Македонија
Потпишан договор за стратешко партнерство со Унгарија

На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, во еднодневна посета на Република Северна Македонија престојуваше унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. Посетата беше заокружена со потпишување договор за стратешка соработка помеѓу владите на двете земји.
„На средбата двајцата министри се осврнаа на одличните билатерални односи изразувајќи заемно задоволство од интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка. Беа поздравени и тридецениското пријателство и одличната трговска соработка, која бележи континуиран нагорен тренд во изминатиот период. Во тој контекст од страна на двајцата министри беше констатирано дека македонско-унгарското партнерство е засновано на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во претстојниот период ќе добијат уште позасилена динамика“, соопшти МНР.
Во фокусот на разговорите беа и перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и засилената и недвосмислена поддршка од Унгарија на овој пат, која е насочена кон отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ, со цел да се овозможи стабилизирање и подобра перспектива за нашата земја и за земјите од регионот.
Во таа насока, министерот Муцунски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи со несмалено темпо и во претстојниот период имајќи го предвид и неодамна потпишаниот акциски план за споделување знаење во однос на ЕУ-пристапувањето помеѓу министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и министерствата за европски прашања на двете земји.
На средбата исто така стана збор и за сојузништвото и одличната соработка во рамките на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на европската и на трансатлантската стабилност.
Во рамките на посетата беа потпишани и договор за соработка на владино ниво и договор за соработка во делот на образованието. Имено, министерот Муцунски и министерот Сијарто потпишаа договор за стратешка соработка меѓу владите на Република Северна Македонија и на Унгарија, а од страна на министерот Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на програмата „Стипендиум Хунгарикум“ за 2026 – 2028.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
62 балони летнаа кон небото во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот во „Пулс“

Во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот од 16 март годинава во дискотеката „Пулс“, попладнево во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа комеморативен настан што го организираше Општината со подршка на Црвениот крст, како дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот.
Со многу емоции, членовите на семејствата на настраданите, облечени во црни маички, два часа ја следеа актерката Наталија Теодосиевска, кочанчанка, која со збор и фотографија ги спомена сите загинати што потекнуваат од Кочани, Оризари и општината Чешиново – Облешево.
Комеморацијата заврши на отворена сцена, на јужната страна од ЦК „Бели мугри“ каде од рацете на деца во воздух летнаа 62 балони со имињата на прерано прекинатите 62 млади животи.
На присутните во салата на кочанската Национална установа им се обрати и Живко Гроздановски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Потоа, членовите на семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 –ти март, придружувани од граѓани, заминаа на протестен марш во чест на нивните ангели низ улиците на Кочани.
Македонија
Муцунски од „Дубровник Форум“: Во 21-ви век нема место за национализам во Европа

На покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на 18. издание на „Дубровник Форум“ – меѓународна конференција што се одржува денеска и утре во Дубровник, Република Хрватска.
Фокусот на дискусиите, како што соопшти МНРиНТ, бил ставен на безбедноста на Западен Балкан и процесите на Евроатлантска интеграција.
Министерот Муцунски имал обраќање во рамки на панелот посветен на овие теми, на кој беа разгледани и пошироки прашања како трансатлантските односи, европските предизвици, одбранбените капацитети на Европа и перспективите на Иницијативата „Три мориња“.
На панелот за Западен Балкан биле разменети ставови за напредокот на државите од регионот, значењето на европските и евроатлантските интеграции, како и за актуелните безбедносни предизвици. Учесниците заклучиле дека, во услови на зголемени ризици, е потребен засилен ангажман на меѓународната заедница за зачувување на стабилноста и просперитетот на регионот.
-Случувањата во Европскиот парламент не беа само семантика. Тоа беше политички чин на негирање на идентитетот. И сакам да бидам јасен – национализмот од 19-ти и 20-ти век нема место во Европа на 21-от век. Идентитетот не е прашање за преговори, туку основно човеково право. Добрососедството не подразбира толерирање на провокации. За жал, мнозинството во Европскиот парламент го поддржа ова бришење, но имаше и пратеници кои гласаа против или се воздржаа. Еден од нив е со нас денес. Му благодарам нему и на сите што постапија принципиелно – тоа е доказ дека совеста сè уште постои во европската политика, истакнал Муцунски.
Во своето излагање, министерот Муцунски ја нагласил посветеноста на Република Северна Македонија кон зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, укажувајќи дека глобалните безбедносни предизвици бараат поголемо внимание од меѓународната заедница. Западен Балкан, поради својата геополитичка положба, претставува нераскинлив дел од европската безбедносна архитектура.
Тој подвлекол дека предвидливите и достижни европски и евроатлантски процеси се потврдени механизми за унапредување на реформите, постигнување на долготраен мир и спречување на негативни надворешни влијанија. Муцунски ја потенцирал и потребата од зајакнување на регионалниот дијалог, соработка и меѓусебна поддршка во интегративните процеси, истакнувајќи дека земјите од регионот имаат заедничка одговорност да ги поддржуваат иницијативите за помирување и решавање на отворените прашања.
Во заклучоците, министерот Муцунски ја нагласил и неопходноста од зајакнување на капацитетите на земјите од регионот за справување со современите безбедносни предизвици, со што ќе се зајакне нивната и отпорноста на целиот регион, како директен придонес кон европската безбедност.
Македонија
Ангелов: Најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција

Во моментов најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција. Тоа е пожар кој гори неколку дена. Рано утрово испративме еден армиски хеликоптер, кој прецизно дејствуваше по линијата на пожартот, но, поради ветрот кој постојано го менува својот правец овој пожар беше многу тешко да се стави под контрола, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, бидејќи е раширен на поголема територија, претставува опасност да ги зафати и околните шуми.
-Во соработка со колегите од грчка страна кои понудија поддршка од два канадери го активиравме Европскиот механизам за цивилна заштита за употреба на овие канадери кои треба да дејствуваат. По потреба на располагање имаме еден полициски и еден армиски хеликоптер, како и два ЕР трактори на ДЗС, затоа што вториот предмалку слета во Скопје, рече Ангелов.
Информира дека предмалку избил нов пожар на територија на Крива Паланка во близина на местото каде беснееше пожарот пред неколку дена.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден, како што информира Ангелов, регистрирани се повеќе од 40 пожари на отворен простор.