Македонија
По пет месеци препораки: укинат ковид-тестот пред операции за кој пациентите најчесто плаќаа од свој џеб

„Мој термин“ ги укина пунктовите за тестирање за Ковид-19 во Скопје и матичните лекари ги извести дека од понеделник ПЦР тест ќе се прави само во просториите на Центар за јавно здравје. За тестирањето е неопходен упат од матичен лекар, а право на бесплатен тест имаат само пациенти сомнителни на Ковид – 19. Досега матичните лекари издаваа упати и за лица кои не се сомнителни за Ковид – 19, но потребен им е негативен резултат од ковид – тест поради операции или различни интервенции. Од понеделник такви пациенти нема да добиваат упати, а од Комисијата за заразни болести велат дека во никој случај пациентите не треба да издвојат пари од свој џеб за да се тестираат.
„Веќе пет месеци препорачуваме да не се бара тестирање пред операции, а последната одлука на ’Мој термин’ во никој случај не значи дека пациентите отсега ќе треба сами да плаќаат за тестирањето. Напротив, ние како Комисија за заразни болести препорачавме дека таков тест не е неопходен и оставивме можност оние кои сепак ќе инсистираат на тестирање, тоа да го направат со брзи тестови, во самата институција во која се прави интервенцијата. На сите им беа поделени по 500 брзи тестови за да се скрати постапката пред интервенциите и да им се олесни на пациентите. Оваа одлука на ’Мој термин’ се повикува на истата препорака од пред пет месеци, нова не сме донеле“, вели Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести за „Макфакс“.
Пациентите со закажани операции, досега најчесто плаќаа за тестирањето за Ковид – 19, и покрај тоа што матичните лекари можеа да им издадат упати и тестот да го направат на државен трошок. За да го избегнат тешкото усогласување на термините за тестирање со терминот за операција, најчесто одлучуваа да платат за ПРЦ-тестот оти тестирањето во приватните лаборатории не се закажува и резултат го добиваа истиот ден.
Според последната објава на Институтот за јавно здравје, бројот на тестирани лица за Ковид – 19 за периодот од 13 до 19 февруари, бележи мал пораст во споредба со претходната недела. Од 13 до 19 февруари тестирани биле 2511 лица од кои 119 биле позитивни на коронавирусот. Во истиот период пријавени се две починати лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев го откажа учеството на лидерската средба: Треба да биде ден на жалост, а не лидерска за датум за избори

Утре треба да биде ден на жалост заради двојното убиство, а не на лидерска за датум за избори, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Тој го откажа своето учество на планираната средба.
„Апелирам до премиерот истата (средбата) да се помести за посоодветен тајминг, после расчистувањето – преку парламентарна надзорна расправа – на сите неразјаснети прашања поврзани со пропустите на МВР и ОЈО изминативе денови (за време на самитот на ОБСЕ)“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Македонија
Taткото на Вања во полициска станица, досега не е побаран притвор

Таткото на 14-годишната, Вања Ѓорчевска, по која се трагаше цела недела, а чиешто тело беше најдено денеска, се’ уште е во полициска станица во рамки на истрагата, информираат од Обвинителството.
Од ОЈО велат дека досега не е побаран притвор за него.
Претходно Обвинителството и МВР објавија дека девојчето било убиено неполни три часа по исчезнувањето во понеделникот, а осомничени се пет лица, од кои за три се бара притвор, едно е во странство и уште едно во станица. Тие се осомничени и за убиство на 74-годишен велешанец, Панче Жежовски, по кој се трагаше од 24 ноември, а чиешто тело било пронајдено во Велес, додека неговиот опожарен автомобил беше најден пред неколку дена во Скопско.
Мотив за убиствата, според Обвинителството е користољубие, а неофицијалните информации сугерираат дека тоа подразбира изнуда на пари, и во двата случаи. Деталите ќе бидат образложени утре, на прес конференција.
Македонија
Во „Песталоци“ ќе биде отворена книга на жалост, психолози ќе комуницираат со соучениците на Вања

Утре од 9 часот, на службениот влез на училиштето Јохан Хајнрих – Песталоци ќе биде отворена книга на жалост.
Општина Центар ги повика блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат.
Во моментот, менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.
Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразуваат најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.
„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединетив во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека и е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објави општина Центар.