Македонија
Полицијата го растури Вевчанскиот карневал

Полициски службеници го растурија карневалот во Вевчани, кој оваа година не беше официјално организиран од страна на Општината поради пандемијата на коронавирусот. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека полицијата интервенирала поради непочитувањето на мерките за спречување ширење на коронавирусот, односно забраната за групирање повеќе од четири лица.
Присутните ја дочекаа полицијата со пцости, а настана и турканица меѓу василичарите и полицајците.
Од МВР велат дека и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани за одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група граѓани се собрале во Вевчани, без почитување на мерките, односно со недозволено групирање, поради што мораше да интервенира полицијата.
„По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни пријави. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот, односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани така и на сите граѓани“, велат од МВР.
Група вевчанци не се откажаа од традицијата и излегоа маскирани на карневалот, а имаше и публика што го следеше дефилето.
Општина Вечвани оваа година се откажа од организирање на традиционалниот карневал.
Градоначалникот Сашо Јанкоски вчера апелира да се почитуваат мерките и протоколите на Комисијата за заразни болести.
„Ние како Општина Вевчани се откажавме од организација на годинешните концерти, изложби и сите други активности за Вевчанскиот карневал 2021 сѐ со единствена цел да ве заштитиме вас, вашите фамилии и вашите најблиски од оваа пандемија“, напиша Јанкоски на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Архитектот Ѓоко Радовановиќ добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов”

Врз основа на одлука на Управниот Одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), наградата за животно дело во областа на архитектурата и градителството „Андреја Дамјанов” за 2020 година е доделена на Ѓоко Радовановиќ, дипломиран инженер архитект од Скопје.
Ѓоко Радовановиќ е креатор на проекти и објекти кои оставиле значаен белег на современата македонска архитектура. Неговите архитектонски дела, стилот и изразот оставаат огромен белег, посебно на градот Скопје.
Автор е на 124 проекти, од кои негови позначајни архитектонски дела се: Соравиа Центар Скопје (SoraviaCenter Skopje), Соравиа Ресорт Скопје (SoraviaResort Skopje), С.Ц. „Јане Сандански”, Вила „Дарко Панчев”, индустриски објект „Рио Кафе” и многу други. Во доменот на изработка на специфични проекти, се јавува како автор на „Студија за монтажни соларни куќи” и на „Студија за монтажни санитарни кабини”.
„Особено ми е драго што оваа награда се додели на еден истакнат архитект како што е Ѓоко Радовановиќ. Неговите архитектонски дела, стилот и изразот оставаат огромен белег, посебно на градот Скопје. Работата на архитект Радовановиќ е од суштинска важност за современата македонска архитектура, во целина”, истакна Мишко Ралев, претседател на ААМ.
Ѓоко Радовановиќ е роден во Подујево, во 1949 година. Средно образование, насока архитектонски техничар, завршува во Ниш (1967), а Високото образование го продолжува на Архитектонскиот Факултет во Скопје.
ААМ ја додели оваа награда откако сите членови на Комисијата поединечно изразија поддршка за кандидатурата на архитект Ѓоко Радовановиќ и едногласно поднесоа предлог- одлука до Управниот Одбор на ААМ за негово прогласување за добитник за 2020 година.
Членови на Комисијата беа: Мартин Гулески, д.и.а., Претседател; Миодраг Митровиќ, д.и.а., Член; Виолета Бакалчев, д.и.а., Член; Јана Гугулоска Ѓорѓевиќ, д.и.а., Член; Ѕвонко Тасевски, д.и.а., Член.
Наградата за животно дело „Андреја Дамјанов” е востановена на 28 декември 1989 година, во чии рамки академик Крум Томовски свечено бил прогласен за прв Лауреат. Наградата се доделува врз основа на јавен повик на кој можат да се пријават кандидати – државјани на Р.С.Македонија, додека право на поднесување на предлози имаат само членови на ААМ. Добитникот на наградата автоматски станува редовен член на Архитектонска Академија на ААМ.
Македонија
Општина Центар додели 400.000 денари помош за Петриња и Сисак

Советот на Општина Центар додели парична помош во висина од 400.000 денари на градовите Петриња и Сисак во Хрватска.
„На предлог на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на вчерашната седница едногласно од страна на сите советници беше изгласана помошта за граѓаните на Петриња и Сисак во Хрватска по разорниот земјотрес кој се случи на 29-ти декември минатата година“, соопштија од Општината.
Земјотресот чиј епицентар беше близу до Петриња, на 50-тина километри од главниот град на Хрватска, Загреб, одзеде најмалку седум животи, многумина ги остави без домови и покрив над главите и целиот град го претвори во рушевина.
Средствата ќе бидат уплатени во Фондот за солидарност на посебната сметка на Црвениот крст на Република Северна Македонија и во најбрз можен рок ќе им бидат достапни на граѓаните на Петриња и на Сисак.
Македонија
Османи: Без разлика на предизвиците интеграцијата во ЕУ нема алтернатива

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, во рамките на официјалната посета на Црна Гора, оствари средба со црногорскиот хомолог Ѓорѓе Радуловиќ. На средбата беа реафирмирани традиционални и пријателски односи меѓу двете земји, а беше нагласена и подготвеноста да се изнајдат конкретни форми за збогатување на секторската соработка, особено во реалниот сектор – економијата, размената, туризмот итн.
„Секогаш е убаво да се биде меѓу пријатели, во посета на пријателска земја, а Северна Македонија и Црна Гора се добар пример за тоа. Денешната посета на Црна Гора ја сметам за важна, како за нашите билатерални односи, за кои исто така сметам дека се одлични, така и за целиот регион, кој сѐ уште е обременет со сериозни предизвици, особено за неговата европска иднина.“, истакна Османи, упатувајќи благодарност до колегата Радуловиќ за пријатното гостопримство на неговата прва посета на Подгорица.
Покрај билатералните односи, на средбата беа отворени и темите за соработката во рамките на НАТО сојузништвото, како и заокружувањето на европската перспектива на двете земји .
„Процесот на проширување на ЕУ, или да се изразам попрецизно – заокружување или обединување на континентот во еден сојуз – нема алтернатива. Кога се работи за членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ не се поставува прашањето дали, туку како и кога!“, истакна Османи.
Посетата на министерот Османи во Подгорица, продолжува со негови средби со претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, претседателот на црногорскиот парламент Алекса Бечиќ, премиерот Здравко Кривокапиќ и потпретседателот на Владата Дритан Абазовиќ.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија4 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот