Македонија
Полицајците во „Пулс“ не презеле мерки да спречат активирање на пиротехниката, чие палење не било пријавено во полиција

Истрагата за пожарот во Кочани вчера беше проширена на уште 13 полицајци од СВР Штип. Според информациите на МВР, тие одобриле план за акциска контрола, без да проверат дали ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и исто така не презеле мерки да спречат активирање на пиротехниката, чие палење не било пријавено во полиција.
Против нив е поднесена кривична пријава за тешки дела против општата сигурност.
„Тие како соизвршители не постапиле според прописите за мерките за заштита – одобриле план за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Полициската станица Кочани, без да проверат дали тој ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од стандардните оперативни процедури за процена и управување со ризик при вршење полициски работи“, соопшти МВР.
По овој план, кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, без какви било измени, било постапено и на 16.3.2025 на местото на кое биле собрани поголем број луѓе до дискотеката „Пулс“.
Исто така, не презеле мерки да спречат активирање пиротехничка опрема на сцената, каде што настапувала музичката група ДНК во моментот кога ја вршеле контролата, а чие палење не било пријавено во Полициската станица Кочани и како последица на палењето на пиротехниката настанал пожар во дискотеката.
„На овој начин, со непреземање мерки за заштита на присутните лица и поради несоодветните услови за работа, во текот на акциската контрола настанал пожар, во кој починале 62 лица, 157 лица добиле потешки телесни повреди, a 54 телесни повреди“, соопшти МВР.
Јавниот обвинител на судот му предложи кон осомничените да се определат следните мерки на претпазливост, и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган што ќе го определи судијата на претходна постапка, привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и забрана за преземање определени работни активности – полициски службеник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Едно починато лице при пожар во стан во Струмица

Денес, (17.07.2025 година), во 15.27 часот, ТППЕ Струмица со три ПП возила и седум пожарникари-спасители учествуваше во гаснење на запален стан на четврти кат од колективна станбена зграда, на улица Б.Ј.Мучето, стои во информацијата на „Пожарникари Струмица“објавена на социјалните мрежи.
„При гаснењето на пожарот, за жал во станот беше пронајдено починато лице.
Сите други станови во зградата се заштитени од пожарот и сите останати станари се безбедно евакуирани“.
Како што соопштија, причините за настанувањето на пожарот и смртта ќе бидат утврдени од надлежни институции.
Македонија
Гори помеѓу индустриската зона „Бунарџик“ и рафинеријата „Окта“: силниот ветер и искри од жици предизвикаа пожари на повеќе локации во Скопје и Куманово

Поради ветер кој го зафати подрaчјето на Општина Куманово и Град Скопје на повеќе локации од искрење на жици предизвикни се пожари, соопшти ЦУК.
„Во Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане се пријавени пожари во с.Романовце, Агино Село, Табановце, Шупњи Камен, Младо Нагоричане, Стрновац“, според информацијата на ЦУК.
Во Скопскиот регион, се пријавени пожари помеѓу Индустриската зона „Бунарџик“ и рафинеријата „Окта“.
Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов, информира дека поради невремето не можат да се користат воздухопловите во гаснењето.
Македонија
Студентскиот дом “Кузман Јосифовски Питу” не е “под клуч” туку се реновира, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Студентскиот дом “Кузман Јосифовски Питу” не е “под клуч” туку се реновира, нешто што 7 години беше научна фантастика. Најгласни се оние кои не успеаја да заковаат ниту една шајка во домовите. Дури четири претходни министри од времето на СДС не реконструираа ниту еден прозор во домовите, а сега им пречи што двата дома нема да бидат готови до октомври, туку до декември, реагираат од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ откако од СДСМ обвинија дека наместо реновирање, ВМРО-ДПМНЕ го остави студентскиот дом под клуч.
„Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ ја започна реконструкцијата на студентските домови. Како што и беше најавено двата во Скопје – Стив и Кузман ќе се реконструираат до крајот на календарската година, по што во нив преку конкурс ќе се сместат студенти.
Важно е што Владата обезбеди и неповратен грант од 5,5 милиони евра од ЕУ со што буџетот за реконструкција на домовите се зголеми на над 30 милиони евра. Годинава е зголемени и буџетот за студентскиот стандард за 6 милиони евра, односно за 18% споредбено со лани, кога буџетот го креираше Владата на СДС“.
Според нив, новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, има слух за младите и прифати 10-тина барања на студентите.
„Наместо да молчат за егзодусот што го направија во изминатите 7 години во кои има 17 илјади ученици и 7 илјади студенти помалку, тие бесрамно се појавуваат во медиуми и кажуваат нови лаги“, им порачуваат владите од ВМРО-ДПМНЕ на СДММ.