Македонија
(Видео) Предмети против Мерко во Обвинителство со години тапкаат во место – го пријавувале граѓани, адвокати, Финансиска полиција
Обвинителството сподели дека работи на шест предмети, по кривични пријави поднесени против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Тие дадоа информација само за случаите каде нема јавнообвинителска одлука. Најголем дел се дека тој сторил злоупотреба на службена положба и овластувања и се водат во струшкото Обвинителство. Пријава против Мерко имала и Финансиската полиција. Има и предмети отворени пред осум години, без никаква разрешница од обвинителите.
„КО бр. 107/23 кој е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и преема дејствија за проверка на наводите. КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува. КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток“, велат од Обвинителството.
Кривична пријава во 2015 година има поднесено и Финансиска полиција. Изадена е наредба за вештачење. Дури во 2020 година е издадена наредба за дополнување на вештачење, кое и по три години не е готово.
„Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година“, додаде Обвинителството.
Против Мерко се води случај и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Овој е отворен во 2022 година, а се однесува на ангажмани за адвокатски услуги.
„Предметот е во предистрага и се постапува по истиот“, велат од Обвинителството.
Мерко е осомничен и за измама на повеќе лица, преку експропријација на земјиште во Струга. Овој предмет е во предистрага веќе четири години.
„По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка“, посочуваат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
1426 сообраќајни прекршоци викендов, лишени од слобода 64 лица за безобѕирно управување на возило
Во текот на изминатиот викенд како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ државата, од вкупно 1426 издадени платни налози, 455 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 64 лица, од кои 11 за возење под дејство на алкохол, 27 за возење без возачка дозвола, по еден возач за возење со брзина поголема од дозволената во населено место и возење со брзина поголема од дозволената надвор населено место, а еден поради претходно изречена забрана за управување на возило. Во истиот период одземени се 22 возила по член 300-б од Кривичниот законик.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатиот викенд евидентирани се 187 прекршоци за неправилно паркирање, како и 61 санкција за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 126 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. Исто така санкционирани се 150 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 24 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а седум заради техничка неисправност. Санкционирани се и двајца возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.
Македонија
Околу 30 казни за жители на Карпош поради неправилно постапување со отпад
Од Општина Карпош информираат дека инспекциските служби на општината имаат преземено акција за спроведување на двосменски дежурства, во насока на превентивна контрола при одлагање на кабаст и несоодветен отпад во контејнерите на ЈП „Комунална Хигена“.
Оваа иницијатива, додаваат од таму, произлезе од координативниот состанок кој претходно го организираше Град Скопје и општините во градот Скопје, каде беше договорено да се организираат вакви дежурства.
За време на акцијата, дежурните инспекциските служби кои работеа во две смени, вршеа контроли на повеќе критични локации низ општината, кои во оваа ситуација ги следеа активностите поврзани со одлагањето на кабастиот отпад, како и постапките за почитување на законските надлежности.
„Со присуството на инспекциските служби на теренот низ општина Карпош се овозможи навремено постапување, а во случаите во кои беше забележано неправилно постапување на одложениот отпад, на правните односно на физичките лица им беа изречени прекршочни мерки. Оттука, во текот на месец мај и јуни беа изречени околу 30 казни за граѓаните кои не се придржувале кон пропишаните правила. Самата постапка говори за позитивниот ефект и придонесот за подобрување на фактичката состојбата со регуларното одлагање на отпадот.
Во таа насока, Општина Карпош ќе продолжи со ваквите активности и во наредниот период, кои директно се насочени кон зачувување на животната средина и унапредување на јавната хигена во интерес на сите граѓани“, се истакнува во соопштеното.
Македонија
Започна исплатата на субвенциите за велосипеди, повикот за дополнителна опрема е сè уште активен, вели Герасимовски
Општина Центар почна со исплата на субвенциите за купен велосипед преку проектот „Цел Центар на точак“. На сметките на граѓаните веќе се исплатени првите 90 барања, а во следниот период ќе се реализираат и останатите 100.
Преку оваа еколошка мерка, општината покрива 30 отсто од сумата, односно до 3.000 денари за купување нов велосипед. Истовремено, сè уште е отворен повикот за субвенционирање дополнителна опрема за велосипеди, каде финансиската поддршка изнесува до 1.000 денари, извести Општината.
„Општина Центар сосем заслужено ја носи титулата највело општина во државата. Први почнавме со субвенционирање на алтернативниот превоз, а на барање на граѓаните, први воведовме и поддршка за купување дополнителна опрема“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Проектот „Цел Центар на точак“ е директна инвестиција во одржлива урбана мобилност, поздрави навики на граѓаните и почиста животна средина во центарот на градот, додаваат од Општина Центар.
