, светски позната институција посветена на развојот на идните лидери и високи офицери.
Одбранбената соработка помеѓу двете земји датира од далечната 1995 година, кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање.