Македонија
Пошумени два хектара со 4.000 садници во Коњаре
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Јавното претпријатие „Македонски шуми“ денеска изврши пошумување во Коњаре во согласност со планот на Владата за чист воздух.
„Со овие активности придонесуваме за здрава животна средина, што е најбитно за квалитетен живот на граѓаните на Република Северна Македонија. Во наредниот период носиме низа мерки и политики преку кои ќе дадеме силна поддршка на секторот шумарство“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
На површина од 2 хектара се засадија 4.000 садници од багрем, даб, јасен и аризонски кипарис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Савески со директорот на Финансиската полиција: борбата против финансискиот криминал и корупцијата во фокусот
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески на денешната средба со директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски разговараше за зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка во борбата против финансискиот криминал и корупцијата.
На средбата ги разгледаа можностите за унапредување на координацијата и размената на информации помеѓу Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство, со цел поефикасно откривање и сузбивање на кривичните дела од областа на финансискиот криминал со посебен акцент на спроведувањето на финансиските истраги.
Македонија
Прифатена парична гаранција од 55.000 евра: Стефан Богоев излезе од притвор
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на осомничениот С.Б. и ја прифати понудената гаранција, со што му е укината мерката притвор што претходно му беше определена, се истакнува во официјалното соопштение.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со предлог гаранција на осомничениот С.Б., изјавена против решение на судија на претходна постапка од 04.06.2026 година со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, донесе решение со кое ЈА УВАЖИ жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот“.
Определената гаранција, како што се наведува во соопштеното, се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност во корист на РС Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката.
„Дополнително спрема обвинетиот се определуваат и мерки на претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 од ЗКП односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.
Доколку осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство“.
Македонија
„Вреди“ до ДУИ: Зошто толкава грижа за српскиот јазик во Куманово, а за проблемите на Албанците секогаш имаше пречки и доцнења
Лицемерието во оваа држава има име и презиме. Тоа се вика ДУИ, велат од „Вреди“.
„Оние што најгласно зборуваат за албанството се токму тие што, кога ја имаа целата власт во свои раце, ги оставија Албанците во најлоша состојба, додека себеси се вдомија со функции, тендери и полни џебови.
Затоа, пред повторно да ни продаваат лажен патриотизам, добро е да го отвориме нивниот архив.
А кога ќе се отвори нивниот архив, излегуваат работи што јавноста треба да ги знае“.
Токму оваа партија, која денес од опозиција зборува за албанските права, на врвот на својата власт, на 4 мај 2010 година, овозможила, додаваат од „Вреди“ српскиот јазик да влезе во службена употреба во Општина Куманово, иако Србите, како што велат, сочинуваат околу 6,5 проценти од населението.
„Еве го документот.
Црно на бело. Ова е вистинското лице на ДУИ.
Значи, кога требало да се официјализира српскиот јазик во Куманово, имале желба, гласови и волја. Но кога требало да се решаваат проблемите на Албанците, секогаш имало одложувања и опструкции.
По овој документ, природно се поставуваат неколку прашања.
Зошто толкава грижа за српскиот јазик во Куманово, а за проблемите на Албанците секогаш имаше пречки и доцнења?
Зошто немаа истата волја за правосудниот испит на албански јазик и за правичната и соодветна застапеност“.
Повеќе од 20 години по ред, според „Вреди“, многу прашања на Албанците ги оставаа недовршени, со логиката „помини и продолжи“.
„Вреди“, потенцираат од оваа партија, не е против официјализирање на кој било јазик, но е против политичкото лицемерие.
„ДУИ зборува за Албанците кога е во опозиција. „Вреди“ работи за Албанците кога е на одговорност.
Тоа е разликата што ниту една нивна пропаганда не може да ја прикрие“.
