Македонија
Потпишан договор за соработка за заштита на сведоци помеѓу МВР и Меѓународниот Кривичен Суд
„Потпишувањето на Договорот за соработка во областа на заштита на сведоци помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Меѓународниот кривичен суд претставува продолжување на чинот на поддршка на Судот во борбата против најтешките форми на кривични дела. Дотолку повеќе што Република Северна Македонија го има потпишано Римскиот статут во 1998 година и ратификувано во 2002 година, со кој е основан Меѓународниот кривичен суд, чија улога е фокусирана во борбата против најтешките форми на кривичните дела – геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и агресија“.
Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при денешното потпишување на Договорот за соработка во областа на заштитата на сведоци меѓу МВР на РСМ и МКС со седиште во Хаг (Холандија), а претставуван од Секретарот на оваа меѓународна правна инстанца г. Питер Луис, во Клубот на пратениците во Скопје.
Заштитата на најранливите категории на лица, односно жртвите и сведоците кои сакаат да помогнат во расветлувањето на кривичните дела и во изнесувањето на нивните сторители пред лицето на правдата е определба на секое демократско општество, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека МВР активно се вклучува во таа глобална борба против овие форми на кривични дела, кои преставуваат сериозна закана за човештвото, безбедноста и интегритетот на луѓето и заедниците.
Всушност со овој договор се воспоставува правна рамка за соработка меѓу надлежните органи при МВР и Секретаријатот на МКС на оперативно ниво, а околу конкретизирање на мерките за заштита и безбедносните активности, преку релокација на жртви, сведоци и други лица кои се изложени на ризик поради дадено сведочење во склоп на постапките во Судот.
„Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија ја има воспоставено и ја практикува меѓународната соработка во областа на заштита на сведоци врз основ на договори за полициска соработка, договори за соработка во областа на заштита на сведоци или врз основ на реципроцитет. Досегашното полициско искуство со земјите кои имаат релоцирано лица на наша територија е исклучително позитивно, со доследно и максимално почитување на довербата, професионалноста и утврдените одредби од склучените договори. Убеден сум дека, со потпишувањето на овој договор, Одделението за жртви и сведоци при Меѓународниот кривичен суд ќе ја прошири својата соработка со нашата Единица за заштита на сведоци, ќе ги препознае и применува овие принципи на соработка во оваа исклучително специфична и чувствителна област на полициско работење“, потенцираше министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Прифаќам дебата со сите противкандидати
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ја прифати поканата на националниот јавен сервис за учество на дебата со сите противкандидати во претседателската трка, информираат од неговата кампања.
„Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата.
Дополнително, информирам дека останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење.
Останувајќи доследен на принципот на транспарентноста за мојата работа и како претседател и како кандидат за претседател во тековната кампања, ја информирам јавноста за овие прашања за кои имаше интерес изминатите денови“ изјави Пендаровски.
Македонија
Коалицијата ВЛЕН најавува спектакуларен митинг во понеделник на плоштадот Скендербег – не добиле дозвола на митинг на Плоштад Македонија
Шефовите на изборната кампања на Коалицијата ВЛЕН денеска ја информираа јавноста за централниот митинг што ВЛЕН (ВРЕДИ) планира да го одржи во понеделник на 22 април, 2024 година.
– За да бидеме максимално транспарентни пред граѓаните, сакаме да ве информираме дека, како што налага процедурата, поднесовме барање до Град Скопје за да го организираме централниот митинг на плоштадот Македонија, за сите да видат што значи извонреден митинг, со слободна волја и без притисок, додека корумпираната власт во бегство да види што значи народна поддршка, што тие одамна ја немаат, беше кажано на денешната прес конференција.
Од ВЛЕН (ВРЕДИ) информираа дека од Град Скопје се уште немаат никаков одговор на барањето да се одржи митинг на Плоштад Македонија, што тие го толкуваат како негативен одговор. Според шефовите на изборната кампања на претседателскиот кандидат Арбен Таравари, негативна одлука донеле градоначалничката Данела Арсовска, Блерим Беџети и Левица кои се во коалиција. Причината за тоа, според нив е обид да ја спречат коалицијата ВЛЕН да го организира централниот митинг поради, како што рекоа, големата поддршка што ја има ВЛЕН (ВРЕДИ) од граѓаните.
– Секој одговор што ќе дојде во понеделник ќе биде закаснет и тенденциозен поради краткото време за организирање. Но, ние не остануваме со скрстени раце, заедно со нашите структури и народ, решивме да ја завршиме оваа исклучително позитивна кампања за претседател нигд едруго освен овде, на нашиот плоштад, на плоштадот што гоноси името на нашиот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербеу, да ја најавиме победата на Коалицијата ВЛЕН, со голем собир!, рекоа од ВЛЕН нагласувајќи дека централниот митинг ќе се одржи во Скопје, на плоштадот Скендербег, на 22 април, понеделник, во 20:30 часот.
Македонија
Стојаноска: „Платформа 1198“ предвидува рамен данок со што, Македонија ќе стане една од земјите во регионот со најниски даноци
Додека министрите на ДУИ мака мачеа да постигнат гол или кош повеќе во просториите на министерствата и додека мака мачеа да договорат тендер плус, и на сето ова, секако, министрите на СДСМ не смеат да гугнат, тетовските стопанственици, пак, мака мачат да опстанат, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
– Поради овие аздисани политичари, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ се ветува рамен данок кој што ќе остане и во иднина, се ветува Македонија да стане една од земјите во регионот со најниски даноци. И, се ветува на стопанствениците поголема поддршка и помош. Токму поради овие причини, стопанствениците во Македонија ќе гласаат за бројот два (2), затоа што сакаат Македонија да се врати во нивни раце и Македонија повторно да ја направиме горда, додаде таа.