Контакт

Македонија

Преживеаните музичари од „Пулс“ сведочеа дека не виделе кој ги наместил и активирал прскалките кобната ноќ: „Пожарот почна на рефренот, тргнав кон врата која беше заклучена“

Објавено пред

Со опис на првите искри, паниката и стампедото во кое животот го загубија 63 лица, денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, што избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК.

Професорката и придружна вокалистка, Ана Костадиновска, сведочеше дека пожарот почнал додека ја изведувале песната „Што сака нека биде“, кога на рефренот се вклучиле прскалките. Рече дека тоа не било неочекувано, бидејќи, како што наведе, на таа песна секогаш се палеле.

„Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таму, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира“, рече Костадиновска.

Таа опиша дека се слушнало пукање, почувствувала силна топлина и удар во грбот, по што настанало стампедо. Паднала, ѝ била приклештена ногата и почувствувала силен мирис што ги терал на спиење. Рече дека ѝ помогнало момче кое ги држело будни и ѝ овозможило да ја извлече ногата. Има повреди на коленото и изгореници на лицето, а трагедијата, како што изјави, сè уште не ја прифатила и работи со психолози.

Костадиновска одговораше и на прашања од одбраната. Прашана дали знае како се вклучуваат прскалките, таа одговори дека не знае кој ги местел и кој ги вклучувал.

На прашање дали групата ДНК имала дозвола од МВР за употреба на пиротехника, изјави дека не ѝ е познато. Наведе и дека при тонската проба не забележале пиротехника на бината, како и дека лично никогаш во ниту еден клуб не видела кој ги мести прскалките, ниту знае кој од клубот бил задолжен за тоа.

Костадиновска потврди дека ДНК и претходно во настапите користеле прскалки.

Гитаристот Горан Тонев изјави дека пожарот настанал околу 2:30 часот, кога Панчо кажал сите да излезат оти плафонот почнал да гори. Според него, огнот се ширел екстремно брзо, од сунѓерите на плафонот капеле црни капки и имало густ чад. Наведе дека има изгореници на дишните патишта, десното уво, вратот, лицето и десната рака и дека се лекувал во Солун, а сè уште не може да ја извршува функцијата гитарист.

Тонев рече дека пиротехниката веќе била поставена кога се качиле на бината и дека не знае кој ја поставувал или активирал.

Од околу 50 настапи со бендот, на околу 15 се користела пиротехника. Посочи и дека во 2025 година бината била потесна, плафонот понизок и имало повеќе ЛЕД-ефекти во однос на претходната година.

Алберто Миладинов, кој го снимил пожарот, сведочеше дека плафонот се запалил во 2:32 часот. Рече дека објектот имал само една врата и дека вечерта купил билет од 500 денари без да добие фискална сметка, ниту за билетот ниту за пијалаците. Наведе дека и претходно имало оган при настапи и дека често имало полициски рации, при што малолетниците излегувале пред да дојде полицијата.

Бојан Клименков, кој работел како келнер во „Пулс“, но вечерта дошол како гостин, рече дека и додека работел имало пиротехника внатре и дека не видел кој ја палел, туку дека се палела „на копче“. Изјави дека плафонот се запалил над левата прскалка, по што настанала паника. Според него, сопственикот Дејан се обидел да го изгасне пожарот со ПП-апарат, но не успеал, а потоа било повикано сите да излезат надвор. Рече дека кога бил извлечен надвор се онесвестил.

Во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето продолжува на 5 март.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

Герасимовски во Капиштец: Секој граѓанин ќе може онлајн да ја следи бучавата на клучните точки во општината

Објавено пред

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со својот тим и дел од советниците, вечерва ги ислуша барањата на жителите кои излегоа на собир во Капиштец за да го изразат своето незадоволство од прегласната музика од угостителските објекти и нарушениот јавен ред и мир во населбата.

