Контакт

Македонија

Православните верници го слават Божик

Објавено пред

Денеска е Рождество Христово – Божик. Именден празнуваат Христо, Христина, Божин, Божица, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка…

Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.

Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем бидејќи биле од родот Давидов. Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите.

Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли“. Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2/14) Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот.

Значи, покрај Богородица и Јосиф, на Богомладенецот први му се поклонија пастирите. Токму ним ангелот Господов им ја соопшти веста дека се роди Спасителот на светот. Пастирите не беа повластени први да ја чујат таа вест затоа што беа најблиску до Витлеемската пештера.

„Според светите отци, тоа се случи поради многу причини.Прво, поради чистотата на пастирите стекната преку нивнотоотшелништво и тихување. Второ, затоа што пастирите беа подражаватели и следбеници на живеењето и на добродетелите на старозаветните патријарси. Значи, пастирите не беа случајни личности. Трето, за да се покаже дека Христос е вистинскиот пастир на израелскиот и на многубожечкиот народ. Четврто, за да се објави јасно дека Христос ги избра најпростите по срце и најприемчивите за да го примат ова откровение, а не лукавите книжици и фарисеи. Сето ова го покажува начинот што може секој да го употреби за да ја доживее тајната на Откровението.“

Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на коишто за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото којашто и ги довела до пештерата движејќи се пред нив кога тие оделе и којашто стоела кога тие одморале. „И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна.“ (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во исто време човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото). Значи, пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата.

Зошто меѓу првите Исус го видоа и мудреците? „Всушност, Бог нив им се откри, нешто што не се случи со книжниците и со фарисеите, кои го сочинуваа религискиот институт во тоа време. Мудреците не беа астролози, какви што ги знаеме денес, туку астрономи, кои ги гледаа небесните ѕвезди и нивните движења. Во тоа време астрологијата се сметала за наука. Денес, кога науката на астрономијата се оддлечи од астрологијата која е поврзана со метафизиката и со сатанизмот, последнава (астрологијата) е отфрлена од православната вера. Мудреците го препознаа Христа и му се поклонија преку познанието на умот. Преку телесните очи гледаа едно бебе, но преку видот на умот го гледаа вочовечениот Бог. Така мудреците се наоѓа во соодветна духовна состојба за да Го видат и да Му се поклонат на Бога. Тоа не беше работа на наука, туку на внатрешна умна чистота.“

И ѕвездата што ги водела мудреците по многу нешто била необична. „Прво ѕвездата не беше само во движење, туку и стоеше. Кога одеа мудреците, таа се движеше, кога тие застануваа, застануваше и таа. Второ, ѕвездата се движеше пониско од другите ѕвезди, а кога мудреците стигнаа до местото каде што се наоѓаше Христос, се спушти и застана над пештерата. Трето, ѕвездата имаше толкава блескавост, така што ја надминуваше блескавоста на другите ѕвезди (свети Никодим Агиорит). Освен тоа ѕвездата на мудреците се движеше чудно, т.е. од исток кон запад, а на крајот се движеше од Ерусаллим кон Витлеем, т.е. кон југ. И уште, како што вели свети Јован Златоуст, се гледаше и дење, додека сите други ѕвезди не се гледаат од светлината на Сонцето. Според тоа таа блескава ѕвезда беше ангел Господов, а како што вели Јосиф Вриениј таа беше архангелот Гавриил, кој, впрочем беше служител на големата тајна на вочовечувањето на синот и Логосот Божји“.

Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање (крштевањето). Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 6 јануари (19 според новиот календар) Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.

По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на 25 декември (7 јануари според новиот календар). Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.

Во народното верување со Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, Караконџерови денови, а некои ги викаат и Ристосови денови, што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици, кога Исус не бил крстен и Богородица била леунка, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.

