Македонија
Посакувам да можам да сменам нешто за тој ден, изјави возачот Јордан

Возачот Јордан Ѓоргиев кој ја стори несреќата кај „Сити мол“ изрази каење. Неговиот адвокат Душко Јанковиќ кажа дека тој никогаш не спорел дека ја сторил несреќата. За истата, посочи дека е од невнимание. За овој случај, ќе се изведуваат докази само кои се однесуваат за поблага казна која судијката Љубинка Башевска треба да ја изрече. Обвинителот Мишо Илиевски, кој го работеше случајот, во завршните зборови посочи дека неспорно е докажана вина и посочи дека се надева дека со казната ќе се превенира за други вакви сообраќајќи, случени со прекршување на сообраќајните правила. Адвокатката на повредениот Леонид Даов кажа дека признанието на вина не треба да биде олеснителна околност.
„Сакам да изразам сочувство на покојната. Од тој ден немам ни еден миг раат, многу сум вознемирен. Сакам да можам да сменам нешто за тој ден. Доколку би можел, би го сменил местото“, кажа возачот Јордан Ѓоргиев.
„Очекувањето на Јавното обвинителство е дека судот ќе определи санкција во границите на казната предвидена за кривичното дело за кое се обвинува Јордан Ѓоргиев. Со оваа кривична санкција искрено се надевам дека ќе биде задоволена правдата пред сè во делот на генералната превенција во овој вид на криминалитет, бидејќи во последно време сме сведоци на сè позачестени вакви незгоди, каде како последица го имаме губењето на човечки животи. Очекувањето на обвинителството е да се определи санкција со која ќе се остварат целите на казнувањето. Предлагам да му се определи кривична казна забрана за управување со моторно возило“, кажа обвинителот Мишо Илиевски.
Адвокатот на семејството Николови кажа дека тие не добиле извинување од адвокатот, семејството и оштетениот и 76 дена по несреќата.
„Сакаме да потенцираме дека денеска е 76. ден од смртта на Викторија и во однос на признавањето вина, сметаме дека истото е институционално. Затоа што во текот на овој период ниту семејството на обвинетиот, а и самиот тој, во ниту една форма се нема извинето, изразено сочувство или искрено да се покае. Сакаме судот ова да го има предвид и да донесе казна како што треба за да покажеме владение на правото сразмерно на делото што е сторено“, кажа адвокатот Владимир Михајловиќ, кој го застапува семејството на загинатата Викторија Николова.
Билјана Андонова, адвокатка на Леонид Даов, кажа дека признанието вина не може да биде олеснителна околност.
„Без оглед на фактот што обвинетиот денеска призна вина, истиот не може да биде ослободен од одговорноста дека свесно направил сериозни пропусти во сообраќајот, а тоа не може ниту да влијае како олеснителна околност при одмерување на казната. Бараме од судот да изрече санкција која како апел ќе одекне во јавноста за нулта толеранција на ваков вид кривични дела. Особено, ако се има предвид зачестеноста на овој вид а кривични дела, како и фактот дека несреќата во која, за жал, трагично го загуби животот Викторија е случена на пешачки премин, на едно од најфреквентните места во Скопје. Загубата е голема, како за фамилијата на оштетената, така и за оштетениот Леонид, кој во оваа несреќа си ја загуби својата партнерка и најдобра другарка“, кажа Андонова.
Адвокатот Душко Јанковиќ, кој го застапува обвинетиот Јордан Ѓоргиев, го опиша неговиот живот. Кажа што проживува, го спомена и каењето. Јанковиќ пред судијката кажа дека возачот е веќе казнет, бидејќи има трајно психичко нарушување. Според адвокатот, возачот Јордан кажал: „Каењето и самообвинувањето на Јордан се гледа и од тоа што во неколку наврати изјавил дека кога би можел да биде на местото на починатата Викторија, би се сменил со неа“.
