Македонија
Почина Благојче, пациент со цистична фиброза, кому Пендаровски пред две години му вети помош за да добие лек

Благојче Илиевски, кој скоро две години добиваше уверувања дека ќе го добие скапиот лек за цистична фиброза, ја изгуби битката со болеста. Тој беше дел од осумте критични пациенти за кои се бараше лекот итно да им се набави. Со кислородна боца Благојче бараше поддршка и од претседателот на државата, Стево Пендаровски. Но, и покрај сите напори, не дочека да добие терапија со лекот „трикафта“.
Претседателот на Асоцијацијата за лицата болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, за „Макфакс“ вели: „Ние можевме да го превенираме овa“, мислејќи на смртта на Благојче.
„Последните три години беа важни и тешки за Благојче бидејќи состојбата му се влошуваше. Има негова објава кога пред две години беше кај претседателот сè со цел да се побара помош и од некои институции бидејќи од тие што ги баравме, не добивавме решение (Министерството за здравство). Се обративме и до претседателот, бевме примени, тој разговараше со пациентите, беше и Благојче. За жал, остана тоа на ПР и маркетинг, фотографирање со претседателот. Поддршката остана празно ветување“, вели Гаспар за „Макфакс“.

Благојче на средба со претседателот
Тој посочува дека болеста е непредвидлива. Смртта на Благојче била ненадејна за нив.
Со големо жалење можам да кажам дека го изгубивме иако стравувавме најмногу за друга пациентка. Благојче беше упорен. Оваа болест е таква што не можете да предвидите. Изненади многу. Другите седум пациенти се во иста состојба како Благојче. Ова е доказ дека не можете да ја процените болеста и за пациент за кој сте процениле дека има време – нема време. Времето е луксуз“, посочува Гаспар за „Макфакс“.
Министерот за здравство, Беким Сали, не знае дали ќе се чека нов министер за набавката на скапиот лек за лицата болни од цистична фиброза ниту, пак, дава временска рамка во која лекот би се набавил. Тој посочува само дека треба да се изменат неколку закони за лекот да може да се набави, а тоа е веќе познат став.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Спасени се двете лица на кои им се преврте чамецот во Мавровското езеро

Спасени се двете лица на кои денеска попладне им се преврте чамецот во водите на Мавровското Езеро, информираат од Центарот за управување со кризи.
Од ЦУК велат дека двете лица се извлечени и се наоѓаат во возило на Итната медицинска помош.
Во акцијата учестуваше и спасувачки хелихоптер со специјален тим од САЕ „Тигар“.
„Припадници на Специјалната антитерористичка единица Тигар и Хеликоптерската единица при МВР во координирана акција со Полициското одделение Маврово и наведените институции од водите на езерото во 15.10 часот успешно ги извлекле Х.Б.(24) и И.Р.(23), двајцата од Скопје, во контактибилна состојба, по што биле пренесени во Ургентен центар Гостивар за преглед“, известија од МВР.
Инаку, како што информираат од ЦУК, откако им се превртел чамецот, двете лица успеале да се задржат на него. Но, поради силниот ветер и брановите, со чамецот се движеле кон Хидроцентралата.
За состојбата, бил известен и директорот на ХЕЦ „Маврово“ со цел да го запре производството на електрична енергија, како би се избегнале струите во езерото и би се сопрело движењето на превртениот чамец.
Македонија
Мицкоски за големиот протест во Србија: Ја следиме состојбата и не се мешаме во внатрешни работи на други земји

Нормално е да ја следиме состојбата во Србија. Неодговорно би било да не ја следиме состојбата со нашите соседи и врз основа на тоа сме подготвени за предизвиците. Доколку постојат такви имаме разработено сценарија, но не очекувам прелевање кај нас. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за случувањата во соседна Србија, каде денеска се одржува голем студентски протест, но и како ја оценува безбедноста состојба во нашата држава, односно дали случувањата во Србија можат да се рефлектираат и кај нас.
На прашањето дали е запознаен со информациите од тамошните медиуми дека структури од соседни земји на Србија, спомнувајќи ја и нашата држава, учествуваат во некакви сценарија за рушење на тамошната власт, премиерот рече дека политиката на власта е јасна, и додаде дека „не сакаме да ни се мешаат во нашите внатрешни работи, а ниту, пак, ние ќе се мешаме во внатрешните работи на која било друга земја“.
„Нашата домашна задача е наша домашна задача, а домашната задача на другите земји си е нивна домашна задача. Доколку некој побара помош од нас, советодавна, каква било, тука сме во рамкитена законите и Уставот на Македонија да овозможиме такво нешто. Доколку не, повторно ние ќе си ја гледаме нашата задача, затоа што имаме работи што треба дома да си ги решаваме. Немаме амбиција да бидеме дел од внатрешните работи на која било земја во светот“, рече Мицкоски.
Македонија
Герасимовски: Голема акција за чистење во ООУ „11 Октомври”, хигиената на прво место

Општина Центар информира дека денеска во основното училиште „11 Октомври“ се реализираше голема акција за чистење и уредување на училишниот двор, во која учествуваа ученици, наставници, родители, како и градоначалникот Горан Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека оваа активност е дел од кампањата „Центар не чека, Центар чисти“, чија цел е подигнување на свеста за важноста на чистата животна средина.
„Денеска, преку заеднички труд, покажавме дека одговорноста за хигиената и уредноста на нашата околина ја носиме сите – и децата, и возрасните. Ова не е само акција за чистење, туку и едукативен момент за учениците, кои учат колку е важно да ја зачуваме природата. Среќен сум што сите активно се вклучија и ја поддржаа оваа иницијатива“, изјави Герасимовски.
Тој најави дека ваквите акции ќе продолжат и во наредниот период, со цел создавање почиста и поуредена средина за сите жители на Општина Центар.
Акцијата „Центар не чека, Центар чисти“ продолжува и во следните недели, а сите граѓани можат да пријават смет и диви депонии на телефонските броеви: 076/350-767 и 02/3203-693.