Македонија
Почнува судењето за „Рекет“ – Јовановски, Јанева и Кичеец ќе седнат на обвинителната клупа
Денеска во 10 часот почнува судењето за случајот „Рекет“. Бојан Јовановски – Боки 13, ексшефицата на СЈО Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец ќе седнат на обвинителна клупа во скопскиот кривичен суд.
Јовановски ќе биде спроведен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, додека Јанева и Милески ќе бидат донесени од нивните живеалишта во Скопје каде што издржуваат куќен притвор.
Тројцата треба да се произнесат во однос на обвинението за „Рекет“ – неизвесно е дали тие ќе ја признаат вината или ќе го отфрлат обвинителниот акт на тимот од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, предводен од шефицата Вилма Русковска. Агендата за судскиот процес е набиена и веќе се закажани четириесетина рочишта во наредните три месеци.
Случајот „Рекет“ се отвори во јули годинава, кога Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец беа уапсени и завршија во притвор, а на Милески подоцна му беше определен куќен притвор.
Во август беше уапсена и Катица Јанева, под сомнеж дека таа прибавила значителна имотна корист за да му ја олесни состојбата на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во случајот „Империја“. Поради влошена здравствена состојба, и Јовановски и Јанева во последниве месеци често завршуваа во болница, сè додека минатиот месец скопска Апелација не ѝ го замени притворот на Јанева со домашен, одлука која предизвика жестоки реакции во јавноста, но и отворен судир меѓу Обвинителството и судот.
Случајот „Рекет“ се отвори откако бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“ на СЈО, пријавил дека Јовановски и Милески му барале рекет, а тој им дал 1,5 милиони евра – пари со кои наводно ексшефицата на СЈО Катица Јанева требало да ја олесни неговата положба за случајот за кој тој е осомничен – притворот да му го замени со домашен, да му го врати пасошот и, конечно, да му донесе слобода.
За ова, во јавноста беа прикажани видеоснимки на кои се гледа како двоецот Јовановски – Милески ги земаат парите во скапа чанта „Луј Витон“ од домот на Камчев. На снимките што ги објави италијанскиот весник „Ла верита“ можеше и да се чуе и како Јанева вклучена на звучник од телефон разговара со осомничениот бизнисмен Камчев и го убедува дека „сè ќе биде во ред“.
Истрагата за случајот „Рекет“ во меѓувреме се прошири и кон невладината организација на Јовановски – „Меѓународен сојуз“ и нејзиното финансиско работење. На површина испливаа уплатите на бизнисмените Силјан Мицевски од 726 илјади евра и Ардија Амозоски од 260 илјади евра, пари кои наводно со измама биле изнудени за проект за изградба на старечки домови, кој никогаш не бил реализиран. Во оваа истрага меѓу осомничените повторно е Бојан Јовановски како претседател на сојузот, неговиот татко Миле Јовановски, заменик-претседателката на сојузот Јасна Мандиќ, но и потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, на која ѝ беа изречени мерки на претпазливост, а партијата времено ја исклучи од функциите додека да заврши процесот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.

