Македонија
Пратеникот Апасиев со нова кривична пријава му ја честита Нова година на спикерот Џафери, извести Левицата
Пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, во текот на денешниот ден, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе нова кривична пријава, осма по ред, против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, заради основано сомневање дека сторил кривично дело „Повреда на рамноправноста на граѓаните“ – казниво по чл. 137 од Кривичниот законик, со запретена затворска казна од шест месеци до пет години.
„Пријавениот Џафери се терети дека со тенденциозното чување во фиока и непроцесуирањето на Предлогот за поведување граѓанска постапка на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум (2022) за заклучоците од т.н. Француски предлог, грубо ја повредил еднаквоста пред Уставот и законите на овластениот предлагач, и ги пречекорил своите овластувања – ставајќи се себеси во улога на собранискиот пленум, кој единствено (на седница) има надлежност да оценува дали една иницијатива е уредна или не!“, велат од партијата Левица.
„Со тоа, подносителот Апасиев бил целосно оневозможен во остварувањето на неговите уставно и законски загарантирани права и слободи, што е потврдено и со стручно Мислење на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (2023) – која веќе утврди „директна дискриминација врз основа на политичко уверување“ врз оштетениот Апасиев, кој сега се јавува во улога на пријавител.
Како поткрепа на кривичната пријава, доставени се и серија материјални писмени докази, од кои се гледа дека во тридецениската плуралистичка парламентарна историја – никогаш се нема случено собраниски спикер да ја оценува уредноста на референдумски иницијативи и да ги узурпира ингеренциите на Собранието, па така – сите досегашни иницијативи на граѓаните, кои се околу 20-на на број, се уредно проследени до матичните работни тела и до пленумот – освен иницијативата на Апасиев!
Ја известуваме македонската јавност дека, до завршувањето на мандатот на овој најконтроверзен претседател на Собранието на независна Македонија, правниот тим на Левица ќе поднесе уште најмалку две кривични пријави за различни кривични дела против службената положба и овластување, а нивното процесуирање ќе биде услов на Партијата за учество во било која идна Влада на Република Македонија“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ спроведе засилени контоли кај операторите со храна во близина на училиштата
Во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во последните десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна, додека 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи беа запленети и уништени, соопшти АХВ.
Контролите биле насочени особено кон објектите во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде учениците најчесто купуваат храна.
Инспекциските проверки откриле дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдиле незадоволителни хигиенски услови, а од вкупно контролираните, 26 оператори не биле регистрирани во АХВ.
„16 оператри немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна“, стои во соопштението на АХВ.
За утврдените неправилности, АХВ изрече парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се 103 решенија за отстранување на недоследностите и 23 опомени.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.

