Македонија
Пратениците за една година потрошиле 14,3 милиони за патни трошоци, објави Левица
Во држава во која минималната плата едвај достигнува 400 евра, а јавните политики постојано се правдаат со „недостаток на средства“, пратениците само во една година потрошиле 14.369.470 денари за патни трошоци. Станува збор за износ кој јасно ја разоткрива изопачената хиерархија на приоритети – за комфорот на елитата секогаш има пари, но за основните потреби на граѓаните континуирано нема, велат од Левица.
„Со оваа сума би можело да се реконструираат и опремат училишни кабинети, да се набават медицински апарати за регионални болници што со години работат без или со застарена опрема, да се финансираат јавни кујни за илјадници сиромашни семејства во текот на цела зима, да се субвенционираат градинките за коишто градоначалниците на ДПМНЕ ги зголемија надоместоците на товар на граѓаните. Наместо тоа, 14 милиони завршија во систем на патни надоместоци кој одамна не служи за покривање реални трошоци, туку како дополнителен извор на лични приходи“, велат од партијата.
Според Левица, апсурдот станува уште поочигледен ако се направи директна споредба со социјалните политики што државата одбива да ги финансира.
„Истата таа држава не субвенционира меѓуградски превоз за студентите, кои секојдневно патуваат на сопствен трошок за да можат да студираат. Истата таа власт го одби и амандманот на Левица за субвенции за кирии за жени жртви на семејно насилство, оставајќи ги без институционална поддршка во најкритичните моменти од нивниот живот. Но, додека за студентските билети и за безбедниот кров над глава на жртвите на насилство „нема пари“, за пратеничките кирии од по 400 ЕУР месечно и за патните трошоци секогаш има. Има пратеници кои истовремено наплаќаат и кирии и патни трошоци. Има и такви кои поседуваат сопствени станови во Скопје, а сепак земаат патни надоместоци. Буџетот се користи како штит за привилегираните, а како изговор за најранливите. Пари има за удобноста на функционерите, но не и за мобилноста на студентите и за елементарната сигурност на жените жртви на насилство“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека Левица останува единствената парламентарна партија чии пратеници не земаат ниту денар за патни трошоци, гориво, патарини, амортизација, ниту пак за кирии.
„Додека владејачката структура предводена од ДПМНЕ и Мицкоски го одржува системот на расипнички бенефиции, граѓаните со минимална плата од 400 евра и со отсутна социјална поддршка плаќаат двојна цена – прво преку буџетот што се троши за туѓ комфор, и второ преку државата што им свртува грб кога им е најпотребна“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