Со Божик е поврзана и пословицата: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си“ што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни веавици, но и со други опасности, сепак, најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
Обичаите и песните што се изведуват и пеат на Божик, всушност, претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. И овие песни ги имаат сите одлики на коледарските песни, радост поради повторното раѓање на Сонцето, желба за плодна година. Сепак, во однос на претходните коледарски песни, особено оние што се пеат покрај коледарскиот оган и во кои доминират еротски содржини, во песните што се пеат на Божик има повеќе елементи од Христијанската религија.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

Без струја делови на Карпош, Ѓорче Петров и Кисела Вода

Објавено пред

Од „ЕВН Македонија“ АД информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат:

– од 12.30 до 15 часот корисниците од улицата Никола Парапунов, зграда бр. 3, со дуќаните (општина Карпош);

– од 9 до 11.30 часот корисниците од дел од улиците Македонска преродба, Борис Сарафов, Апостол Петков и Ѓорѓи Казепов (општина Ѓорче Петров);

– од 8.30 до 14 часот корисниците од улиците Ефтим Спространов и Трајко Иванов во 11 Октомври (општина Кисела Вода).

Прикажи повеќе...

Македонија

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема намера да поддржи онлајн-седници во Собранието

Објавено пред

Одржувањето онлајн-седници во Собранието е спротивно на Уставот и ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи такво решение, истакна партискиот претседател Христијан Мицкоски.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи онлајн-седници на Собранието. Тоа е спротивно на Уставот и ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи кршење на Уставот. Во случај кога имаме формирано Влада, во случај кога имаме владино мнозинство, тие се должни да обезбедат кворум за работа од вкупниот број пратеници. Во случајот тоа е 61 и во ваков случај тие треба да обезбедат функционалност на законодавниот дом, а не да бараат начин како да ја заобиколат таа функционалност. Така што во случајот јасно и гласно кажувам дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го крши Уставот и ВМРО-ДПМНЕ нема намера да поддржи онлајн-седници во Собранието“, објасни Мицкоски.

Во врска со изборниот процес за престојните избори во градот Штип, Мицкоски порача дека доколку ВМРО-ДПМНЕ почувствува дека на каков било начин демократијата во изборниот процес се изолира, тогаш ВМРО-ДПМНЕ сигурно нема вторпат да учествува во изборни лакрдии, односно нема да им даде легитимитет на таквите избори.

Прикажи повеќе...

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи надзорна расправа за работата на Лидија Димова

Објавено пред

По завршување на дебатата поврзана со ребалансот, ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи надзорна расправа за работата на Лидија Димова во Националната агенција.

Ова го истакна првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашања на граѓаните во живо на „Фејсбук“. Тој рече дека Димова е зрела за кривична одговорност пред законите за злоупотребите во Националната агенција.

„Јас би рекол дека Лидија Димова не е зрела за оставка, туку е зрела за кривична одговорност и пријава поради злоупотреба на службената должност. Ценам дека од Лидија Димова, со сите оние злоупотреби што ги направи во Агенцијата, не треба да се бара оставка, туку веднаш детаљна истрага од страна на Обвинителството за начинот на кој се делеле тие средства и дали ги оправдале целта и намената за која биле трошени“, потенцира Мицкоски.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија14 часа

Во Скопје 2.674 активни случаи на коронавирус, најмногу во Аеродром, Карпош и во Центар

Во Скопје во моментот има 2.674 активни случаи на коронавирус од вкупно 5.550 во целата држава. Најмногу активни случаи во...

Свет15 часа

Студија: повеќе од половина од луѓето што прележале Ковид-19 чувствуваат симптоми и по неколку месеци

Повеќе од половина од луѓето што биле отпуштени од болница по заболувањето од Ковид-19, чувствуваат симптоми, како што се отежнато...

Македонија17 часа

Дванaесет починати и 161 нов случај на коронавирус во Македонија

Дванaесет лица починаа, а потврден е 161 нов случај на коронавирус во земјата во последните 24 часа, соопшти Министерството за...

