Македонија
Прва доза вакцина вчера примиле 1.450 граѓани

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 447.543 граѓани.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 254.154 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.450 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.065 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 431.174 дози вакцини, а ревакцинирани се 177.020 граѓани.
Со последните бројки 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Протерани тројцата Бугари, меѓу кои пратеник: Добија времена забрана за влез во Македонија и казна

Тројцата Бугари кои со погрдни зборови навредуваа полицајци на границата „Деве Баир“, по што беа уапсени, се протерани од Македонија. Судот во Крива Паланка им изрече забрана за влез во Македонија во наредните три години. Ќе треба да платат и по 300 евра казна за сторениот прекршок. Ваков е исходот од нивното изведување пред судија на претходна постапка.
Меѓу уапсените, а сега протераните е и пратеникот на „Вазраждане“ Ангел Георгиев. Тој тврди дека бил тепан од полицајците, а тоа го пренесоа и медиумите од Бугарија. Од видеото споделено на социјалните мрежи се гледа само како тој е уапсен бидејќи не почитуваше наредба од службениците кои побараа од него да не снима, како и поплака зошто го апсат и да не го удираат.
Инцидентот се случи попладнево, кога тој и други граѓани останаа на границата „Деве Баир“.
Македонија
Грковска во Вашингтон: Западен Балкан е во срцето на Европа и тоа го прави клучен за стабилноста

За Северна Македонија, како најнова членка на НАТО Алијансата партнерството со САД, како и зачувувањето на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е од врвен приоритет. Западен Балкан е регион од стратешко значење за НАТО“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во синоќешното обраќање во Вашингтон, на панелот „Како да се спротивставиме на руското и кинеското влијание на Западен Балкан“, во организација на меѓународната независна Трансатлантската мрежа на лидери, со што и ја заврши работната недела во САД.
Таа нагласи дека е неопходна силна определба и упорност, независно од тоа што и Северна Македонија, како и останатите земји од регионот е изложена на руско влијание.
„Не смееме да дозволиме политички предизвици да станат безбедносни проблеми“ порача вицепремиерката Грковска, и дополни дека со се подолгото одложување на отпочнувањето на пристапните преговори граѓаните губат доверба во политиките кои се во насока на исполнување на нашата најважна стратешка цел – да бидеме дел од ЕУ. Следствено, со тоа и расте влијанието од Русија и Кина како резултат на зголемената недоверба на граѓаните.
За да се намали и спречи ваквото влијание, додаде вицепремиерката Грковска, важно е државите да ги негуваат демократските вредности, да го промовираат и унапредуваат владеењето на правото, еднаквоста пред законите, како и доследно да ги имплементираат принципите на доброто владеење. За крај, вицепремиерката порача дека силна економија во ЕУ значи стабилен регион. А тоа не можеме да го постигнеме без поддршката од САД.
Македонија
Алијанса за Албанците ги осуди говорот на омраза и инцидентите во Скопје од „Комитите“ и навредите од Бугарите

Алијанса за Албанците го осудува говорот на омраза и инцидентите предизвикани во центарот на Скопје од страна на „Комитите“, како и навредите од некои бугарски државјани упатени кон припадниците на македонската полиција на граничниот премин Деве Баир.
„ Ваквата ескалација не придонесува за релаксација на односите меѓу двете земји и европската интеграција на Македонија. Ваквите антиевропски сцени се срамни и од нив треба да се дистанцира политиката во Скопје и Софија.
Алијанса за Албанците апелира на итно смирување и умерено дејствување. Страните треба да ги решаваат недоразбирањата меѓу министерствата за надворешни работи, во европски дух и фокусирајќи се на спроведувањето на договорот за пријателство меѓу двете земји“ велат од партијата.