„Чинот на признанието на Јордан мислам дека е единствен начин за таа трагедија да се ублажи и за двете страни, но и денеска да ја утврдиме вистината за целиот настан. Кога велам да се утврди вистината, не мислам на утврдување на фактичка состојба, но мислам на сите невистини, лаги, инсинуации, злонамерни пишувања, колнења, клевети и закани со убиство искажани кон обвинетиот Јордан, неговото семејство, па и лично кон мене како негов бранител, а искажани преку социјалните мрежи од првиот момент на трагедијата од страна на квази добротвори, квази правници, кои цело време изведуваа квази судии седејќи зад тастатурата пред компјутер, а вклучен ‘Фејсбук’ и неограничено ги лечеа своите комплекси, а притоа не сфаќајќи дека се всушност морални накази и чудовишта кои немаа почитување спрема никого и со цел ова и така не мала несреќа, уште повеќе да ја зголемат, а што е најважно, немаа почит и спрема семејството на оштетените. Ова го кажувам со причина. Затоа што успееја обвинетиот тогаш да го прикажат како дете кое е збеснато, чиј татко бил функционер, бизнисмен, близок со власта, а возел со скап џип, па дека бил пијан, поминал на црвено. Сето тоа влијаеше врз целата оваа постапка, почнувајќи од првиот ден и во некои решенија на овој суд каде што дури беше напишано и наведено дека одлуката меѓу другото се носи и поради притисокот на јавноста. Ова не е прва сообраќајка ниту последна. Имало и многу потешки кривични дела, но никогаш немало таков публицитет, што дури влијаеше и на судски одлуки. Искрено се надевам дека овој суд нема да подлегне на никакви притисоци и дека ќе донесе објективна одлука. Како и да е, обвинетиот Јордан Ѓоргиев е најобично младо дете од нашето секојдневие. Ниту е син на директор, ниту имал скап џип, ниту бил под дејство на алкохол и дроги, што е факт и видно од самиот обвинителен акт. Живее во семејна заедница со неговата мајка и помлада сестра и повремено со неговата свршеница. Родителите на Јордан се разведени уште во 2007 година и од тогаш се самохрано семејство. Неговиот татко, како за пример, живее веќе 17 години во Гевгелија и е невработен. Кога го опишуваме карактерот или психолошкиот профил на животот на младиот Јордан, неговата клучна улога во семејството е домаќинската улога и преземањето на улогата на неговиот татко. Јордан е кокредитобарател на неговата мајка, која е кредитобарател за кредит за стан каде што денеска живеат, со рок на исплата од 30 години. Јордан на свое име и со двајца жиранти има подигнато уште еден кредит. Тоа покажува дека покрај тоа што студира, тој работи, зема плата од 45 илјади денари и заедно со неговата мајка го водат семејството“, кажа адвокатот.
Јанковиќ го молеше судот да биде благ спрема Јордан при одмерување на каната, да ги цени сите факти и докази, особено да го цени искреното каење и признание дадено и покажано од негова страна.
