Македонија
Попладнево пороен дожд и грмежи

Претпладне времето ќе биде променливо облачно, а од пладневните часови и попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, јавува УХМР.
Локално процесите да бидат поинтензивни со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 30 степени.
Во Скопје, променливо облачно, околу пладне и попладне ќе биде нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за поинтензивни процеси и појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 29 степени.
До недела продолжува периодот на променливо облачно и нестабилно време, претпладне со почести сончеви периоди, околу пладне и попладне со локален пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. На места процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град. Во понеделник ќе дува засилен северен ветер. Температурата во следните денови нема значително да се менува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Наместо поддршка на Ахмети и Груби, Тупанчевски да воспостави европски вредности

„Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, редовен професор е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите кои што ги споделува Европската Унија“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање за коментар за Извештајот на „Транспаренси Интернешнл“.
Мицкоски додаде дека уште еднаш власта покажува политичка незрелост.
„Уште еднашка покажува политичка незрелост оваа Влада, и со тие позиции кои што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал за жал“, рече тој.
Нагласи дека единствена светла точка во државата се општините каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да можат граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт која што е практично раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ“, истакна Мицкоски.
„Така што јас би апелирал до мојот колега наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија“, укажа Мицкоски.
Македонија
Тупанчевски не негира дека ќе го сменат: Беше лиферувано дека министерството ќе биде ставено на берза

Министерот за правда, Никола Тупанчески не е загрижен доколку го сменат од функцијата, ниту негира дека тоа ќе се случи со влезот на Алијанса на Албанците во Владата. Тупанчески, смета дека брзата промена на министри не е решение. Тој ја извршуваше функцијата една година.
„ Беше лиферувано дека Министерството за правда ќе биде едно од министерствата кое ќе биде ставено на ‘Пазар 3’, фигуративно кажано, ќе биде на берза, во однос на одредени рокади, односно замени на министерските места. Апсолутно и јас како министер, но и Министерството за правда не сме оптоварени со овие работи. Јас кажав дека до последниот ден ќе го дадеме својот максимум. Ние сме министерство кое има резултати и замисла како да ги заокружиме претходните замисли за поддржување на ресурсите. Брзата промена на министри не сум сигурен дека претставува најдобро решение, но дефинитивни, не се зависни од Министерството за правда. Има фактори кои не се директно поврзани со Министерството за правда. Не постои оптовареност со развојот на настаните, но подготвени сме да одговориме на предизвиците“, посочува Тупанчески.
Со влезот на Алијанса за Албанците во Владата, ќе следува и реконструкција.
Македонија
До 12 февруари 2024 година да се сменат регистарските таблички со ознаката НМК

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и правните субјекти, односно сопствениците на возила, на обврската дека заклучно со 12.2.2024 мора да извршат промена на регистарските таблички со ознаката МК со ознаката НМК.
Имено, во согласност со член 27 став (1) алинеја 5 од Законот за возилата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/08; 53/11; 123/12; 70/13; 164/13; 138/14; 154/15; 192/15; 39/16 и 161/19) и во согласност со член 28 од Правилникот за форма и содржина на образецот на барањето за издавање на пробните таблички, формата и содржината на регистарските таблички и на пробните таблички, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 293/2020), сите сопственици на регистрирани возила се должни да ги заменат регистарските таблички што ја содржат буквената ознака МК, издадени до денот на почнување со примена на овој правилник (15.1.2021 година), односно таквите таблички може да се употребуваат најдоцна до 12.2.2024 година.