Македонија
Прв состанок на телото за помирување

Координативното тело за помирување и интеграција денеска ќе го одржи својот прв состанок, а се очекува независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да го презентира предлог-законот за амнестија на лицата што не вршеле насилство на 27 април минатата година при упадот во Собранието.
Неофицијално, во предлогот ќе се бара еден вид преквалификација на делото за дел од обвинетите, но сè уште се прават консултации со правни експерти, брифираат од оваа пратеничка група.
Од СДСМ велат дека тие немаат намера да поддржат амнестија на насилниците и на нарачателите на крвавиот четврток, но расположени се да ги слушнат предлозите за амнестија што ќе ги испорача телото за помирување.
Од ВМРО-ДПМНЕ, единствената партија што не учествува во телото за помирување, велат дека за нив само целосна амнестија за сите учесници во настаните на 27 април би значела национално помирување.
Претходно, пратениците го отфрлија предлог-законот за амнестија поднесен од ВМРО-ДПМНЕ. Со него партијата побара помилување на сите обвинети и осудени за 27 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во скопската населба Маџари диво работел магацин за храна: АХВ и МВР спречија пуштање во промет на повеќе од 40 тони небезбедни сувомесни производи

По добиено известување од Министерството за внатрешни работи дека во скопската населба Маџари, диво работи магацин за храна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со полицијата спроведе вонреден инспекциски надзор во див објект каде била складирана храна од животинско и од неживотинско потекло. Во објектот кој служел како магацин за храна, а кој не е регистриран во АХВ како оператор, инспекциските служби на Агенцијата нашле 40.751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи), за кои е издадено решение и кои се нештетно уништени, извести АХВ.
Дополнително, во дворот на дивиот магацин, од страна на МВР запленето е превозно средство- комбе, во кое се пронајдени 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи, кои исто така се нештетно уништени.
За расчистување на овој криминал, во рамки на постапката, а со цел прибавување на сите потребни информации, АХВ спроведе контрола и кај увозникот на небезбедните сувомесни производи затекнати во дивиот магацин. Обезбедена е целокупната документација за реализираните увози, како и за следливоста на пратките, за период од последните шест месеци.
Со анализа на документацијата, утврдено е дека дел од производите биле со зголемено количество на фосфати, што било потврдено со лабораториски наоди од земени мостри од пратките кои се увезувале во земјава, а кои биле анализирани во рамки на мониторинг програмата за храна од увоз на АХВ. Пратките со небезбедни сувомесни производи биле складирани кај дистрибутерот (во дивиот магацин), кој имал законска обврска нештетно да ги уништи, но, тоа не го сторил, односно за нив од страна на овластена депонија му било издадена фиктивна потврда за уништување на небезбедните производи.
При спроведениот инспекцискиот надзор во објектите на дистрибутерот, затекнати биле сувомесни производи во вкупна количина од 40.053 килограми, кои биле ставени под официјален надзор, а подоцна во рамки на постапката и нештетно уништени. За сторен прекршок неусогласеност со барањата за безбедност на храната и за преземените постапки за спречување на ризик по здравјето на потрошувачите, на правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин за храна, изречена му е казна од 18 илјади евра во денарска противвредност. Со 1500 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице на операторот со храна, соопшти АХВ.
Македонија
ГРОМ: Кој дозволил дискотеката „Пулс“ да работи и покрај пломба на вратата и блокирана сметка?

„Изминаа седум траорни денови од погибието на 59-те млади луѓе и повеќе од 150-те повредени во ужасниот пожар во Кочани. Покрај земјотресот 1963 година и двете авионски несреќи, ова е најголемата катастрофа која се случи од 1945 година па наваму, благодарение на човечката неодговорност и нефункционирањето на институциите на системот“, велат од ГРОМ
„Додека цела Македонија тагува, а заедно со нас и регионот и целиот свет, сведоци сме на груба политизација на овој настан и тоа од никој друг, туку од најодговорноиот, а тоа е актуелната владејачка гарнитура.
Секојдневно ја замајуваат јавноста со непотребни прес конференции, спектакуларни апсења, обидувајќи се себе од виновници да се претстават како спасители на народот. И замислете, токму тие апелираат да нема политизација на овој случај, а напротив, истите го прават спротивното.
Со притварање на цела чета виновници и барање на вина низ историјата, низ годиниве наназад, а не гледајќи вина во денешниве припадници на власта е само невешт политички маневар за истрагата да се оттргне далеку од нивната одговорност.
За Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ, ден „Д“ од каде треба да се насочи истрагата е 21.12.2024 година. Тоа е денот кога официјален државен орган, Управата за Jавни Приходи, на овој објект му ставила пломба и го затворила.
Воопшто не е битно дали тоа била УЈП, ДЗС, ЦУК, Пазарна инспекција или Полиција. Важно е дека официјален надлежен државен орган издал наредба за забрана за работа на овој објект.
Клучно прашање на кое што треба да одговори истрагата е кој го отвори објектот? Кој дозволи да биде отворен објектот? И на крај, со чии политички амин ова незаконито дејствие е истолерирано?
Фактот што дискотеката Пулс до денес се уште има блокирана сметка кажува дека и во моментов овој објект би требало да биде пломбиран. И доколку оваа одлука се почитувала, а надлежните во УЈП, Полицијата и Пазарната инспекција се потрудиле истата одлука да биде спроведена, 59-те млади луѓе денеска ќе беа живи и ниту еден немаше да биде повреден.
Затоа бараме од Јавното обвинителство да не подлегнува на политичките маневри на власта туку ласерот на истрагата да го насочи во вистинска насока и одговорноста да се бара од сегашниот, а не од ланскиот снег“, се наведува во соопштението на Граѓанска Опција за
Македонија-ГРОМ.
Македонија
Склучен Меморандум за соработка со Фондацијата СИЗИГИЈА за реализација на обуки за лица во ризик

Во Министерството за социјална политика демографија и млади се потпиша Меморандум за соработка помеѓу Министерство и СИЗИГИЈА Скопје – Фондација за создавање екосистеми, иновации и трансфер на знаење за личен и деловен развој.
Со Меморандумот потпишан од министерот Фатмир Лимани и г-ѓа Сузана Трајковска Кочанковска од СИЗИГИЈА, Министерството изразува поддршка во активностите на фондацијата преку проектот „Црн лебед“ – кој има за цел поддршка на лица во ризик преку обезбедување на обуки за нивно вклучување во социјални претпријатија и креирање на инклузивни работни места контекст на социо-економски претпријатија.
Проектот „Црн лебед“ е финансиран од Министерството за социјална политика, здравје и заштита на потрошувачите на Република Австрија започнат на 25.01.2025 година со период на имплементација од 12 месеци.
Истиот се реализира во соработка со Impact Hub Aвстрија и Фондацијата СИЗИГИЈА со цел охрабрување на младите жени (15-24 години) кои не се вработени, ниту во образование или обука (NEET), како и лица со попречености, преку обуки, практична работа во фирми и социјални претријатија да ги подобрат своите вештини и можностите за вработување.
Спроведувањето на активностите од проектот „Црн Лебед“ ќе се реализира во Центарот за социјални претпријатија, кој е даден на трајно користење на Министерството за социјална политика, демографија и млади со одлука на Владата на Република Северна Македонија. Реализацијата на активностите е без плаќање на надомест од страна на фондацијата за користење на Центарот.