Македонија
Пораст на бројот на заразени од коронаворус, во Македонија активни 5.667 случаи

Светот во последните недели бележи пораст на заразени од коронавирус, при што сѐ повеќе присутна е омикрон-варијантата, која бргу се шири. Во Македонија вчера беа детектирани девет случаи на омикрон, од кои 8 од Скопје и едно лице од Кочани.
Од Министерството за здравство информираат дека во моментот бројот на активни случаи изнесува 5.667 лица. Најмногу заразени има во Скопје (3.135) по што следуваатт Битола до 419 случаи и Прилеп со 346 заразени. Над 200 заразени во моментот има во Охрид и Кавадарци, а стотина во Куманово, Велес, Струмица и во Гевгелија.
Досега во земјата се направени вкупно 1.619.276 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 227.168, бројот на оздравени пациенти е 213.505, на починати е 7.996.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До 12 февруари 2024 година да се сменат регистарските таблички со ознака НМК

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и правните субјекти, односно сопствениците на возила, на обврската дека заклучно со 12.02.2024 мора да извршат промена на регистарските таблички со ознаката “МК“ со ознаката “NMK“.
Имено, согласно член 27 став (1) алинеја 5 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија” бр. 140/08; 53/11; 123/12; 70/13; 164/13; 138/14; 154/15; 192/15; 39/16 и 161/19) и согласно член 28 од Правилникот за форма и содржина на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 293/2020), сите сопственици на регистрирани возила се должни да ги заменат регистарските таблици кои ја содржат буквената ознака ,,МК”, издадени до денот на отпочнување со примена на овој правилник (15.01.2021 година), односно таквите таблички можат да се употребуваат најдоцна до 12.02.2024 година.
Македонија
Тупанчески: Со новиот Кривичен законик во целост ќе се ревидира казнената политика

Стручната расправа во Апелациониот суд Штип е прва во серијата расправи за новиот Кривичен законик на ниво на апелациски подрачја. По 27 години, се добива нов законски текст, со кој ќе се подобри правната сигурност на граѓаните, истакна министерот за правда, Никола Тупанчески, во своето обраќање.
Со новиот Кривичен законик се врши редефинирање и хармонизација на пропишаните казни за одредени кривични дела, кои отстапуваа од целите на казнената политика.
„Од анализата на досегашната примена на Кривичниот законик можеме да констатираме дека примената на мерката конфискација претставуваше особена слабост. Новините во оваа сфера имаат цел отстранување на лоцираните слабости, со што ќе се зголеми ефикасноста во примената на овој институт. Исто така, одредбите за конфискација се целосно усогласени со Европската конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Судот во Стразбур. Не помалку значајни се и новините што се однесуваат на кривичните дела ‘Тортура’ и ‘Малтретирање во вршењето на службата’ и нивното незастарување како резултат од конкретни злоупотреби, што резултираа и со пресуди од Судот во Стразбур против нашата држава“, рече Тупанчески.
Министерот за правда посочи дека посебно внимание во изготвувањето на новиот Кривичен законик било посветено на негово усогласување со најновите меѓународни стандарди. Во сферата на перењето пари биле разгледувани документите од Манивал. Во областите поврзани со недозволеното производство и трговија со оружје, Кривичниот законик беше целосно усогласен со протоколот на Обединетите нации. Значајно е и усогласувањето со директивата на Европската Унија за борба против измама на финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право. Посочено е дека изминатиот период во јавноста особено актуелни се случаите за загадување на животната средина. Во тој контекст се и новините во Кривичниот законик во оваа област и тоа преку целосно усогласување со меѓународните стандарди, воведување ново кривично дело екоцид и квантифицирање на дејствата на извршување во кривичните дела против животната средина со пропишување мерливи параметри, кои се однесуваат на загадувањето на животната средина. Процесот за донесување на новиот Кривичен законик е поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за што министерот за правда, Никола Тупанчески, изрази голема благодарност. Во текот на месецот стручни расправи за новиот Кривичен законик ќе се одржат и во апелациските судови во Гостивар, Битола и Скопје.
Македонија
Јовановска: Продолжуваме сами и ребрендирани како Десница, не сакаме да сме дел од политики штетни за државата

По десет години постоење, Партија за економски промени 21 (ПЕП 21), го продолжува политичкиот пат заедно со граѓаните како Десница, она што изворно е во основачите и членството уште кога се вклучивме на политичката сцена. Членството на собранието одржано во мај минатата година даде иницијатива, која во ноември истата година на вонредно собрание резултира со одлука за промени.
Од денешен аспект согледуваме дека сме го направиле вистинскиот чекор и избор – ребрендирањето на партијата да го означи и нашиот самостоен пат. Членство почувствува потреба не само од ребрендирање туку и потреба, пред сè, да се промени начинот на дејствување на партијата во интерес на граѓаните и Македонија, велат од партијата.
Десницата, како што појаснуваат, се залага за влез во ЕУ со целосно зачуван интегритет, идентитет, историја и јазик. Според оваа партија, приклучувањето на Македонија во европското семејство не смее и не треба да биде по цена на нејзино разнебитување, уценување и понижување како од надвор така и од внатре од ниту еден политички субјект или институција.
„Десницата не може и не сака да биде дел од лоши и штетни одлуки и политики за државата и граѓаните. Не може да гледаме постојно коленичење без трошка гордост.
Не може да останеме неми на секојдневното разочарување на луѓето од неправдите, омаловажувањето, корупцијата и криминалот, како и стравот, неизвесноста и несигурноста, кои ги чувствуваат сè посилно и сè повеќе од ден на ден. Економскиот стандард и социјален статус на македонските семејствата секој ден оди надолу. Иселувањето зема поголем замав и заминуваат цели семејства надвор од Македониј и тоа не привремено туку долгорочно. Не може да кажеме дека е добро, растат платите, а да премолчуваме дека трипати повеќе растат трошоците и се намалува куповната моќ на граѓаните“, велат од Десницата.
Десницата, додаваат од таму, бара промена и на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица со цел да се овозможи вистинска парламентарна демократија и фер услови еднакви за сите партии, без разлика дали се мали или големи, кои се регистрирани денес, пред 10, 15 или 30 години. Јавните заложби дека наводно сите политички партии сакаат една изборна единица, како што велат од таму, ќе бидат искрени оној момент кога ќе се реализираат и во пракса.
„Сите сме сведоци дека постојано пред секои избори наводно нема време за спроведување на овој изборен модел, кој најреално би ја отсликал волјата на граѓаните“, посочуваат од Десницата.