„Континуирано се справуваме со проблемот со прегласната музика во Капиштец. Покренавме и иницијатива со жителите кои се потпишаа на истата и побаравме сите надлежни институции и ресорни министерства активно да се вклучат во решавањето на проблемот, бидејќи станува збор за прашање кое е во надлежност на повеќе институции, а не само на локалната самоуправа. За жал, иако имавме многубројни координативни средби, на терен не добивме соодветна поддршка“, истакна Герасимовски.

Тој нагласи дека Општина Центар во рамки на своите надлежности редовно спроведува контроли и изрекува санкции, а на повеќе локации низ општината се поставени дигитални мерачи за бучава.

„Апликацијата наскоро ќе биде достапна онлајн и секој граѓанин ќе може да ја следи бучавата на клучните точки во општината, вклучително и во Капиштец. Еден од мерачите е поставен во близина на угостителски објект на улицата „Народен фронт“. Податоците ќе бидат јавно достапни преку ГИС-платформата и веб-страницата на Општина Центар“, рече Герасимовски.

Жителите побараа засилено присуство на полицијата во населбата, посочувајќи дека во ноќните часови се нарушуваат редот и мирот во околината на угостителските објекти. Тие укажаа и на узурпација на јавните површини, како и на несоодветно однесување на дел од посетителите во алкохолизирана состојба.

„Општина Центар останува отворена за соработка со граѓаните и ќе продолжи активно да ги презема сите мерки што се во нејзина надлежност за подобрување на квалитетот на живот во Капиштец и останатите населби“.

Прикажи повеќе...

Македонија

Жителите на Капиштец на протест: Секој викенд сме изложени на прегласна музика, сериозен проблем е и паркингот

Објавено пред

На денешниот мирен протест, жителите на Капиштец со порака до надлежните институции,
бараме почитување на законите, еднаков третман за сите и итни мерки против, како што велат, долгогодишното дивеење на дел од угостителските објекти во населбата, како и решавање на сè поголемиот колапс со паркирањето на резиденцијалните паркинзи.

„Со децении жителите на Капиштец се соочуваат со сериозен проблем на прекумерна бучава од
угостителски објекти во непосредна близина. Наместо мирна и безбедна животна средина, наместо
викенди поминати во спокој и одмор, речиси секој викенд жителите на оваа населба се изложени на
прегласна музика, нарушен сон, стрес, нарушување на јавниот ред и мир и континуирано деградирање
на квалитетот на животот.
Факт е дека најголемиот број граѓански поплаки и пријави со години се однесуваат на работењето на угостителскиот објект „Интермецо“, кој иако е регистриран како објект за подготовка и послужување пијалаци, во пракса функционира како дискотека, а неретко и како концертен простор на отворено. Но проблемот одамна не е само еден објект. Поради долгогодишното неефикасно и недоволно санкционирање, сè повеќе угостителски објекти ги поместуваат границите на дозволеното, создавајќи атмосфера на неказнивост. Проблемот не само што не се решава, туку од година во година расте, и по бројот на прекршувања и по интензитетот на бучавата“, велат претставници на иницијативата „За пристоен Капиштец“.

Дополнително, жителите, како што велат, се соочуваат и со сериозен проблем со паркирањето.

Реагираат дека резиденцијалните паркинзи сè почесто се узурпирани од посетители на угостителските објекти, поради што жителите што плаќаат и имаат право на паркинг места остануваат без можност да ги користат.

„Нашите барања не се насочени против угостителството, туризмот, забавата или развојот на градот. И ние сме посетители на ресторани, кафулиња и културни настани. Бараме единствено законите да важат еднакво за сите и да се применуваат без исклучок“, додаваат иницијаторите на настанот.

