Македонија
(Видео) Помпео пристигна во Охрид
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, пристигна во еднодневна официјална посета на Република Северна Македонија. На аеродромот во Охрид државниот секретар Помпео со високи државни почести беше пречекан од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и потоа заедно со неговата придружба се упати кон Охрид на средби со дел од државниот врв.
Државниот секретар Помпео во вилата „Билјана“ ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски по што ќе следува и средба со премиерот Зоран Заев.
По тет-а-тет средбата меѓу премиерот Заев и државниот секретар Помпео, е предвидена билатерална средба, на која ќе присуствуваат и вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„На средбите со државниот врв ќе се разговара за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ и НАТО, како и за прашањата што се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот. Во попладневните часови државниот секретар Мајк Помпео и неговата придружба, во која се помошник-државниот секретар, Филип Рикер, и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнс, ќе ја посетат црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, која беше реновирана и заштитена со средства обезбедени преку програмите на УСАИД“, соопштија од Владата.
Државниот секретар Помпео вечерва од нашата земја заминува за Грција, а претходно ги посети Италија и Црна Гора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мемов: Потребни се законски измени за финансиска одржливост на пензискиот систем и намалување на зависноста од државниот буџет
Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов со стручна делегација од фондот учествуваше на 16-та средба на директорите на фондовите и заводите на пензиското и инвалидското осигурување од државите на просторот на поранешна Југославија и на Република Австрија, што се одржа во Марибор, Република Словенија.
Годинава главни теми на конференцијата беа активностите за спречување на грешки, измами и злоупотреби на системите во фондовите и заводите за пензиско и инвалидско осигурување, како и употребата на вештачката интелигенција во дигиталната трансформација на овие институции.
На средбата беа презентирани измените на законите за ПИО во изминатата година, при што директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов, рече дека измените што се презентираат генерално се однесуваат во делот на остварувањето на правата за пензиско и инвалидско осигурување.
„Потребно е да се размислува во насока законските измени да содржат решенија кои ќе придонесат за финансиска стабилизација на пензиските фондови.
Законските решенија треба да содржат инструменти кои ќе ги стимулираат работодавачите да плаќаат повеќе придонеси, со што ќе се придонесе за зголемување на пензиите на идните пензионери, а сегашни работници.
Потребна е промена на методологијата на пресметката на пензиите заради обезбедување фер износи на пензиите.
Во делот на задолжителниот Втор столб за пензиско осигурување, потребно е законите да овозможат поефикасни и нерестиктивни начини за инвестирање на средствата и нивно поголемо оплодување кое ќе биде во полза на осигурениците, се разбира преку соодветна контрола и ревизија од регулаторот МАПАС.
Ова се само дел од предлозите за подобрување на финансиската ситуација и се неопходни затоа што кај сите фондови постои проблем со финансирањето, а трансферите на средства од државата се неопходност за нормално функционирање на нашите институции.
Од исклучителна важност е законските решенија да обезбедат одржливост на пензиските системи и независност од државниот буџет“, рече Мемов.
Директорката на Секторот за остварување на права, Билјана Стојанова ги презентираше измените на Законот за ПИО во изминатата година. Таа информира и за новиот Закон за работно ангажирање.
Во рамките на средбата беше потпишан Договор за редовна размена на давања и податоци за смртност помеѓу Фондот на ПИОМ и институциите за задолжително австриско пензиско
осигурување од Република Австрија – Институцијата за пензиско осигурување (PVA), Службата за социјално осигурување на претприемачи (SVS) и Институцијата за осигурување на вработени во јавни служби, железници и рударска индустрија (BVAEB).
Договорот го потпишаа директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов и д-р Винфред Пингера во името на австриските институции.
„Сакам да нагласам дека овој Договор е значаен напредок во нашата соработка и ќе овозможи поефикасна и побрза размена на податоци кои се од голема важност и директно ќе придонесе да се забрза процесот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување за граѓаните на Македонија и на Австрија.
