Македонија
И две девојки се пријавиле за учество на Илинденскиот марш
Истекува рокот за пријавување коњаници за учество на традиционалниот Илинденски марш, кој оваа година се одржува јубилејно по 40-ти пат. Подготовките за маршот ќе почнат наредниот викенд покрај кејот на реката Вардар, а досега се пријавени 20 коњаници, меѓу кои и две девојки.
На маршот, кој на 27 јули ќе стартува од Општина Аеродром, ќе се приклучат и коњаници од: Маврово и Горна Река, Чичево, Демир Хисар, Свети Николе и пешадија од Охрид, а традиционално ќе заврши на 2 август во Крушево. Организатор на традиционалната манифестација е Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, а Општина Аеродром и оваа година финансиски го поддржува настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на жртвите во пожарот во „Пулс“ маршираа барајќи правда за починатите деца
По 45. пат денеска во Кочани родителите на жртвите во пожарот во „Пулс“ маршираа барајќи правда и вистина за своите блиски. Од овој марш кој започна во 18:05 часот од Паркотна Револуцијата беше упатено прашање до институциите дали секој што имал должност ја извршувал совесно, професионално и во рамките на своите овластувања.
-Со секоја должност доаѓаат обврски. Со секое овластување – одговорност. Со секоја униформа – очекувања дека ќе се постапува професионално, навремено и еднакво кон сите. Никој не спори дека спасувањето е човечка должност. Но оваа постапка не се води за тоа што се случувало откако пожарот веќе започнал. Прашањето е дали секој што имал службени обврски и законски овластувања – ги извршувал така како што се очекува од институција, рече од пред зградата на Полициската станица во Кочани, Розета Џамова, сестра на починато момче.
– Во судница слушавме расправа за минути. Дали било 2 : 22 или 2 : 23. Кој кому се јавил. Колку пати. Кој дал усна наредба. Кој не потпишал писмена. И во еден момент остана впечаток дека најголемата трагедија не е што 63 луѓе не се вратиле дома. Туку што часовникот не бил прецизен, нагласи Џамова.
Според неа и родителите прашањето не е што се правело откако почнал пожарот, туку дали било направено се што било должност да се направи за до него воопшто да не дојде.
Александар Наунов, претседател на ЗГ „16 март 2025 Кочани“, од пред Судот во Кочани изјави дека никој не бара пресуда без докази, ниту некој бара улицата да суди.
-Но, ако обемноста на доказите е проблем, тогаш прашањето не е зошто ги има толку. Прашањето е – како толку години системот преминувал преку толку неправилности и проблеми, рече Наунов.
Денеска на 45. Марш за ангелите во Кочани присутни беа претставници на Сојузот на борците од НОБ од Скопје во знак на поддршка на родителите на починатите. После маршот заминаа да насадат млади садници кај спортската сала на ОУ „Никола Карев“ што го носи името „Кочански Ангели“.
Македонија
Меџити: Над 59,8 милиони денари инвестиција за модерна инфраструктура во Саат Кула
Се финализира еден од најзначајните инфраструктурни проекти во населбата Саат Кула, кој опфаќа реконструкција на водоводната мрежа, фекалната и атмосферската канализација.
Со оваа инвестиција ќе се обезбеди поквалитетно водоснабдување, пофункционален канализациски систем и подобри услови за живот на жителите од ова населено место.
-Инвестираме во основната инфраструктура која директно влијае врз квалитетот на животот на граѓаните. Со инвестиција од над 59,8 милиони денари создаваме современи и поефикасни услови за жителите на Саат Кула- изјави градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Работите на водоводната мрежа се во завршна фаза, а во наредниот период ќе следува асфалтирање на улиците каде што се реализирани инфраструктурните зафати.
Македонија
(Фотогалерија) 12 нови детски песни премиерно изведени денес на првиот фестивал „Киселко“ во Кисела Вода
Во преполната сала на Домот на култура „Билјана Беличанец“ денес се одржа првиот детски фестивал „Киселко“, во организација на Општина Кисела Вода. На фестивалот премиерно беа изведени 12 нови детски песни.
Покрај соло изведувачите, на сцената настапи и сопственото хорче на „Киселко“, додека за кореографијата беа задолжени членовите на балетското студио „Данса Латина“.
Учесниците на фестивалот беа избрани преку процес на аудиции кои се спроведоа во основните училишта на територија на општината, а изборот го вршеа наставниците по музичко воспитување. Сите 12 авторски песни беа целосно бесплатни за учесниците, со што Општина Кисела Вода ги ослободи родителите од какви било финансиски трошоци за нивното учество.
„Сакавме да им обезбедиме соодветен простор на најмладите да го покажат својот музички талент, бидејќи инвестирањето во детската креативност е највредното вложување во нивниот правилен развој. Истовремено, ни беше важно ова искуство да не претставува финансиски товар за семејствата, па затоа сите песни за малите изведувачи се целосно бесплатни. Посакувам „Киселко“ да биде почеток на една нова традиција за децата во Кисела Вода“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Целосната реализација на фестивалот се направи во соработка со „Стробери Груп“, продукција која е специјализирана за детски и младински телевизиски проекти и настани.

