Македонија
Поради можни вдишувачки изгореници, на лекар да се јават и оние кои се чувствуваат добро, а биле во дискотеката, апелираа Таравари и Клековски

Сите пациенти се во релативно стабилна состојба, испратените на лекување во странство се сместени во болниците и состојбата е под контрола, рече министерот за здравство, Арбен Таравари, утрово. Повредените кои беа сместени во болниците во Кочани и Штип се повлечени во Скопје за да им се пружи подобар третман, но министерот извести дека денес имаат нова состојба, помош бараат пациенти кои досега не се јавиле на лекар. Двајца нови пациенти веќе побарале помош во болницата во Штип.
„За среќа сите пациенти што беа донесени во болниците се во стабилна состојба. И тие што беа пренесени надвор од државата, а вкупно се 51 досега, сите се во генерално стабилна состојба. Ни се појавува нов проблем, има пациенти кои вчера не се појавени, се јавуваат денеска. Јас би сакал да упатам порака до сите што биле на трагичниот настан во Кочани што не се пријавиле вчера, ги молам денес да се пријават. И ако имаат и ако немаат симптоми да се консултираат барем со матичните“, рече министерот Таравари.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, го дополни министерот и објасни дека на лекар треба да се јават сите што биле гости во дискотеката во Кочани во времето на пожарот.
„ Мораме да сметаме на тоа дека се можни вдишувачки изгореници на дишните органи. Сите пациенти, и оние кои се чувствувале добро, да се јават на лекар да се провери дали имаат внатрешни повреди“, рече директорот Клековски.
Во текот на денот министерот Таравари најави дек аќе бидат назначени лица кои на четири – пет часа ќе им даваат информации на родителите на пациентите кои се надвор од земјата нивната состојба. Травари рече дека поради природата на повредите, генерално изгореници од втор и трет степен, компликации се очекуваат денес и утре и токму за да им се обезбеди потребната нега во изолирани услови, се испратени во други земји.
Меѓу испратените во странство се дваесетте пациенти во критична состојба.
„20 пациенти кажавме дека се критични не дека се случило нешто дека сега се многу подобри, но од информациите што ги добиваме сите се под контрола и сите се во релативно добра состојба“, рече министерот Таравари.
Во Клинички центар сега има 49 пациенти. Во Градската општа болница „8 Септември“ 18 повредени, во Стара градска болница 17, во Кочани нема ниеден пациент од пожарот, а во Штип се двајцата кои се пријавиле денес.
Во Турција се испратени деветмина пациенти, тројца во Истанбул и шестмина во Анкара. Сместени се во болниците и генерално се во стабилна состојба.
Во Бугарија има 14 пациенти. Тројца се во Варна, тројца во Пловдив и осуммина во Софија.
Во Грција во Солун се петмина пациенти.
Во Србија се препратени 17 повредени.
Вчера се упатени двајца пациенти во Унгарија во Будимпешта, и четворица во Литванија.
Денеска министерот очекува уште неколку пациенти да бидат упатени надвор од државата.
„Во Словенија денеска сигурно двајца ќе одат, подоцна може уште двајца или ќе остане за утре. За Хрватска денес или утре ќе појдат уште четворица пациенти. Во Австрија, во Виена ќе одат трипати по двајца пациенти, тројца во Виена, тројца во Грац. Уште 12 пациенти со авион ќе бидат испратени во Белград во ВМА“, рече министерот Таравари.
Тој нагласи дека ситуацијата е комплетно под контрола и сега здравствените власти се посветени на тоа да има што помалку компликации кај повредените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.