Македонија
Потпишан Меморандум за разбирање помеѓу македонското МВР и Генералниот инспекторат на безбедносните сили на Чешката Република

Денеска во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија се одржа средба помеѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, придружуван од помошник-министерот на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди Игор Арсовски и амбасадорот на Чешката Република, Н.Е. Јарослав Лудва, во придружба на делегација од Генералниот инспекторат на безбедносните сили на Чешката Република, предводена од директорот Радим Драгун.
На средбата двете страни изразија задоволство од континуираната плодна соработка, а беше упатена и посебна благодарност за огромната поддршка од чешка страна во насока на унапредување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, како и за овозможената поткрепа за справување со илегалната миграција со испраќање чешки полициски службеници на нашата граница.
Унапредувањето на меѓусебната соработка во однос на спречувањето на корупцијата како феномен кој бара сеопфатен и мултидисциплинарен пристап за ефективна превенција и борба против неа и можностите за заедничко спроведување страги кои ќе доведат до конкретен резултат беа, исто така, во фокусот на денешната средба, во рамки на која беше потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Генералниот инспекторат на безбедносните сили на Чешката Република.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Првачиња, Вашите успеси се и наши успеси, вие сте нашата гордост и иднина

Радост, возбуденост и детска смеа во Паркот на Франкофонијата. Првачињата, во рамки на Детската недела, денеска положија заклетва за прием во Светската детска организација. Во еден глас, сложно, ветија дека ќе бидат вредни и успешни ученици и дека ќе ги почитуваат наставниците. На свеченоста која ја организираше Општина Центар, првачињата ги поздрави и им упати честитки, градоначалникот Горан Герасимовски.
„Драги првачиња, чест ми е што сум денеска овде со вас, на овој свечен ден кога со заклетва станувате дел од Детската организација, најголемото светско семејство во кое рамноправно членуваат дечиња од сите светски меридијани, без разлика на бојата на кожата, без разлика на кој јазик зборуваат и со какво писмо пишуваат. Но, вие сигурно знаете дека оваа заклетва не е мала работа. Ветувањата кои ги давате мора да ги исполните. Тоа значи, дека треба да бидете вредни и дека треба да ги почитувате наставниците и тогаш петките сами ќе си дојдат! А ние возрасните ви ветуваме дека ќе ви обезбедиме среќно детство и квалитетно образованите, бидејќи вие сте нашата гордост, богатство и иднина. Затоа правиме се за да ги подобриме условите во кои учите, растете и се развивате. Вашите успеси се и наши успеси“, порача Герасимовски.
Градоначалникот Герасимовски на првоодделенците уште еднаш им посака успех во учењето, но и ги потсети дека се уште се само деца и да не ги заборават дружењето и игрите.
Свеченоста ја збогатија и хористите од училиштата „Кочо Рацин“ и „Коле Неделковски“ со изведбите на Ода на радоста и Државната химна. На голема радост на децата театарот ХИТ Скопје ја изведе детската комедија „Разгалениот принц“, велат од општината.
Општина Центар обезбеди и пригодни подароци со дидактички материјали за првачињата. Приемот на учениците од првите одделенија во Детската организација традиционално се случува во рамките на неделата посветена на децата.
Македонија
Петровска – Блашчак: Македонија и Полска се амбициозни во унапредувањето на одбранбената сојузничка соработка

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Варшава се сретна со нејзиниот полски колега, министерот за одбрана Мариуш Блашчак со кого разговараше за европската интеграција на нашата земја, безбедносната состојба во Европа и развојот на одбранбената соработка помеѓу двете земји – сојузнички во НАТО.
Петровска му се заблагодари на Блашчак за континуираната и гласна полска поддршка за членство на Северна Македонија во Европската Унија, при што истакна дека евроинтеграциите се уште еден начин на зацврстување на единството на европскиот континент и гарантирање на сигурноста на граѓаните.
„Северна Македонија е европска демократија која и во најтешкиот период по руската агресија врз Украина покажа дека целосно ги почитува и ги поддржува меѓународните правила и принципи. Со Северна Македонија како полноправен член, Европската Унија ќе биде побезбедна и посилна“, рече министерката на средбата.
Петровска и Блашчак изразија волја и интерес за засилување на македонско – полската билатерална одбранбена соработка, особено во доменот на заедничките обуки и вежби, при што министерката Петровска посочи дека неодамна завршената вежба „Анаконда 23“ во Полска на која учествуваа македонски офицери е пример за начинот на кој заеднички можеме да ја развиваме интероперабилноста во НАТО.
Во однос на безбедносната состојба на континентот, Петровска ја реафирмираше македонската поддршка за Украина преку хуманитарна и воена помош, имајќи предвид дека Русија ги прекрши принципите на меѓународниот поредок, а Украина има полно право да ги одбрани својата сувереност и територијален интегритет.
Министерот Блашчак се заблагодари за учеството на министерката Петровска на Варшавскиот безбедносен форум и порача дека земјата е отворена за засилување и унапредување на одбранбената соработка со Северна Македонија како земја – сојузник.
Претходно, министерката Петровска се сретна и со Стефан Дион, специјален претставник на Канада за Европската Унија и Европа, со кого разговараше за европската интеграција на земјите од Западниот Балкан.
„Северна Македонија е европска држава која ги споделува европските вредности и припаѓа во Европската Унија. Европскиот пат на Северна Македонија мора да продолжи. Тоа е одговорност на секој политички субјект во Европската Унија и во Северна Македонија и јас очекувам лидерство и храброст да се завршат преземените обврски кои ќе овозможат да чекориме на патот кон полноправно членство во Унијата“, рече министерката.
Македонија
Ако не ни ги прифатат барањата, продолжуваме со поригорозен штрајк, порачаа судските административци

Штрајкот во Обвинителството ќе продолжи.Од УПОЗ велат дека добро е што е формирана работна група за да се решат нивните барања, но дека преговорите не смеат да се одолговлечат.
Рекоа дека очекуваат работната група да почне да работи за седум дена и дека на првата средба ќе бараат дефинирање на рокови, односно работната група да си ја заврши својата работа за десет дена.
„Доколку не ги прифатат нашите барања, штрајкот ќе продолжи во поригорозен начин и нема да се работат никакви задачи во обвинителството. Ако не се договориме, очекуваме да ни се приклучат и колегите од судовите и колегите од правобранителството“ рекоа од УПОЗ.
Остануваат на своите барања за покачување на платите од 78 проценти и им порачуваат на надлежните институции сериозно да ја сфатат ситуацијата.