Македонија
Предметот за организаторите на 27 април продолжува со завршни зборови, судот не дозволи одново да се предлагаат докази

Откако Вилма Русковска го измени обвинението за „Организатори на 27 април“, адвокатите на обвинетите побараа одлагање на рочиштето за да се произнесат дали предметот да се врати во доказна постапка или да се продолжи со давање завршни зборови. Судот прифати да се одложи расправата, но потенцираше дека обвинителот има право да го измени обвинението. Следното закажано рочиште треба да продолжи со завршни зборови.
„Вие сте искусни и спремни адвокати за секогаш да дадете завршен збор. Главната расправа може да се одложи. Имајќи предвид дека обвинетите и нивните бранители бараат одлагање за подготовка на завршни зборови, главната расправа се одлага за 6 и 12 јули“, рече судијата Илија Трпков.
Адвокатот Гоце Ристески, кој го застапува Спиро Ристовски, наведе кои се промените во изменетиот обвинителен акт за неговиот клиент.
„Во текот на доказната постапка, по првичното обвинение, по околностите кои ги наведов, одбраната предложи, а судот прифати и испита 63 сведоци. Во овој момент, одбраната на Спиро Ристовски не може да се произнесе дали понатаму ќе предложи враќање на предметот во доказна постапка или ќе продолжи со давање завршни зборови, бидејќи денеска е примено изменетото обвинение. Предлагаме главната расправа да се одложи за да одбраната може да се спреми за понатамошниот тек на постапката“, рече адвокатот.
Според адвокатот Дончо Наков, постојат пресуди на апелационите судии каде што предмети биле враќани на повторно судење, бидејќи на одбраната не ` било овозможено по измена на обвинителен акт да даде контрааргументи.
„По изменетиот обвинителен акт, доколку влегувате во фаза на завршни зборови, ниеден од обвинетите не се произнел за правото или признавањето на евентуална вина по изменетиот акт. Ниеден од обвинетите по изменетиот акт не дал своја одбрана по дејствијата кои се изменети. Ниеден од обвинетите не е повикан, ако продолжите со завршен збор, да даде контрааргументи и одбрана, во поглед на ваквиот изменет обвинителен акт. Во судската пракса постојат повеќе пресуди во кои апелациониот суд го враќа предметот, бидејќи не се пружени правата на одбрана кои ги цитирав. Елементарните. Сметам и сакам да кажам дека примарните права на обвинетите на одбрана се повредени. Се приклучувам кон предлогот на Гоце да се даде рок на одбраната за правата на обвинетите да ви бидат предочени“, рече Дончо Наков.
Исти ставови имаа и останатите адвокати.
„Ова ја менува структурата и концепцијата на завршниот збор, којашто како бранител би ја дал за обвинетиот Трајко Вељановски, измените за Спиро Ристовски ги кажа колегата, а такви измени има и кај Миле Јанакиески. Предлагам во овој момент да ни биде овозможено, онака како што наведоа колегите, да се преструктуираме и подготвиме завршниот збор“, рече Еленко Миланов, кој ги застапува Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
Претходно, завршен збор даваше обвинителката Вилма Русковска. Таа кажа дека сè се знаело, сè било испланирано, само не се знаел датумот. Според неа, обвинетите не биле изманипулирани, туку знаеле што прават.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Утре дел од Скопје без вода

Поради дефект на цевка со пречник од 100 милиметри на улицата „1 Долно Лисиче“ бб. утре од 10:00 часот прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населено место Долно Лисиче.
Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, корисниците ќе бидат без водоснабдување се до завршување на интервенцијата.
Поради изведување, пак, на водоводен приклучок од 80 милиметри на улицата „Владимир Назор“ бр.8 во населбата Водно утре од 11:00 часот прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од таа улица и од дел од улицата „Кумровец“. Корисниците ќе бидат без вода се до завршување на интервенцијата.
Македонија
Спасовски: Со партнерството со Словенија успеавме да бидеме пример како може соработката да се одржува, негува и продлабочува

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Љубљана, Република Словенија, се обрати на настан под покровителство на амбасадата на Република Северна Македонија, по повод одбележување 30. години од отворањето на првата амбасада во светот по независноста и осамостојувањето на државата, а на покана од домаќинот на настанот, амбасадорот Горан Милевски, во присуство на заменик Претседателката на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Боштјан Поклукар, претставници на Дипломатскиот кор, стопанственици и претставници на верските заедници, како и сонародници-иселеници од нашата држава.
„Можам да потврдам дека изминативе години со нашето партнерство и соработка со Република Словенија ние успеавме да бидеме пример и да покажеме, не само на просторот на поранешната држава туку и пошироко – како може, кога постои добра волја и низа заеднички интереси, соработката меѓу две земји да се интензивира, одржува, негува и продлабочува примарно имајќи ги во предвид потребите на нашите граѓани, одржувајќи ги на високо ниво претходно воспоставените одлични релации. Дотолку повеќе што во сиве овие години наназад како држави и како институции споделувавме заеднички вредности”, истакна министерот Спасовски, изразувајќи посебна благодарност до Владата на Република Словенија и до словенечкиот народ бидејќи токму Република Словенија беше и остана доследен и лојален партнер на евроатлантски пат на Република Северна Македонија.
„Од аспект на работењето на министерствата за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Словенија, изминативе три децении се период на динамична и плодотворна тесна соработка крунисана со мноштво значајни билатерални договори и конкретни активности во кои што словенечката полиција е тесно инкорпорирана во речиси сите суштински реформски исчекори на македонското МВР во насока на имплементирање на сите важни европски полициски стандарди и критериуми”, рече министерот Спасовски, со уверување дека и во годините пред нас може веќе воспоставената билатерална и мултилатерална соработка преку разните иницијативи, форуми, меѓународни асоцијации, уште повеќе да се продлабочи, да се динамизира во интерес на националната, но и регионална безбедност.
Македонија
Грковска по повод 30 годишнината од дипломатските односи меѓу Македонија и Словенија: Солидарноста секогаш била и ќе остане белег на нашето цврсто пријателство

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, имаше обраќање на вечерашниот прием, организиран од амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија, по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на првото дипломатско претставништво по прогласувањето на независноста на нашата држава.
„Велат пријатели требаат и во добро и во лошо. Овие три децении го потврдија нашето пријателство и покажаа дека навистина и во добро и во лошо бевме заедно и си пруживме поддршка во сите моменти кога тоа беше неопходно. Солидарноста секогаш била и секогаш ќе остане белег на нашите односи, на нашето цврсто пријателство“, истакна вицепремиерката Грковска и додаде дека токму амбасадата во Љубљана е симбол на независноста и симбол на тешкиот дипломатски пат кој го изоде нашата држава за денеска да биде полноправна членка на НАТО и да чекори по евроинтеграцискиот пат за да се придружи на големото европско семејство.
Таа се заблагодари за отвореноста на Словенија да им овозможи студирање на словенечките универзитети на голем број македонски студенти и изрази надеж дека младите кои се стекнуваат со искуство во европските земји, потоа ќе одлучат својата иднина да ја градат дома, во својата татковина, со своите семејства.
„Словенија беше и верувам секогаш ќе остане наш поддржувач и во рамките на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, поддршка којашто е исклучително важна, особено во делот на спроведување на реформските процеси, со цел да ги достигнеме европските стандардни вредности. Вашето искуство за нас е непроценливо имајќи предвид дека делиме заедничко минато, а целиме и кон заедничка иднина во европското семејство“, заклучи вицепремиерката Грковска на приемот во амбасадата во Љубљана, на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.