Граѓаните на оваа населба ги повикуваат општинските и градските власти:
„Да ги засилат инспекциските контроли и да обезбедат доследна примена на законите и
подзаконските акти за заштита од бучава;
Да ги применуваат сите расположливи законски мерки против повторувачите на прекршоците,
вклучително и привремена забрана за вршење дејност сè до отстранување на неправилностите;
Да преземат конкретни мерки за заштита на резиденцијалните паркинзи и обезбедување
непречен пристап за жителите.
Од Министерството за внатрешни работи бараат да ги усогласи интерните процедури за мерење на бучава со важечките законски и подзаконски прописи;
Да обезбеди мерење на бучавата на локациите каде што таа реално ги погодува граѓаните, пред
нивните домови, прозорци и фасади;
Да инсистира на поефикасно санкционирање на повеќекратните прекршители, бидејќи
долгогодишната практика покажува дека прекршочните пријави сами по себе не даваат резултат.

„Денешниот протест беше достоинствен, мирен и граѓански. Тој не е насочен против никого, туку
претставува повик за почитување на правото на здрав и достоинствен живот во сопствениот дом“.

Прикажи повеќе...

Македонија

Муцунски ќе учествува на бизнис форум во Турција

Објавено пред

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, утре во Истанбул ќе учествува и ќе се обрати на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција.

Форумот, организиран од владите на двете земји, ќе ги обедини претставниците на институциите на највисоко ниво и бизнис-заедниците од двете држави, со цел унапредување на економската и трговската соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства. На настанот се очекува учество на голем број компании од двете земји, кои ќе реализираат B2B и B2G средби.

Бизнис форумот ќе го отворат министерот Муцунски и неговиот хомолог, министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат.

На маргините на форумот, Муцунски ќе оствари билатерална средба со министерот Болат, на која се очекува да стане збор за економските односи меѓу двете земји, можностите за натамошно зголемување на трговската размена, привлекувањето инвестиции, како и за унапредувањето на севкупната економска соработка.

Настанот претставува значајна можност за продлабочување на економските врски меѓу Северна Македонија и Турција, како и за воспоставување нови деловни контакти и партнерства меѓу компаниите од двете држави, соопштија од МНР.

Прикажи повеќе...

Најново

Забава3 часа

Една навика по јадењето може да го држи шеќерот под контрола: лекарите со препорака

По обилниот оброк, многу луѓе само сакаат да се одморат на креветот, но експертите истакнуваат дека едноставна промена во рутината...

Свет3 часа

Стармер по оставката на министерот: Ќе направам сè за безбедноста на Велика Британија

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека „секогаш ќе прави сè што е потребно за да ја одржи земјата безбедна“, откако...

Македонија4 часа

Герасимовски во Капиштец: Секој граѓанин ќе може онлајн да ја следи бучавата на клучните точки во општината

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со својот тим и дел од советниците, вечерва ги ислуша барањата на жителите...

Македонија4 часа

Жителите на Капиштец на протест: Секој викенд сме изложени на прегласна музика, сериозен проблем е и паркингот

На денешниот мирен протест, жителите на Капиштец со порака до надлежните институции, бараме почитување на законите, еднаков третман за сите...

Свет4 часа

Сè повеќе бездомници во Европa, трошоците за домување и цените на куќите значително зголемени

Зголемените трошоци за домување сè повеќе го прават правото на соодветно домување недостапно за многу Европејци, што доведува до брзо...

Свет4 часа

Зеленски за ЛГБТ правата: Ние сме модерни луѓе

Володимир Зеленски рече дека правата на ЛГБТ+ заедницата во Украина треба отворено да се дискутираат јавно, што е една од...

Македонија5 часа

Муцунски ќе учествува на бизнис форум во Турција

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, утре во Истанбул ќе учествува и ќе...

Свет5 часа

Трамп: Ги откажувам нападите врз Иран, постигнавме напредок во преговорите

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на Truth Social дека ги откажал планираните напади и бомбардирања на Иран вечерва. Како причина...

Македонија5 часа

Утре променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд

Времето утре, променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, локално проследени со грмежи. Наместа ќе биде нестабилно со...