„Еден ваков психолошки профил, заедно со фактот дека не е осудуван, а со сета своја невиност се судира и соочува со немилиот настан, со смртта на Викторија, со повредата на Леонид, со ужасот и хаосот во кој се нашол и сè уште се наоѓа, што придонесува тој да е веќе казнет. Јордан слабо јаде, слабо пие, не е контактибилен со никого. Самиот извештај издаден од психијатрите во затворот ‘Скопје’ не може во целост да ја опише неговата психичка состојба и депресија и неговото самообвинување. Го молам судот да го цени признанието на Јордан, не само како форма за олеснителна околност заради ублажување и намалување на казната туку како факт дека тоа признание кое денеска го даде е гест на искрено и навистина големо каење. Не можам да се согласам со предлогот на Обвинителството дека го сторил кривичното дело со умисла. Бидејќи е неприфатливо токму на ова дете, на овој профил на млад човек, да му се препише умисла. Факт е дека обвинетиот бил потполно и целосно исправен согласно законот, освен во делот каде и навистина возел со брзина поголема од дозволената и тоа е еден момент на невнимание, небрежност, можеби една до две секунди коишто целосно ги извртуваат работите, а каде што од тој момент, судбината ги презема во свои раце. Изгубен е еден млад живот, тоа е факт. Колку и да е сурова таа вистина, ништо помалку зло не е спрема Јордан. Бидете сигурни дека покрај оваа казна која ќе ја добие од судот, цел живот со себе ќе си ја носи и Божјата казна“, кажа адвокатот Јанковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре без струја повеќе делови на Скопје

Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без електрична енергија ќе останат следните корисници:
од 08:30 до 12:00 часот, дел од корисниците лоцирани на патот од с. Сопиште кон с. Горно Соње. (Општина Сопиште)
од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците од дел од бул. ВМРО (спроти Пошта). (Општина Центар)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул. Илија Димовски – Гоче. (Општина Аеродром)
Од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од улиците: 1513, 1515 и крак 2 од ул. Саса во нас. Пинтија. (Општина Карпош)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од викендиците во с. Побожје. (Општина Чучер Сандево)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Бардовци, (место викано Рупа). (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Утре без вода делови на Центар, Кисела Вода и Сарај

Поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф -80 мм на ул. Јордан Хаџиконстантинов Џинот бр. 21, утре од 8:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, како и дел од бул. Илинден и дел од ул. Аминта Трети (потегот околу градски парк), (општина Центар)
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф -100 мм на ул. Димо Хаџидимов бр. 64, од 9:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, како и дел од ул. Божидар Аџија и ул. Михаил и Ефтихиј (општина Кисела Вода)
Поради замена на затворачи во резервоарот за питка вода во с. Копаница, од 7:00 часот до завршување со работните активности, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од селата: Копаница и Буковиќ (општина Сарај)
Македонија
По третпат не дојдоа Камчеви за да сведочат за милионот

Граѓанскиот суд по третпат ќе се обиде да ги најде сведоците со кои бизнисменот Орце Камчев ќе се обиде да докаже дека дал 1,5 милиони евра на тужените Бојан Јовановски – Боки13 и Катица Јанева. Сметководителката во фирмите на Камчеви, Мирјана Бошковска, сопругата на бизнисменот, Ана Камчева, мајката Ратка Куновска-Камчева и сестрата Кристина Камчева-Стојческа ниту на денешното рочиште не дојдоа.
Сега, обврска да ги извести за терминот на следното рочиште зеде адвокатот Кристина Стојменова. Одлагање на рочиштето не им се допадна на адвокатите кои ги застапуваат Јовановски и Јанева. Судијата Андреј Димовски, сепак, остави уште една шанса за Камчеви и сметководителката да дојдат на судење.
„ Се закажува рочиште за 6.6.2022 година, кога доказната постапка ќе продолжи со сослушување на сведоците“, кажа судијата Димовски.
Катерина Петкова, адвокат на Боки 13, сметаше дека повеќе судот не треба да ги чека сведоците. Според неа, тие не го оправдале нивното отсуство, за да им се даде нов термин да сведочат.
„Тужителот имал можност да ги извести за закажаните судења и да го обезбеди нивното присуство“, кажа Петкова.
Бојан Јовановски – Боки 13 пак, бурно реагираше. Според него, одложувањата на рочиштата е со цел да се прибави предметот од Врховен суд, а сведоците да се потсетат што кажале кога се судел предметот „Рекет“, за истото да го повторат.
„Очигледна е потребата за потсетување на сведоците на она што го кажале во кривичниот суд, бидејќи тој што не ја говори вистината брзо заборава што кажал“, кажа Боки 13.
Реакција против одлагањето на рочиштето имаше и од државниот правобранител Фитим Касапи.
Новото рочиште е закажано за една недела.