Исто така Договорот го регулира обемот и начинот на размена на податоците, како и нивната безбедност и заштита, што се од исклучителна важност за нашата работа, како и за довербата во пензискиот систем“, рече директорот на Фондот Мемов.
Директорот, д-р Пингера истакна дека потпишувањето на Договорот е за некого. можеби мал чекор, но за осигурениците и корисниците на услугите е многу важен, затоа што ќе го олесни остварувањето на нивните права.
„Ова е важен чекор и се надевам не последен. Нашата соработка ни покажа дека можеме да работиме заедно, да си веруваме и да ја интензивираме идната соработка. Сакам да ви заблагодарам на вашата помош и придонес во потпишувањето на овој Договор, затоа што е многу важен, иако можеби не се опфатени многу луѓе, но за нив лично тој е и те како важен.“, рече директорот Пингера.
Со потпишувањето на овој Договор ќе се се зголеми ефикасноста, прецизноста и квалитетот на услугите на осигурениците и ќе помогне да се исклучат сите можни грешки.
Договорот, како што беше речено ќе придонесе и во зајакнувањето на натамошната соработка помеѓу институции Фондот на ПИОМ и институциите од Австрија, што е во најдобар интерес на граѓаните на двете држави.
Фондот на ПИОМ има потпишано договори за електронска размена на податоци со сите држави што произлегоа од поранешна Југославија и со овој Договор со Република Австрија го заокружи процесот на соработка со земјите од регионот.
Македонија
(Видео) Д-р Кузмановска: Кога медицината е немоќна, човечноста може да спаси живот
„Наша примарна цел е да ги излечиме болните, но онаму каде што веќе медицината е немоќна, каде што настапува мозочна смрт, следен законски, медицински, хуман чин, е да се побараат органите за трансплантација“, порачува проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација во видео обраќање во рамки на националната кампања, што се реализира под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“
„Пред сѐ, сакам да се заблагодарам на сите досегашни органодарители, коишто спасиле многу животи, а воедно да ја поттикнам јавноста да размисли, за ова хумано, човечно дело, така што по смртта на своите блиски или по својата смрт да дарува органи, коишто значат живот, спас за луѓе кои секој ден го чекаат повикот, да добијат нова шанса за живот“, вели проф. д-р Кузмановска.
Во рамки на националната кампања, утре на Медицинскиот факултет во Скопје, со почеток во 15 часот, ќе се одржи и трибината „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, на која ќе учествуваат претставници на Владата, здравствените институции, трансплантациските тимови, граѓански организации, студенти и здравствени работници. Целта на овој настан е темата за органодарителството да стане дел од отворен, информиран и одговорен јавен разговор.
„Нашата задача е да ја замениме недовербата со знаење, стравот со информираност и неизвесноста со јасно изразена лична волја. Зад секоја согласност стои нова шанса за живот“, истакнува министерот за здравство, Азир Алиу.
Македонија
По роденденот на ВМРО-ДПМНЕ следува реконструкција на Владата
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави дека по одбележувањето на партискиот роденден на 17 јуни во Струмица, ќе започнат официјалните разговори со коалициските партнери за реконструкција на Владата.
„Следната недела после роденденот којшто ќе биде на 17 јуни во Струмица со почеток од 20 часот на стадионот, после тоа почнуваме разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата“, изјави Мицкоски.
Коментирајќи ги обвинувањата од опозициската СДСМ дека Владата форсира предвремени избори бидејќи ги „потрошила државните пари“, премиерот оцени дека таквите тврдења се нелогични. Тој потенцираше дека партијата има четиригодишен мандат добиен од граѓаните и дека целта е редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година, но нагласи дека се подготвени за избори доколку бидат предизвикани.
„Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Еве нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега кога имаат можност да се покажат на терен, да видат еве колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат. Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе во историјата многу пати го направила СДСМ“, кажа Мицкоски.
Прашан за коментар околу најавите за наводно повлекување на Али Ахмети од лидерската позиција во ДУИ, Мицкоски одби да коментира, истакнувајќи дека станува збор за внатрепартиски работи во кои не сака да се меша.