Македонија18 часа

Кумот на Груевски во притвор поради плацовите на Водно

Кривичниот суд во Скопје му изрече 30 дена притвор на Ристо Новачевски, кој се товари за сторено кривично дело перење...

Македонија18 часа

Филипче: Ситуацијата е навистина сериозна, следен чекор би бил полициски час

Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека утре до Владата ќе биде предложен дополнителниот сет мерки за превенција од коронавирусот....

Свет18 часа

Европската агенција за лекови ќе ги разгледа резултатите од студијата на СЗО за лекот ремдесивир

Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе ги разгледа резултатите од студијата на Светската здравствена организација (СЗО) за антивирусниот ремдесивир, што...

Македонија18 часа

(Видео) Пендаровски: Научните аргументи и вистината за јазикот се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Овогодишниот...

Топ19 часа

Инспекторите растурија свадба во Глумово со 250 гости, следи кривична пријава

Инспекторите откриле уште еден случај на масовно непочитување на мерките против коронавирус во околината на Скопје. Синоќа во периодот од...

Македонија19 часа

Од отворањето на градинките, од корoнавирус заболеле 18 деца и 55 вработени

Од отворањето на градинките на 9 септември досега од коронавирус заболеле 18 деца и 55 вработени, информира министерката за труд...

Македонија21 час

Приведен кумот на поранешниот премиер Никола Груевски, за плацевите на Водно

По наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција, полицијата утрово го приведе Ристо Новачевски, кум на Никола Груевски, а...

Свет22 часа

(Видео) Запалени две цркви на протестите во Чиле

Најмалку две цркви се запалени во главниот град на Чиле, а илјадници луѓе се собраа на улиците на првата годишнина...

Европа22 часа

(Видео) „Фајзер“ произведе стотици илјади дози вакцина против Ковид-19

Фармацевтската компанија „Фајзер“ објави видео кое покажува дека веќе има произведено стотици илјади дози вакцина против коронавирус во својата белгиска...

Свет23 часа

Научниците предупредуваат: Заразата со коронавирус на отворено не е невозможна, но е ретка

И покрај тоа што речиси целиот документиран пренос на коронавирус се случил во затворен простор, експертите велат дека е оправдано...

Свет23 часа

Европа ги надмина сите рекорди – многу земји воведуваат построги мерки

Европа, соочена со вториот бран на пандемијата, го премина прагот на 250.000 смртни случаи од коронавирус. За една недела се...

Свет24 часа

(Видео) Се качил на кулата на Трамп во Чикаго и барал да разговара со претседателот

Неидентификуван маж се качил на кулата на Трамп во Чикаго, барајќи да разговара со претседателот на САД и медиумите. Мажот,...

Македонија1 ден

Ковид-19 го прележале над 17 илјади лица во земјава

Од Ковид-19 досега оздравеле 17.239 лица во земјава, покажуваат податоците на Министерството за здравство. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во земјава...

Регион1 ден

Полициски час во неколку црногорски градови

Здравствените власти во Црна Гора одлучија да воведат ограничувачки мерки во пет града во црвената зона според бројот на лица...

Европа1 ден

(Видео) Илјадници Французи излегоа на улиците поради убиството на наставникот

Илјадници луѓе излегоа на улиците на Франција во знак на поддршка на наставниците и со цел да ја одбранат слободата...

Европа2 дена

Стотици демонстранти ја нападнаа полицијата во Прага

Чешката полиција употреби солзавец и водени топови за да растера стотици демонстранти во Прага кои ги нападнаа полицајците по протестот....

Регион2 дена

Црногорските медиуми за Амфилохие: Привилегиран e, го лечат со „ремдесивир“

Митрополитот Амфилохие, кој се зарази со коронавирусот, доби лек „ремдесивир“, кој, според порталот ЦдМ, е недостапен за другите пациенти во...

Досие