Македонија
Покренато обвинение против Игор Јанушев и Миле Јанакиески за набавката на кинеските автобуси

Обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, актуелниот пратеник и ексдиректор на ЈСП Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ и уште две лица, поднесе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според обвинителот, обвинетите ги искористиле своите функции и спротивно на Законот за јавни набавки, прибавиле корист за фирма од Р Кина. Од Обвинителството наведуваат дека незаконски ја фаворизирале и склучиле договор за набавка на 202 двокатни автобуси. Обвинителот проценил дека осомничените со извршените дејствија нанеле штета на буџетот на РМ во износ од 293.773.226,00 денари или 4.772.920 евра.
„По три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година, во месец февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка. При отворање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуса од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) (Игор Јанушев) и Ј.Ј.А.(62) како членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот М.Ј.(43) (Миле Јанакиески), постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отворањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000 како што било пропишано во тендерската документација. Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р Бугарија била за 4.772.920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него“, велат од Обвинителството.
Сите се гонат за злоупотреба на службена положба и овластување.
„Првообвинетиот иако знаел за недостатоците на избраната понуда, наместо да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти, тој донел решение за избор на најповолна понуда и склучил договор за купопродажба на автобуси на износ од 35.425.410,00 евра. Со дејствијата опишани во обвинителниот акт обвинетите сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување предвидени и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 и член 22 од Кривичниот законик“, додаваат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Град Скопје: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во коалиција против Данела Арсовска

Уште еднаш на дело се покажа коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ при денешното гласање во Заедница на единиците на локална самоуправа на Република Македонија. Со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, претставници во ЗЕЛС, беше разрешена од позицијата претседател на ЗЕЛС, градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, се вели во соопштението од Град Скопје.
Од Градот додаваат дека ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе што се независни и дејствуваат исклучително во интерес на граѓаните. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно му пречат луѓе што знаат да им кажат „не“ на корупцијата и криминалот, луѓе што јавниот го ставаат пред бизнис-интересот на врхушката во партиите.
Истите луѓе што се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја преземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Град Скопје, се вели во соопштението.
Македонија
(Видео) Зеќири не беше донесен на судење; Судијката: Повикана е брзата помош, а во зависност од проблемите, ќе биде однесен во болница

Полицијата не можела да го спроведе Мухамед Зеќири од куќен притвор бидејќи кога службениците дошле да го земат, тој ги известил дека е болен. Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска на судењето посочи дека имала повик од командирот од Полициската станица Карпош, кој ја известил што се случувало при обидот за спровод. Рочиштето се одложува по 45 дена од првото одржано за овој предмет.
„Со оглед на тоа што имав телефонски повик од командирот на ПС Карпош, Владо Симјановски, кој ме извести дека не може да постапат по наредбата од судот за спровод на Мухамед Зеќири, кој е во куќен притвор, поради здравствени причини. И затоа е повикана брзата помош, а во зависност од проблемите, ќе биде спроведен и во клиничкиот центар“, рече Фанка Јанчулева-Михаиловска.
Судијката додаде дека ќе го прифати за веродостојно известувањето од полицијата за неможноста да се спроведе Зеќири. Таа пред адвокатите на Зеќири рече: „Инаку, ќе постапев поинаку“.
Во петокот Зеќири барал здравствен преглед во една од скопските клиники. Тој му бил дозволен од судот, а бил спроведен со полиција.
Следното рочиште е закажано за наредната недела. Тогаш ќе се испитуваат две лица. Првиот сведок е Киро Костов – вешто лице. Второто лице е сведокот Петко Димитров. По испитување на овие две лица, доказната постапка на обвинителката Катерина Коларевиќ завршува. Во судницата ќе бидат испитани и вработениот во Владата, Агим Махмути, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и директорот на „Поштжаи“, Јани Макрадули.
Македонија
Груби: Нема повеќе време, ниту простор за калкулации, или сте за или сте против Европа

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска учествуваше на годишната владина конференција „2023 година на нови можности за економски развој и европски интеграции”.
„Политиката на нашата Влада е храбра и прогресивна, политика на нула проблеми со соседите и целосно регионално и евро-американско партнерство. Додека пак, политиката на страв е политика на уназадување, тоа е политика која одржува статус квота, а кога сите други напредуваат, тие што се заглавени во место, всушност, уназадуваат“, рече меѓу другото првиот вицепремиер Груби во својот говор пред присутните.
„Бевме реизбрани по неуспешниот обид во Собранието да се спречи почетокот на преговорите со Европската Унија со мотиви да се втурне нашата земја во непредвидливост. Не дозволивме инсталирање на парламентарно мнозинство зависно од Москва кое ќе избира марионетска Влада на услуга на некој друг, а не на граѓаните. Овие напори не престанаа. Ваквите закани се секојдневие на нашата власт, но тоа не не обесхрабрува. Напротив, уште повеќе не зајакнува да го реализираме она што им го ветивме на граѓаните, еднаквост, развој, интеграција, мир, безбедност и стабилност”, изјави Груби.
Тој додаде дека го заокружиле нормативниот дел од Охридскиот договор и сега неговата имплементација е секојдневие и ни овозможи да имаме рамноправно општество, сведоци сме дека не е донесена маргинализирачка, дискриминаторска одлука и нема никакви пречки во спроведувањето. Државата покажува лојалност кон заедниците, а заедниците и враќаат со лојалност. Нашата држава не изгуби ништо, ниту од знамето, ниту од јазикот, ниту од општините, ниту од универзитетот, напротив, стана многу посилна и постабилна и овој процес и ја отвори европската перспектива на земјата. И по Охридскиот договор, сонцето повторно изгреа и сме истите, на исто место, но со многу поздраво општество.
„Го испочитуваме договорот од Преспа во целост, го променивме Уставот. Повторно, ништо лошо не се случи со нашата земја. Станавме членки на НАТО, странските инвестиции се зголемија, безбедни сме во овие тешки и непредвидливи времиња. И по Договорот од Преспа, сонцето повторно изгреа и нашата земја остана таму каде што беше, но многу посилна и со повеќе пријатели. Дури и со Србија го решивме прашањето за автокефалноста на православната црква и повторно ништо лошо не ни се случи. Договорот за добрососедство го одобривме и во Владата и во Собранието и како резултат на тоа во јули минатата година конечно ги започнавме преговорите за членство во Европската Унија. И после тоа сонцето повторно изгреа, а ние зборуваме на истите јазици што ги зборувавме и пишувавме, се чувствуваме како што сме, без да дозволиме никакво наметнување, но сега како земја која преговара со Брисел”, истакна Груби.
Тој додаде дека ова е единствениот пат за проекти, автопати, железници, депонии, училишта, болници, градинки, подобар стандард на живеење, за владеење на правото, за борба против корупцијата и организираниот криминал, за чистење на нашите општествени редови и јавноста од монтерите на стравот и директните и индиректните пречки на европскиот пат.
Ги повика да дојдат сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, политички партии, граѓанско општество, медиуми, креатори на јавното мислење, академски свет и граѓани, дојдете на првата линија на европско- македонскиот фронт.
Нема повеќе време и простор за калкулации и измами, или сте за Европа или сте против, нема простор за средна зона, бидејќи нема друга алтернатива, рече Груби.