Македонија
Почувствувана серија земјотреси во преспанското епицентрално подрачје
Во изминатото деноноќие телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија на сеизмолошките станици инсталирани на нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, на 12.1.2024 година регистрира серија земјотреси, кои потекнуваат од епицентралното подрачје Преспа, од кои три се почуствувани од страна на граѓаните, извести Сеизмолошка опсерваторија во Скопје.
Првиот земјотрес од оваа серија беше регистриран во 00.32 часот, чиј епицентар се наоѓа 120 km јужно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML 3,8 и интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала. Освен вознемиреност кај граѓаните, според првичните податоци, материјални штети не се пријавени.
Вториот земјотрес се случи во 1.31 часот, чиј епицентар се наоѓа 124 km југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML 3,3, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, а третиот земjотрес е во 1.33 часот, чиј епицентар се наоѓа на 123 km југозапдно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML 2,4 и интензитет II-III степени според Европската макросеизмичка скала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Тој што ги пишува соопштенијата на Град Скопје нема завршено основно училиште
Не знаеме кој ги пишува соопштенијата во име на Град Скопје, дали е Левица, дали е ДУИ или СДС, но кој и да е знаеме дека или нема завршено основно училиште или се наоѓа во посебна состојба, затоа што самите дописи изобилуваат со уличарски и непристоен речник, несвојствен за „менаџерка” како Данела Арсовска, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, тука не станува збор за лаги, манипулации, туку за почитување на сопствениот календар за поднесување на предлог буџет.
„Не знаеме каде заглавил буџетот, во канцеларијата на еден сметководител во Ѓорче, или кај блиски роднина на Арсовска, или во нечиј штаб близок до Арсовска, но знаеме дека предлог буџет нема. Во прилог документот дека е пробиен рокот за поднесување на буџетот“, посочуваат од партијата.
Македонија
СДСМ за „Адитив“: Бараме брза, транспарентна и темелна истрага, институциите да постапат без селективност
СДСМ соопшти дека го поддржува секој чекор насочен кон расчистување на евентуални злоупотреби на јавните ресурси и потенцијалната корупција, по обелоденувањето на случајот „Адитив“, пришто ексдикректори од редовите на партијата се сомничат за криминални активности.
Од СДСМ велат дека одговорноста и транспарентноста се темелите врз кои ја градaт довербата на граѓаните во институциите и никој не смее да биде над законот.
„Бараме од институциите брза, транспарентна и темелна истрага која ќе ја утврди вистината. Доколку постои вина, истата треба да се санкционира во согласност со законите. Ги повикуваме Министерството за внатрешни работи, Обвинителството и сите релевантни институции да постапуваат професионално и без селективност“, се вели во реакцијата.
СДСМ додава останува доследен на принципите на транспарентно и одговорно владеење, поттикнување на борбата против корупцијата и градење институции кои работат во интерес на граѓаните.
Македонија
Притвор за Васко Стефанов и уште седум лица, за Ковачевски кој не е во земјава судот определи мерки на претпазливост
Кривичниот суд донесе решенија со кои на осум лица им е определен притвор, во врска со полициската акција „Адитив“.
Меѓу осумте е и едниот од поранешните директори на ЕСМ, Васко Стефанов, додека за неговиот претходник, Васко Ковачевски, кој не е достапен за органите на прогонот и е на непозната дестинација, судот определи мерки на претпазливост.
Од Судот информираа: „За осомничените : В.С., П.С., М.С., М.Ј., Д.С., Н.С., Р.С. и П.М. судот го прифати предлогот на Основниот јавен обвинител и им определи мерки притвор во траење од 30 дена, заради постоење на опасност од бегство, влијание врз сведоци и околности дека може да го повтори делото“.
За осомничениот М.С. , имајќи ја предвид неговата возраст и преземените дејствија, судот му определи мерка куќен притвор.
За осомничените: Д.С., С.М., П.Ч., Д.С., А.М., З.Н., З.А., С.М., М.В., Д.Ч., В.М., Н.Н. и С.К., судот го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост односно одземање на патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот, забрана за одржување и воспоставување контакти, како и т.7 за одредени лица односно Забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело
„Што се однесува до осомничениот В.К. кој, до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот Јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост, односно одземање на патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако истиот ќе биде обезбеден од органите на прогон“, велат од Кривичниот суд.
Од тука појаснуваат во интерес на јавноста дека согласно Законските одредби судија на претходна постапка не може да определи построги мерки за обезбедување присуство од мерките кои ги предлага Јавниот обвинител.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Претходно денес, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека полицијата ќе стори сè што е рамките на нејзините надлежности Ковачевски да биде изведен пред лицето на правдата.
Во врска со акцијата, Тошковски рече дека се работи за луѓе на коишто им биле доверени високи државни функции од една страна, а од друга страна тие преку ноќ формирале фирми без вработени.
„Претходно се занимавале со продажба на канцелариски материјали, а наеднаш стануваат фирми што тргуваат со ваков тип адитиви и заработуваат милионски суми пари. Има и голем број докази дека она што е плаќано е најмалку трипати повеќе од реалната цена“, рече Тошковски.
Од Обвинителството соопштија дека дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл. 273 од Кривичниот законик.
Шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, претходно брифираше дека поранешниот директор на ЕСМ и член на СДСМ, Васко Ковачевски не е дел од организираната група во која осомничените местеле тендери на свои блиски фирми и го оштетиле буџетот за 6,5 милиони евра.