Македонија
Поради превртен камион, во прекин сообраќајот на патот Крива Паланка- Огут

Поради превртено тешко товарно возило, во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Крива Паланка – село Огут.
Сообраќајот на државните патишта се одвива без забрани, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15 ноември стапи на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2019 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утрински часови постои можност и од појава на голомразица.
Патниот правец Р2332 Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица (врска со Р1307 Царина – врска со А3 и Р1301 – Трпејца), од 15.11.2018 до 01.04.2019 е затворен за сообраќај за сите видови возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ГРОМ: Кој дозволил дискотеката „Пулс“ да работи и покрај пломба на вратата и блокирана сметка?

„Изминаа седум траорни денови од погибието на 59-те млади луѓе и повеќе од 150-те повредени во ужасниот пожар во Кочани. Покрај земјотресот 1963 година и двете авионски несреќи, ова е најголемата катастрофа која се случи од 1945 година па наваму, благодарение на човечката неодговорност и нефункционирањето на институциите на системот“, велат од ГРОМ
„Додека цела Македонија тагува, а заедно со нас и регионот и целиот Свет, сведоци сме на груба политизација на овој настан и тоа од никој друг, туку од најодговорноиот, а тоа е актуелната владејачка гарнитура.
Секојдневно ја замајуваат јавноста со непотребни прес конференции, спектакуларни апсења, обидувајќи се себе од виновници да се претстават како спасители на народот. И замислете, токму тие апелираат да нема политизација на овој случај, а напротив, истите го прават спротивното.
Со притварање на цела Чета виновници и барање на вина низ историјата, низ годиниве наназад, а не гледајќи вина во денешниве припадници на власта е само невешт политички маневар за истрагата да се оттргне далеку од нивната одговорност.
За Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ, ден „Д“ од каде треба да се насочи истрагата е 21.12.2024 година. Тоа е денот кога официјален државен орган, Управата за Jавни Приходи, на овој објект му ставила пломба и го затворила.
Воопшто не е битно дали тоа била УЈП, ДЗС, ЦУК, Пазарна инспекција или Полиција. Важно е дека официјален надлежен државен орган издал наредба за забрана за работа на овој објект.
Клучно прашање на кое што треба да одговори истрагата е кој го отвори објектот? Кој дозволи да биде отворен објектот? И на крај, со чии политички амин ова незаконито дејствие е истолерирано?
Фактот што дискотеката Пулс до денес се уште има блокирана сметка кажува дека и во моментов овој објект би требало да биде пломбиран. И доколку оваа одлука се почитувала, а надлежните во УЈП, Полицијата и Пазарната инспекција се потрудиле истата одлука да биде спроведена, 59-те млади луѓе денеска ќе беа живи и ниту еден немаше да биде повреден.
Затоа бараме од Јавното обвинителство да не подлегнува на политичките маневри на власта туку ласерот на истрагата да го насочи во вистинска насока и одговорноста да се бара од сегашниот, а не од ланскиот снег“, се наведува во соопштението на Граѓанска Опција за
Македонија-ГРОМ.
Македонија
Склучен Меморандум за соработка со Фондацијата СИЗИГИЈА за реализација на обуки за лица во ризик

Во Министерството за социјална политика демографија и млади се потпиша Меморандум за соработка помеѓу Министерство и СИЗИГИЈА Скопје – Фондација за создавање екосистеми, иновации и трансфер на знаење за личен и деловен развој.
Со Меморандумот потпишан од министерот Фатмир Лимани и г-ѓа Сузана Трајковска Кочанковска од СИЗИГИЈА, Министерството изразува поддршка во активностите на фондацијата преку проектот „Црн лебед“ – кој има за цел поддршка на лица во ризик преку обезбедување на обуки за нивно вклучување во социјални претпријатија и креирање на инклузивни работни места контекст на социо-економски претпријатија.
Проектот „Црн лебед“ е финансиран од Министерството за социјална политика, здравје и заштита на потрошувачите на Република Австрија започнат на 25.01.2025 година со период на имплементација од 12 месеци.
Истиот се реализира во соработка со Impact Hub Aвстрија и Фондацијата СИЗИГИЈА со цел охрабрување на младите жени (15-24 години) кои не се вработени, ниту во образование или обука (NEET), како и лица со попречености, преку обуки, практична работа во фирми и социјални претријатија да ги подобрат своите вештини и можностите за вработување.
Спроведувањето на активностите од проектот „Црн Лебед“ ќе се реализира во Центарот за социјални претпријатија, кој е даден на трајно користење на Министерството за социјална политика, демографија и млади со одлука на Владата на Република Северна Македонија. Реализацијата на активностите е без плаќање на надомест од страна на фондацијата за користење на Центарот.
Македонија
Герасимовски: Започна проектот „Цел Центар на точак”, аплицирајте за субвенција до 3.000 денари

Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечни субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, е-тротинети и дополнителна опрема. Центарци ќе можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари.
Градоначалникот Горан Герасимовски, ги повикува жителите на Центар да го искористат овој повик и да изберат алтернативен, еколошки превоз. Тој информира дека повикот е отворен од 24 март 2025 година, а барањата ќе се обработуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
„Возењето велосипед не е само начин на превоз, туку и здрав животен стил. Со секој поминат километар со велосипед или е-тротинет, придонесуваме за почист воздух, помалку метеж и поздрав живот. Нашата цел е да го поттикнеме користењето на овие превозни средства и да изградиме модерна, одржлива општина. Ги повикувам центарци да аплицираат за субвенција и да придонесеме за помал сообраќаен метеж во централното градско подрачје. Поддржуваме здрави и одржливи транспортни навики“, истакнува Герасимовски.
Заинтересираните граѓани треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот. Правото на субвенција е еднократно.
За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата.