Македонија
Почнува попишувањето на иселениците, дипломатите, затворениците и бездомниците

Од денеска почнува првата фаза на пописот, со која ќе бидат опфатени дијаспората, армијата, дипломатските претставништва, бездомниците и затворениците. Попишувањето на дијаспората ќе трае до 21 април.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, изјави дека целта на попишувањето на иселениците, покрај собирањето податоци, е да ги потсети дека, иако се иселиле, тие се дел од земјата од која потекнуваат. Симовски најави дека процесот ќе се одвива преку интернет-апликација достапна исклучиво од странство. Нејзиното користење, како што истакна Симовски, е едноставно.
„Процесот на самопопишување ќе се спроведува преку веб-апликација, која е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на Република Северна Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата имејл-адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен“, истакна директорот Симовски.
Според премиерот Зоран Заев, пописот е најважната и најголемата статистичка операција со која ќе се обезбедат податоци за креирање ефикасни јавни политики во државата.
„Процесот на преговорите со ЕУ почнува и со пописот, кој е од особена важност и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ бидејќи токму поглавјето Статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите. Со учеството во пописот секој граѓанин ќе даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Тоа е наше задолжение, наша обврска кон државата, кон нас самите и кон нашите деца“, рече Заев.
Од друга страна, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, вчера истакна дека власта не е подготвена за да го спроведе пописот. Посочи дека во време на пандемија и без вакцини власта на мускули турка попис и го загрозува здравјето на граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ отвори една граѓанска иницијатива за собирање потписи и последната информација е дека се собрани 100 илјади потписи. Тие се потписи против нерегуларен попис. Сите сме за да има статистички попис, но тоа не да биде политичка операција, во која владините функционери ќе се наддаваат со проценти“, рече Милошоски.
Националниот блок „Не отворам врата“ ги повика граѓаните да не ги пуштаат попишувачите дома бидејќи сметаат дека пописот ќе биде фалсификуван и е веќе договорен меѓу Заев и Ахмети.
Од друга страна, вицепремиерот, Артан Груби, на „Фејсбук“ ги повика иселениците Албанци да се мобилизираат и да се самопопишат во што поголем број.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлог-законот за Шара влегува во собраниска процедура

Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк денеска влезе во собраниска постапка.
„Со задоволство сакам да ја информирам јавноста дека Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк, го помина првото читање во матичната комисија во Парламентот со голема едногласна поддршка од пратениците со 10 гласа за и без гласови против. Се надевам дека собраниската расправа ќе продолжи да тече конструктивно со цел што поскоро донесување на Законот кој ќе обезбеди заштита на уникатниот биодиверзитет, но и поквалитетен живот за локалното население и одржлив социо-економски развој и на подрачјето и на државата во целина“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд

Времето утре ќе биде умерено до значително облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта почнувајќи од југозапад ќе има врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, во горниот тек на Повардарието северен, а во јужните делови источен и југоисточен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната од 11 до 17 степени.
Во Скопје умерено до значително облачно со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне 15 степени.
Под влијание на влажна воздушна маса од утре кон крајот на денот и во наредните денови следува период на пооблачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Најоблачно и најврнежливо ќе биде в сабота и в понеделник, кога на места врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи.
Македонија
МВР: Проблемот со двојните матични броеви почнал во 1981 година

Министерството за внатрешни работи во врска со денешниот брифинг за медиуми на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на кој кажа дека илјадници луѓе се заведени во Избирачкиот список со два матични броја информира дека ваквата појава почнала во 1981 година.
Од МВР уверуваат дека по откривањето на грешката, веднаш е пристапено кон поништување на овие матични броеви и таа постапка веќе подолг период е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени.
„Ваквата појава започнала во 1981 година, кога во Република Северна Македонија е воведено електронско определување и евиденција на матичните броеви. Постапката за поништување на матичните броеви трае веќе подолг период и е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени. Изјавата дека во Република Северна Македонија има 20.000 дупли матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги предвид евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи“, се наведува во реакцијата.
Од МВР појаснуваат дека определувањето и запишувањето на матичниот број почнало на 1.1. 1981 година и требало да заврши на 31.12.1985 година. Во овој временски период, велат од МВР, направени се грешки при определувањето и запишувањето на матичните броеви, што довело до определување на дупли матични броеви за едно исто лице.
Покрај ова, дупли матични броеви се определувале и подоцна како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени од УВМК, како и технички пропусти на постоечкиот Систем за автоматска обработка на податоците.
„Заради целосно и навремено ажурирање на матичните броеви, Одделот за граѓански работи, Секторот за управно надзорни работи, Одделението за државјанство, граѓански состојби и матичен број се вклучи во овој процес во делот на утврдувањето на дуплите матични броеви, изготвува списоци со податоци и ги доставува до ОУР Скопје за понатамошна постапка за проверка во матичната евиденција и нивно поништување. Досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година. Од 1930 година до 1954 година постапката за проверка на овие матични броеви е во тек и во овој период од направена анализа има помал број на вакви матични броеви“, се наведува во реакцијата.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија2 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш